Италијанскиот остров Капри е популарна дестинација за туристите/Фото: EPA-EFE/GIUSEPPE CATUOGNO

Италија планира драстично зголемување на туристичките такси

Италија предлага драстично зголемување на туристичките такси за да им помогне на градовите со ограничени финансии да ги зголемат приходите и да ги направат посетителите „поодговорни“ во услови на растечко јавно незадоволство поради прекумерниот туризам. Здруженијата на хотелиерството и туристичката индустрија се револтирани од планот, кој предвидува давачка до 25 евра по ноќевање за најскапите хотелски соби.

„Заедничката цел мора да биде поддршка на растот, а не забавување“, се вели во соопштението на здружението „Федералберги“, кое ги претставува малите и средни хотели, пренесува Фајненшл тајмс.

Здруженијата кои ги претставуваат големите хотели и глобалните синџири, предупредија дека Италија веќе се соочува со остра конкуренција од другите европски дестинации и може да ги загуби посетителите поради, како што ги нарече, „веќе многу високите“ зголемувања на туристичката такса.

Министерството за туризам соопшти дека планира „дијалог“ со релевантните индустриски тела во септември за „можниот предлог за измена на правилата за туристичка такса“.

„Во време на прекумерен туризам, разговараме за ова за навистина да помогнеме во подобрувањето на услугите и да ги направиме туристите што плаќаат поодговорни“, велат од Министерството.

Дебатата доаѓа во време кога Италија се соочува со силен притисок врз нејзините јавни финансии, при што се очекува нејзиниот долг да достигне речиси 140 отсто од БДП оваа година, според прогнозите на ММФ, а годишните трошоци за сервисирање на долгот сега се речиси еднакви на трошоците за јавното образование.

Италијанската туристичка индустрија забележа силно закрепнување по колапсот предизвикан од пандемијата ковид-19. Многу Италијанци се незадоволни од последиците од прекумерниот туризам, додека историските градски центри го губат својот традиционален карактер и сè повеќе урбани станови се користат за краткорочно изнајмување на туристи.

Во новиот предлог на Владата се предвидува зголемување на горната граница на туристичката такса на пет евра по соба од ноќевање за соба што чини помалку од 100 евра, 10 евра за ноќевање за соби од 100 до 400 евра, 15 евра за соби од 400 до 750 евра и 25 евра за соби кои чинат повеќе од 750 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот