Изложба во Скопје во чест на легендарниот италијански фудбалер Паоло Роси
Во „Мала станица“ изложени се 500 експонати, меѓу кои многу во врска со италијанската фудбалска легенда, но и дресови на освојувачи на „Златната топка“ и други трофеи
Изложбата за легендарниот италијански фудбалер Паоло Роси (1956-2020) е отворена во Скопје во изложбениот простор „Мала станица“, а ќе трае до 21 април. Влезот е бесплатен. Насловот на изложбата е „Паоло Роси – златното момче и легендите на фудбалот“.
Препорачано
Изложени се 500 експонати во врска со Роси, но има и дресовите на освојувачи на „Златната топка“ и други трофеи, како дресот на Лионел Меси од финалето на Светското првенство во Катар.

Оваа изложба ја отворија техничкиот премиер Талат Џафери и вдовицата на Роси, Федерика Капелети.
Директор на изложбата е Карло Сберги и тој на отворањето зборуваше за Роси и за неговото значење во италијанскиот фудбал.
Роси, меѓу другото, ги освоил трофеите „Златна топка“ за најдобар европски фудбалер, „Златна копачка“ за најдобар стрелец и „Златна топка“ за најдобар играч на Светското првенство во 1982 што го освои Италија.

И италијанскиот амбасадор во Македонија Андреа Силвестри зборуваше за Роси со гордост и со длабока почит.

Специјален гостин на отворањето беше Џанлука Ѕамброта, легенда на италијанскиот фудбал и светски првак од Мундијалот во 2006 година.
Спонзор е компанијата „Трим Лум“, а организацијата е во соработка со Италијанската амбасада во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград и Фудбалската федерација на Македонија.




