Истрелите од автоматска пушка биле наменети за Трамп
Истрелите што се слушнале близу Доналд Трамп во Палм Бич биле „наменети за него“, објавија анонимни лица, запознаени со првичната истрага.
Препорачано
Изворите на кои се повикува Си-ен-ен укажуваат дека било пукано од „автоматска пушка од стилот на калашников“.
Тајната служба итно реагирала и во врска со инцидентот било запрено возило во близина.
Тајната служба, задолжена за безбедноста на актуелниот и на поранешните претседатели на САД сѐ уште не објавила детали, освен дека спроведува истрага во соработка со шерифот на округот Палм Бич. Истрелите се слушнале нешто пред 14 часот според локално време, близу до Трамп, кој тогаш играл голф во неговиот клуб. Тој не е повреден и бил префрлен на безбедно, а клубот бил затворен.
Пред два месеца 20-годишниот Томас Метју Крукс испука од пушка осум куршуми кон Доналд Трамп додека претседателскиот кандидат на републиканците се обраќал од говорница на митинг во Батлер во Пенсилванија. Еден од куршумите полесно го рани Трамп во увото, но друг смртно застрела учесник на митингот и ранил уште двајца.
Тајната служба тогаш презеде одговорност, бидејќи не го поставила правилно безбедносниот круг околу поранешниот претседател, а не реагирала итно откако луѓе забележале човек со пушка на покрив близу бината.


