Изложба во Чифте амам: „Везење во камен“ на Моника Мотеска

Мултимедијалниот проект „Везење во камен“ на Моника Мотеска ги претставува најновите истражувања на уметницата. Проектот е комплексна инсталација која го анимира целиот простор на Чифте амам, а се состои од неколку независни, но меѓусебно поврзани визуелни дела во различен медиум, од најкласичните цртежи-слики, преку просторни редимејд објектни скулптури/инсталации, сѐ до видео и звучни дела/инсталации. Мотеска ја покажува својата ликовно-концептуална вештина, пред сѐ, во класичните форми на визуелно изразување, а потоа и во предизвиците кои ги нудат т.н. новомедиумски дисциплини, во кои до израз доаѓа вештината за концептуално промислување, за манипулирање на простор, за реинтерпретација на редимејд објекти и нивно ставање во нова функција, за звукот, движењето, кадрирањето, сензацијата, играта на светло-сенка итн.

Самиот концепт „Везење во камен“ и најголем дел од посебните елементи на изложбата се своевидно враќање на корените, на нејзиниот роден Прилеп, на предметите од фамилијарната куќа, на приказните на бабата на уметничката, на макотрпната работа на македонскиот народ, на тутуноберачите, на мермерот, на вечната борба помеѓу животот и смртта, за опстојувањето и оставањето трага.

Авторката Моника Мотеска и кураторката Ана Франговска

Низ рацете на Мотеска сите користени елементи добиваат нов живот, нов призвук, нова димензија, мермерот омекнува, ирисот од гробно цвеќе станува симбол на гордост и повторно радување на убавината и животот, битот на животот одекнува, поставувајќи го прашањето за симболиката на живот или на смрт. Куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос, а изложбата ќе биде поставена до 22 декември во Чифте амам во Старата скопска чаршија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 59, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот