Истражување: Мравките можат да намирисаат рак во урината

Фото: Профимедиа

Мравките немаат нос, но тоа не ги спречува да надушкаат рак. Благодарение на изобилството на миризливи рецептори на нивните антени, инсектите имаат неверојатно сетило за мирис – и можат да го користат за откривање тумори.

Познато е дека неколку видови рак го менуваат мирисот на урината, но сега за првпат е откриено дека мравките може да ја детектираат оваа промена.

Затоа, научниците посочуваат дека овие инсекти би можеле да се користат како исплатлив начин за идентификување на рак кај пациентите.

„Мравките може да се користат како биодетектори за да се разликуваат здравите индивидуи од оние со тумори. Лесни се за тренирање, брзо учат, многу се ефикасни и не се скапи за чување“, рекла етологот Патриција д’Етор од Универзитетот Сорбона во Париз.

Научниците, во текот на истражувањето, изложиле 70 мравки (formica fusca) на примероци од урина од здрави глувци и од оние со тумор. По три испитувања, мравките успеале да го разликуваат мирисот на урината на здравите глувци од оние што имаат рак.

„Ги трениравме да поврзат одреден мирис, односно урината на болните глувци, со награда. Покажавме дека мравките може да ја разликуваат урината на здравите глувци од урината на оние со тумори. Бевме изненадени колку мравките се ефикасни и сигурни во тој поглед“, рекла д’Етор.

Научниците во следната фаза на студијата, ќе истражуваат дали мравките можат да го направат истото со човечка урина.

Претходните истражувања покажаа дека кучињата, ако се обучени, можат да откријат рак во урината. Исто така, постојат електронски апарати кои можат да откријат одредени видови рак – какви што се ракот на мочен меур, дојка или простата – од примероците на урината.

Истражувањето, под наслов „Мравките дејствуваат како биодетектори за надушкување на тумори“ е објавено во списанието „Ројал сосајети Б: Биолоџикл саенсис“ (Royal Society B: Biological Sciences).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот