Израел ќе се појави пред судот во Хаг откако ЈАР го обвини за геноцид

Фото: EPA-EFE/ROBIN UTRECHT

Израел на 11 и 12 јануари ќе одговори на обвиненијата за геноцид пред меѓународен суд за прв пат од почетокот на инвазијата на Појасот Газа, откако Јужноафриканската Република започна процес пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) на Обединетите нации.

Судот во Хаг го објави распоредот на рочиштата вчеравечер. Јужноафриканската Република (ЈАР) ќе го изнесе своето обвинение на 11-ти, а Израел ќе се брани на 12-ти. Двете страни ќе добијат по два часа.

ЈАР, повикувајќи се на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, во петокот поднесе документ во кој на осумдесет страници објаснува зошто верува дека Израел врши геноцид во палестинската енклава. Двете земји се потписнички на Конвенцијата.

ЈАР бара судот веднаш да дејствува и да нареди прекин на насилството врз Палестинците. Оваа африканска земја смета дека израелските напади се од геноциден карактер, бидејќи нивната цел е уништување на Палестинците во областа.

Документот вклучува обвинувања за злосторства извршени од израелската армија врз Палестинците, како и изјави на израелското раководство кои наводно укажуваат на намера за геноцид.

Лиор Хајат, портпарол на израелското Министерство за надворешни работи, ги отфрла обвинувањата.

-Израел со гадење ја отфрла крвната клевета што Јужноафриканската Република ја шири со оваа жалба до МСП, напиша тој минатата недела на „Х“.

Тужбата нема фактички и правни основи, напиша тој, додавајќи дека овој суд и меѓународната заедница треба целосно да ги отфрлат неоснованите тврдења на ЈАР.

Хајат тврди дека само Хамас е одговорен за страдањата во Газа и дека Израел прави се што може за да ги минимизира страдањата на цивилното население.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот