Изложба во „Ко-Ра“: Дематеријализација на ноќта како епифеномен

Во Малиот салон на Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје од 7 до 21 април е поставена изложбата „Кинетика на ноќта“ на уметницата Билјана Билбилоска, а претставени се 15 слики изработени во акрилна техника, насликани во последните две години.

Сликарката Билјана Билбилоска дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има реализирано повеќе самостојни изложби, а освен во Македонија, групно се има претставувано и во Србија, Турција, Романија, Франција и САД. Се занимава со графички дизајн, илустрација и филм.

Во разговор за „Културен печат“, објаснува што ја привлекло да ја визуализира ноќта, како недоволно проучен феномен на нашето постоење.

– Ноќта, според мене, носи повисока поетичност од денот, и токму затоа решив да ја визуализирам. Од друга страна, многу често се соочувам со останување будна до доцна во ноќта, па така и често имам прилика да ја набљудувам во сите свои манифестации, а најмногу визуелни. Кога сме кај визуелноста, ноќта нуди естетска игра на бои стигајќи до бесконечни комбинации од перцепции, сенки, светла, форми и движења кои во содејство со различноста на изворот на светлина, формираат единствен сликовен момент во конкретна ситуација. Ова не значи дека визуелната уметност треба да остане само на нивото на естетиката. Уметничкото дело може да ги транспонира сите димензии на личноста и животот во еден творечки процес – смета Билбилоска.

Ноќта како будност, тишината како звук, спокојот како емотивна кинетика, сето тоа Билбилоска успева да го обедини во една единствена уметничка целина / Фотографија: Дијана Богдановска

Таа додава и дека многу често слика ноќе, бидејќи тишината за неа е гласна.

– Отсуството на звуци и надворешната тишина ја отвораат мојата внатрешна бучност. Тогаш сум повеќе во контакт со себе и можам лесно да се фокусирам на формирање визуелна композиција. За уметникот е важно да биде задлабочен во делото во текот на творењето. Во спротивно, тоа би било инстант-процес на плитка игра – вели таа.

Изложбата е направена со слики во акрилна техника, но за неа тоа не значи дека не смее да се експериментира со техниките.

– Кога почнав да сликам со акрил, еден период ми беше напорно да навлезам во „душата“ на тој материјал. Претходно сликав со маслени бои, но акрилот е доста специфичен за работа. Бара време за да почне да се контролира и надвладее. Но, кога еднаш го совладав и го разбрав, ја открив и убавината и предностите на тој практичен сликарски аспект. Со техниките експериментирам до определени граници, а тоа значи дека никогаш не дозволувам техниката да биде цел сама по себе во визуелната композиција. Ликовната уметност не е техника, туку техниката е средство која овозможува таа да се оствари. Во последно време работам и дигитални графики кои овозможуваат брзо постигнување на тоа што сум го замислила, но во овој случај на олеснителна околност, визуелната естетика во никој случај не смее да потфрли. Уметничкото дело мора да има тежина и порака – потенцира Билбилоска.

За крај, ја прашавме дали наоѓа блискост во нејзиниот ликовен израз со некои од познатите мајстори на платното.

– Далеку сум од познатите мајстори и од какви било споредби од тој тип. Но, за формата, бојата и нивните меѓусебни комбинации учам и истражувам од Пол Кле, Паула Модерсон – Бекер, Хуан Миро, Василиј Кандински, Емил Нолд, Едвард Мунг, Наталија Гончарова. Во дигиталната уметност се обидувам барем само малку во нешто да заличам на Џорџија О’Киф, проценувајќи дека за мене е недостижна во уметничка смисла – открива Билбилоска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 125, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот