Избори: Aктуелниот претседател на грчката опозициска ПАСОК Никос Андрулакис е во водство
Сè поверојатно е дека претседателот ќе се одбере следната недела во вториот круг, а за сега, според првичните официјални резултати, на втората позиција е актуелниот градоначалник на Атина Харис Дукас
Со пребројани 69,5 отсто од гласачките места, односно над 50 отсто од гласовите, актуелниот претседател на грчката опозициска ПАСОК Никос Андрулакис е во водство со 32,32 проценти на денешните избори за партиски лидер, на кои имаше голем одзив и учество на над 300.000 гласачи, јави дописничката на МИА од Атина.
Сè поверојатно е дека претседателот ќе се одбере следната недела во вториот круг, а за сега, според првичните официјални резултати, на втората позиција е актуелниот градоначалник на Атина Харис Дукас со 22,48 проценти, зад него се поранешниот министер Павлос Геруланос со 19,66 отсто и поранешната еврокомесарка Ана Диамантопулу со 17,92 проценти, а потоа следат поранешниот претседател на пратеничката група Михалис Катринис и пратеничката Надиа Јанакопулу со едноцифрен број гласови.
Според грчките медиуми, не е исклучена можноста додека да се пребројат сите гласови да има и пресврт на втората позиција.
На изборите гласаа над 301.355 поддржувачи на партијата, меѓу кои и оние кои денеска станаа членови, а поради големиот одзив и редиците во одредени гласачки места, гласањето беше продолжено за еден час.
Претходните избори во Социјалистичката партија, која минатиот месец прослави 50 години постоење, се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите како цел постави партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и партијата остана зад СИРИЗА Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи изборите за претседател на партијата да се одржат на 6 октомври.
На парламентарните избори во јуни минатата година, ПАСОК освои 11,84 отсто од гласовите, а на евроизборите пред четири месеци, исто така беше на третата позиција зад СИРИЗА со 12,79 отсто од гласовите