Изградбата на мостот никако да заврши, кејот непрооден шест години

Од едната страна лимени табли со кои е заграден недовршениот објект – копија на некогашниот Офицерски дом, а од другата страна тараби со кои е ограден влезот на мостот каде што требаше да биде сместено панорамското тркало, а меѓу нив еден метар широка каллива и неосветлена патека по која минуваат граѓаните, кои се движат покрај Вардар. Вака некако со години изгледа овој дел во најстрогиот центар на Скопје.

Доколку некој се реши од плоштад да тргне накај Градскиот парк, одејќи покрај Вардар, мора да помине по оваа патека која води кон паркингот на МЕПСО, затоа што движењето долу на кејот е невозможно заради оградите од мостот. Пешачкиот мост што се протега над реката до Македонскиот народен театар навидум е готов, но сѐ уште не е пуштен во употреба.

– Градежните работи се во финална фаза и наскоро ќе бидат целосно завршени. Поради корона-пандемијата градежните работи беа забавени и затоа се одолговлечи процесот. Во моментов се вршат некои финални занаетчиски работи (плочки, браварија и слично) – велат од Град Скопје, без да прецизираат кога мостот ќе се пушти во употреба, со што ќе се овозможи нормално движење на пешаците во овој дел.

Мостот почна да се гради пред шест години и на него требаше да биде поставено  панорамско тркало заедно со неколку придружни содржини. И овој објект, како и сѐ друго од проектот „Скопје 2014“ требаше да биде со барокен изглед.

По доаѓањето на власт на новата градска гарнитура на чело со Петре Шилегов, првичната идеја беше мостот да се урне за да се ослободи коритото на Вардар, а со тоа да се намали и опасноста од излевање на реката. Потоа Градот реши сепак да не го урива мостот, затоа што увиде дека уривањето би чинело исто колку доградбата. Град Скопје склучи договор со ГП „Бетон“ мостот да се догради по пониска цена од онаа во претходниот договор, односно наместо 7, Градот да доплати 3,1 милиони евра. Па, така, пред година и пол почнаа градежните работи за негова доградба како висечки пешачки премин, со сајли наместо столбови во реката и со проѕирна ограда за да не го попречува видикот од Камени мост кон мостот „Гоце Делчев“.

До почетокот на годинава целосно беше исчистено коритото на реката од градежен шут и од бетонските столбови на кои требаше да стои панорамското тркало. Остана да се постават уште пристапни рампи и да се завршат некои ситни зафати, па според Шилегов, мостот пролетта требаше да биде отворен за пешаци. Сега од Град Скопје повторно велат дека работите се при крај, но повеќе не кажуваат кога ќе биде пуштен во употреба мостот, со што кејот би станал прооден, и конечно би се тргнале грдите лимени огради.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот