Иво сајбер-ајкула, „предатор“ во море од профит, изиграни закони и шпионажа (1)

Проф. д-р Фросина Ременски

Овој краток финансиски дел од работењето на две од вкупно пет фирми со иста намена и со ист управител (Иво Малинковски) и со многу интересна странска агентурна мрежа во сопственичката структура на фирмите, говори дека брзорастечките фирми за производство и продажба на шпионски софтвери („Предатор“), очигледно со или без дозвола од МВР правеле МИЛИОНСКИ профити од продажба на софтвери за следење на комуникации и давање услуги (шпионски?), без да платат реален данок на добивка кон државата.

Пред да почнете да ги читате овие опасно интересни, шпионски, вистинити приказни, погледнете ја сликата со тетоважа на ајкула на машка нога. Ајкулите се познати предатори на морските води – тие напаѓаат и убиваат. Првиот дел од овие крими-шпионски, вистинити приказни ќе го почнам со една (од пет) скопски фирми „CYSHARK“ чие име е кованица од два збора „Cyber“ и „Shark“ или на македонски јазик „САЈШАРК“ како кованица од зборовите „Сајбер“ и „Ајкула“. Фирмата „САЈШАРК“ е синоним за производство на шпионскиот софтвер „Предатор“ што во целост одговара на симболиката ајкула-предатор во морските (сајбер) води. Што би рекла една германска осигурителна компанија: „сајбер просторот стана море со многу ајкули од кои нема да може да се спаси светот“.

Да почнам со ред. Во март 2017 година, Кривичниот суд – Скопје неуспешно се обидува да го почне судењето за случајот „Трезор“, во кој првообвинети за назаконска набавка и уништување опрема за следење на комуникации во УБК се Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Никола Бошковски. Додека траат обидите за почеток на судењето и додека истата група го подготвува 27 април во Скопје на Камник, покрај сликаната група извршители на Сашо Мијалков под фантомки, паѓа и договор за тоа како ќе продолжи незаконското следење на комуникациите (но, со нов модус операнди), односно КОЈ ќе ги преземе контактите со неофицијалните Израелци кои „не делеле провизии“ со Кабинетот на директорот на УБК и во Петтата управа.

Паѓа договор во истиот месец – март 2017 година – да се регистрираат две трговски друштва за развој на софтвери, трговија и услуги – првата основана „САЈШАРК“ (Cyshark) и втората „САЈТРОКС“ (Cytrox). Двете друштва имаат ист управител – Иво Малинковски. Паѓа договор и за план Б кој треба да се примени во случај некој да „падне“ и да се „откријат операциите“.  „САЈШАРК“ ДООЕЛ – Скопје со ЕМБС: 7187254 е основана на 8 март 2017 година, со седиште на бул. „8 Септември“ во Скопје, Општина Карпош. Капиталот на ова друштво за развој на софтвери бил СТРАНСКИ, оф-шор. Како сопственици на фирмата се јавува оф-шор компанија „ЈУЈИДА ХОЛДИНГ ЛИМИТЕД“ регистрирана на Манглиер 2 кат, Квадрант, Викторија, Махе, СЕЈШЕЛИ и еден млад Израелец програмер Моше Фаркаш. За управител со ограничени овластувања оф-шор компанијата го назначува Иво Малинковски кој како контакт ја наведува имејл-адресата …@micei.com.mk.

ПРАВНА ДИГРЕСИЈА БР. 1: Производство, нудење на продажба, продажба, увоз, извоз, реекспорт или држење на средства за следење на комуникациите не може да се врши без одобрение што го издава Министерството за внатрешни работи врз основа на поднесено писмено барање од правно лице, во прилог на кое е доставена техничка спецификација на видот и карактеристиките на средствата кои можат да бидат наменети за следење на комуникациите. Фирмата „САЈШАРК“ до МВР, на 6 октомври 2017 година, доставила Барање за одобрение за производство и продажба на софтвер потпишано од директор Иво Малинковски бр. 03-7/1, заведено на 6.10.2017 година под бр. 08-68173/1. Во барањето фирмата/директорот наведува дека „САЈШАРК“ се занимава со развој и со производство на софтверски продукти и со апликации за мобилни телефони, компјутери и други комуникациски уреди, кои можат да се употребат за заштита на податоци и комуникации, како и за следење на комуникации. Па, оттука, бараат да им се издаде дозвола од МВР за производство и продажба на софтверите што произведуваат и може да се категоризираат во продукти што може да служат за следење на комуникациите. Фирмата и директорот се понудиле да достават техничка спецификација за софтверските продукти.

Набргу потоа, до Одделот за информатика и телекомуникации на МВР на 7.11.2017 година била доставена техничка спецификација на софтверските продукти бр. 03-22/2, заведена на 07.12.2017 година под бр. 11-75880/1 (два листа), но не од барателот, фирмата „САЈШАРК“, туку од втората фирма „САЈТРОКС“ АД со која исто така директорувал Иво Малинковски. Од техничката спецификација за софтверските продукти за следење на комуникации за кои се бара дозвола за производство и извоз, кратко се наведуваат 4 групи софтверски пакети со опис и примери:

  1. Мобилни оперативни системи – OSs оперативни мобилни уреди – Android, EMUI, Tizen, Sailfish,OS, Samsung Experience, iOS и др.
  2. Фиксни оперативни системи – OSs за компјутери, сервери и други електронски уреди – Linox, BSD, OSx, Windows и др.
  3. Комуникациски протоколи – Протоколи за трансмисија на информации – Mime, Bluetooth, TCP/IP, UDP, RTP, SSH, FTP/SFTP, HTTP/HTTPS, SMTP, MTP, PPP, Bitcoin protocol, VoIP, SS7, DVB, 2G, 3G, 4G, LTE и др.
  4. Апликации и услуги – софтвери за комуникациски апликации и онлајн услуги – имејл (Yahoo, Gmail, Outlook и др.), VoIP&Instant Messaging (Skype, Whatsapp, FB messenger, Telegram и др.), Social Media (Facebook, Instagram, Handgouts и др.), Online storage (Google drive, Dropbox и др.).

Не се знае дали МВР ДАЛО одобрение (?) за производство и извоз на овие софтверски продукти категоризирани како опрема за следење комуникации, но загрижуваат податоците од обработените годишни сметки за фирмите „САЈШАРК“ и „САЈТРОКС“ од 2017 до 2020 година, од кои се гледа приходот на фирмите остварен од продажба на продуктите.

Па така: „САЈШАРК“ оф-шор компанијата со управител Иво Малинковски остварила: Приход од продажба 2017 година – 164.980.000 денари со 711.819 (?) добивка данок на добивка; Приход од продажба 2018 година – 6.947.690 денари со 0 (?) денари данок на добивка; Приход од продажба 2019 година – 0 денари со 0 денари данок на добивка; Приход од продажба 2020 година – 0 денари со 0 денари данок на добивка.„САЈТРОКС“ АД со управител Иво Малинковски остварила: Приход од продажба 2017 година – 3.639.300 денари со 0 денари (?) данок на добивка, односно 24.11.407 денари (?) загуба пред оданочување; Приход од продажба 2018 година – 69.892.980 денари со 0 денари (?) данок на добивка, односно 23.546.935 (?) загуба пред оданочување; Финансиски приход 2019 година – 6.134.272 денари со 0 денари (?) данок на добивка, односно 78.860.822 (?) денари загуба пред оданочување; Финансиски приход 2020 година – 93.084.548 денари со 0 денари (?) данок на добивка, односно 7.511.068 (?) денари загуба пред оданочување; Финансиски приход 2021 година – 12.839.520 денари со 0 (?) денари данок на добивка, односно 10.207.642 (?) денари загуба пред оданочување.

Овој краток финансиски дел од работењето на две од вкупно пет фирми со иста намена и со ист управител (Иво Малинковски) и со многу интересна странска агентурна мрежа во сопственичката структура на фирмите, говори дека брзорастечките фирми за производство и продажба на шпионски софтвери („Предатор“), очигледно со или без дозвола од МВР правеле МИЛИОНСКИ профити од продажба на софтвери за следење на комуникации и давање услуги (шпионски?), без да платат реален данок на добивка кон државата. Па, така, во јавно достапната листа на должници на Управата за јавни приходи (УЈП) за 2019 и 2020 година на 132 место се наоѓа фирмата „САЈШАРК“ ДООЕЛ Скопје со долг за неплатен данок на добивка во висина од 12.205.453 денари. Дали е платен, кој знае?

Ако се заинтересирате да дознаете чија е денес фирмата за развој на софтвери за следење на комуникации „САЈШАРК“ ДООЕЛ ќе видите дека, откако на Кипар полицијата го фати и го заплени шпионското комбе за следење на комуникации на партнерот на Иво Малинковски – Тал Дилиан, тој се потрудил да не остави никаква трага во актуелната тековна состојба на фирмата која ја оставил во сопственост на неговата баба во години Каља Ангелова.

ПРАВНА ДИГРЕСИЈА БР. 2: Глоба во износ до 10% од вкупниот годишен приход остварен во деловната година ќе му се изрече за прекршок на правно лице ако произведува, нуди на продажба, продава, врши увоз, извоз, реекспорт или држи средства за следење на комуникациите без одобрение на Министерството за внатрешни работи. Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице, односно за трговецот поединец ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец за прекршокот погоре. Средствата наменети за следење на комуникациите ќе се одземат.

Во последниот извештај што на 9 јануари 2023 година го објави Анкетната комисија при Европскиот парламент за злоупотребата на шпионските софтвери за следење на комуникации и надзор, се вели: „…шпионската алијанса ја сочинуваат фирми со измешана сопственичка структура што постојано се менува за да ги прикријат трагите од злоупотребите во нелегалната продажба и злоупотреба на софтвери за следење на комуникации на граѓаните…, неколку ентитети се наоѓаат во Северна Македонија“.

Ако Германија во март 2022 година поведе истрага и ја затвори германско-британската фирма FinFiher затоа што продавала шпионски софтвер без дозвола на сојузната влада и без почитување на европската регулатива, тогаш легитимно и релевантно е прашањето што и како презело или ќе преземат македонските МВР, АНБ и ОЈО по овие прашања откако ќе ги дочитаат и следните неколку продолженија што ќе ги однесат до кривичната пријава за шпионажа и за следење комуникации за која организирано се молчи повеќе од 15 месеци.

СЛЕДНО: Во вториот дел од комплексната крими-шпионска вистинита приказна со македонски предзнак која се одвива на територијата на државата, регионот, земјите од ЕУ и пошироко која продолжува, ќе ги откријам и другите три фирми со ваква намена, како и странските државјани (Израелци) во сопственичката структура што оствариле огромен материјален и нематеријален „профит“ од продажбата на опрема за следење на комуникациите преку изигрување на даночните обврски кон државата и контролите од страна на МВР, како и профит од давање шпионски услуги и правење уцени (?) во и надвор од територијата на нашата држава.

П.С. Истражувачката студија што ја читате и ќе ја читате деновиве е базирана на точни информации во пишана форма, обезбедени на законски начин преку платени е-услуги кон институциите што им ги издаваат на барателите како достапни информации. Од целото мое досегашно научноистражувачко искуство заклучив дека со компјутер никој не може да се договара – дали ќе ја даде или нема да ја даде бараната информација. Што не е случај со факторот човек или со факторот институција.

(Продолжува во следниот број)

(Авторката е универзитетска професорка)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот