Истражување на „Меѓаши“: Децата сакаат настава со физичко присуство

Македонија училиште ученици наставник професор
Настава во време на пандемија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Желби Сакам да седам во училница и да се дружиме како порано. Да учиме, да бидеме испрашувани и да се гледаме меѓу себе и со наставниците и со другите деца, се вели во детското писмо до министерката за образование Мила Царовска

Децата сакаат да бидат слушнати, сакаат настава со физичко присуство, покажа истражувањето на Првата детска амбасада „Меѓаши“ направено врз 1.200 малолетници на возраст од 10 до 18 години во јуни, со цел да се дознае како децата се приспособиле на онлајн наставата со посебно внимание на насилството на интернет.

Професорката Софија Арнаудова, психолог, вели дека децата се добро информирани за пандемијата, најмногу од телевизија и од интернет. Додека траела онлајн наставата, најмногу им недостигало училиштето и социјализацијата. Тие сакаат настава со физичко присуство за да не се чувствуваат осамени.

„Сакам да седам во училница и да се дружиме како порано. Да учиме, да бидеме испрашувани и да се гледаме меѓу себе и со наставниците и со другите деца“, се вели во писмо со детските ставови, што било испратено на министерката за образование Мила Царовска.

Драги Змијанац, основач и претседател на „Меѓаши“, е загрижен од податокот дека 5 отсто од учениците немале пристап до интернет, а третина делат компјутер со друг член на семејството.

Еден од проблемите предизвикани од онлајн наставата бил и тој дека децата што самостојно се групирале заради решавање задачи, исклучувале некои свои врсници или ги исмевале поради понискиот социјален статус. Истражувачите потенцираат дека треба да се стави акцент на менталното здравје на децата и дека сајбер насилството треба да биде редовна тема на разговори.

Од „Меѓаши“ откриваат дека децата што имале можност да се обратат до ресорното Министерство прашувале зошто не работат училиштата, а работат кафеаните. Тие сакаат да учат помалку, но поквалитетно. Сакаат да следат настава со физичко присуство во која ќе има интеракција ученик-наставник. Според истражувањето, најголем број од учениците имале нови, но здодевни искуства при онлајн наставата. Се жалеле на лош интернет, дека немаат кому да се јават кога нешто не им е јасно или, пак, дека остануваат без доволно мемориски простор на смартфоните.

Пандемијата направила и промена во психолошкото функционирање на децата. Секое десетто дете има анксиозност или депресија, а секое седмо има посттрауматски стрес поради тоа што лице во семејството било болно од ковид или починало. Кај децата се забележани тешкотии во концентрацијата, вознемиреност и потреба од потиснување на непријатни спомени и чувства. Овие бројки и во моментов растат.

Главниот координативен кризен штаб оцени дека има услови почетокот на новата школска година да биде со физичко присуство на учениците.

– Минатата година покажавме дека може да има успешна онлајн учебна година, но нема подобро образование од она со физичко присуство. Затоа што искуствата и во светот и кај нас покажуваат дека менталното здравје и социјализацијата се дел од учењето. Училиштата се веќе обучени, има протоколи, лани беа отворени за помалите ученици и немавме инциденти на интерно ширење на вирусот – изјави Царовска.

На прагот на школската година, дебатата околу начинот на изведување на наставата е жестока. Три четвртини од родителите не поддржуваат учење од далечина. Другите, пак, сметаат дека се уште нема соодветни капацитети во училиштата за да можат децата да се вратат во училиште. Незадоволни биле од хигиенските услови во училиштата и поради долготрајното седење на децата со маски.

Министерката Царовска очекува новата учебна година да почне со физичко присуство на наставата, по препорака од Главниот кризен штаб кој вчера на состанок оцени дека се создадени услови за отворање на училиштата. Исклучок од одлуката за настава во училиште може бидат учениците со хронични болести или кои имаат член во семејството со хронична болест. Онлајн настава ќе следат и оние ученици што ќе бидат во изолација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот