Фотографија од изложбата на Зоран Андонов

Изложба на документарни фотографии од Зоран Андонов на тема „Водици“ ќе биде отворена во Тетово

Тетовскиот фотограф Зоран Андонов на 18 март 2026 година ќе се претстави со изложба на документарна фотографија со наслов „Водици 2002-2026“.

Фотографирајќи го празникот Водици во изминативе 24 години тој има направено преку 3.000 фотографии, а на изложбата ќе претстави 162 од нив. Изложбата ќе биде отворена во Музеј на тетовскиот крај (Дом АРМ) во среда, во 19 часот.

– За секоја година одбрав по шест фотографии правејќи на тој начин по една мала приказна од најзначајните моменти кои го одбележале ова чествување. Акцентот го ставив на документарната фотографија, која е тесно поврзана со мојата професија новинар, но секако се обидов да го запазам и уметничкиот аспект на овие фотографии. Празникот Водици навистина е благородна тема за фотографирање, па така неколку од изложените фотографии беа примени на изложби организирани во Македонија, но и во странство – вели Зоран Андонов.

Почнал во 2002 година, откако во претходната година го набавил својот прв дигитален фотоапарат.

– Почнав редовно да го следам чествувањето на Водици (ги имам пропуштено само 2003, 2016, 2021 и 2025 година, и тоа поради објективни причини). Од 2018 година почнав да го следам положувањето на крстот и во Црквата Св. Богородица во Горно маало, а на оваа изложба имам фотографии и од Стенче, Волковија и манастирот Св. Јован Бигорски, односно положувањето на крстот во реките Вардар и Радика – се потсетува Андонов.

Тој вели дека ако зборуваме со речникот на фотографијата, тогаш Водици сигурно е еден од најфотогеничните верски празници.

– Сета таа процесија, почнувајќи од службата во црквата, насобраниот народ, осветувањето на водата, чин кој најчесто го извршува владиката, па оние млади, а некогаш и постари, момчиња кои бестрашно и со атрактивни скокови влегуваат во плиткиот црковен базен со ладна вода, борбата меѓу нив кој ќе го фати крстот, заедничката радост и честитањето на победникот и на крајот големата желба на насобраниот народ да наполни барем едно шишенце од осветената вода, сето ова дава прекрасна можност да се направи не само документарна фотографија, туку и фотографија која ќе има и уметнички предиспозиции – потенцира тетовскиот новинар и фотограф.

Зоран Андонов е роден во 1959 година. По професија е новинар со 37-годишно работно искуство во новинарството. Како новинар известувал за националните медиуми: МТВ, Канал 5, и во пишаните медиуми: Вест, Дневник и Утрински весник како новинар и фоторепортер. Сега работи како новинар-фоторепортер за електронската редакција „Сакам да кажам“. Како новинар дописник од Тетово известувал за бројни настани со разна тематика, а неговите фотографии, освен во домашните пишани и електронски медиуми, повеќе пати биле објавувани и од странски новински агенции.

Со фотографија се занимава повеќе од 40 години. Од 1993 година член е на Фото сојузот на Македонија, а од 2018 година член на Извршниот одбор на ФСМ. Во 2012 година го добива звањето „Фотограф права класа“ на Фото сојузот на Македонија. Досега има реализирано 4 самостојни изложби на фотографија, а учествувал и на голем број републички и меѓународни изложби на фотографија од каде има освојувано повеќе награди и признанија. Член е на Фото групата „Чкрап!“ од Тетово.

Коавтор е на делото „Лексикон на странски сликари кои престојувале во Македонија во периодот 1850-1950 година“, на авторот Влатко Милошевски, издадено во 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот