Измамените граѓани уплаќаат илјадници евра за докуп на пензиски стаж
Најголем интерес за докуп на стаж има кај лицата што треба да го исполнат законскиот услов за остварување право на пензија, а тоа е 15 години работен стаж. Проблемот датира од пред 2009 година
Илјадници евра плаќаат граѓаните за да стигнат до своја пензија затоа што фирмите во кои некогаш работеле не им уплаќале пензиско осигурување. Законските измени што го овозможуваат ова се донесени уште во 2015 година, а како што велат од Фондот за пензиско осигурување, и понатаму има голем интерес за докуп на пензиски стаж.
Препорачано
Според Законот, може да се докупи стаж само за периодот до 31 декември 2008 година. Причината е што од 1 јануари 2009 почна системот на интегрирана наплата на придонеси, односно концептот на бруто-плата, па оттогаш работодавачот мора автоматски да ги плаќа придонесите. Кога се носеа законските измени се проценуваше дека 40.000 граѓани, не по своја вина, имаат дупка во стажот. Практиката покажа дека многумина работеле со години, имале здравствено осигурување, но немале поим дека фирмите не им уплаќаат пензиски стаж.
– Интересот за докуп на стаж не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. По овој основ до 31.12 2025 година од Фондот се наплатени 4.222.217.002 денари (68,6 милиони евра, н.з.) – велат од Фондот за ПИОМ.
Најголем интерес за докуп на стаж има кај лицата што треба да го исполнат законскиот услов за остварување право на пензија, а тоа е 15 години работен стаж.
– Придонесот се пресметува на 20 проценти од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барањето за докуп на стаж, објавена од Државниот завод за статистика – објаснуваат од Фондот во изјава за „Слободен печат“.
Во практика ова значи дека ако некој сега поднесе барање за докуп на стаж, за секој месец ќе треба да уплати по 9.036 денари, или за една година 108.475 денари.
Право на докуп на стаж имаат сите лица осигуреници што биле во редовен работен однос, односно на работа, врз чија основа биле пријавени во задолжително социјално осигурување, а од страна на обврзникот за пресметка и плаќање на придонес не е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.
– Плаќањето на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување може да го изврши лицето само за себе, а може да го извршат и членовите на семејството за починат осигуреник, заради остварување право на семејна пензија. Докупот на стаж може да се врши само доколку фирмите, обврзници за пресметка и плаќање на придонес, се во стечај или се затворени, односно ликвидирани – велат од Фондот за ПИОМ.
Оттаму појаснија дека правото на „докуп на стаж“ се однесува на осигурениците без оглед на возраста, доколку се исполнети условите во согласност со закон, без ограничување на периодот за кој сакаат да уплатат придонеси.
– Нема ограничување за важењето на одредбата за докуп на стаж. Односно како и секоја регулатива и оваа важи додека не се донесе нова – прецизираа од Фондот за ПИОМ.


