Истрагата во Швајцарија ќе бдее над правдата за Кочани
Швајцарската трагедија на новогодишната ноќ во ски – центарот Кран Монтана ја врати македонската јавност на 16 март минатата во дивоградбата во Кочани, особено по бројот на загинати млади луѓе кои отидоа на забава, но нивните родители ги бараа меѓу мртвите и повредените.
Препорачано
На власта оваа трагедија во високоразвиената Швајцарија ѝ дава простор за толкување дека вакви трагедии се случуваат и во развиената Швајцарија, но истрагата што ќе се води таму ќе ја демне правдата за Кочани, која семејствата на вкупно 63 млади луѓе и по девет месеци уште ја бараат, а ниту еден од осомничените уште не е осуден.
Сопружниците, сопственици и менаџери на луксузниот бар „Ле консталасион“(соѕвездие) Жак и Џесика Морети, сè уште не се уапсени, но Обвинителството во кантонот Вале, три дена по несреќата, соопшти дека се осомничени за убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.
– Потврдувам дека е покрената кривична истрага против двајцата менаџери. Оваа кривична истрага ќе овозможи, во соработка со сите засегнати страни, да се подвлечат и истражат сите траги. Како што постојано наведував, ниту една трага или сомнеж нема да се занемарат. Сите можности се истражуваат и со отворањето на истрагата, ќе ни овозможи да продолжиме да делуваме според законот за кривична постапка – изјави Беатрис Пилу, обвинителката на кантонот Вале.
Уште од самиот почеток се гледа првата разлика меѓу двете истраги во различните кривични дела, па швајцарските истражни органи одат на потесен круг на одговорност и убиство од небрежност, додека пак кај нас се гонеа функционери од пред 12 години и сите се обвинети и осомничени за „тешки дела против општата безбедност“, па дури и полицајците за кои се уште нема поднесено обвинение.
Засега швајцарската истрага е на потесен круг осомничени
За адвокатот Јанаки Митровски неблагодарно е да се прават споредби бидејќи се работи за различна земја која има свои специфични закони, но повторува дека обвинението поднесено за Кочани е неодржливо.

– Проблемот е што и самите обвинители знаат дека таму треба да се истражува за одреден дел од обвинетите, тука зборуваме за функционерите за други кривични дела „поткуп“, „несовесно работење“ одредени дела кои се од небрежност, но исто така знаат дека тие кривични дела се одамна застарени. За да се смири јавноста и да не си го навлече гневот на јавноста на нив ја префрлаат топката на судот и му оставаат жежок костен во раце да мора да суди за едно вакво неодржливо обвинение. Многу поиздржано ќе беше и кај нас да се оди со кривично дело убиство од небрежност, меѓутоа тука повторно ќе им настапи проблемот со застареност затоа што, не знам како е во Швајцарија, кај нас тоа кривично дело е до пет години што значи дека апсолутната застареност ќе настапи за десет години. Сите знаеме дека таа квалификација што е дадено е дадена под притисок на јавноста што е секако погрешно. Сведоци сме дека, според лимитираните информации што ги имаме од медиумите, дека таму се осомничени сопствениците на барот, односно се оди во еден многу потесен круг за разлика од кај нас каде што се отиде прешироко што дополнително ја комплицира ситуацијата во насока да биде проблем да се докаже бидејќи голем дел се гонат за соизвршителство – анализира Митровски за „Слободен печат“.
Двата пожари настанаа од пиротехника и речиси на идентичен начин, во „Пулс“ од пиротехниката што ја донел бендот за да биде поефективно, додека пак во „Ле консталасион“ од „прскалки“ на шишиња кои го запалија таванот. Двата објекти имаа лесно запаливи материјали што доведоа до брзо ширење на огнот.
Барот „Соѕвездие“ бил реновиран кога го презеле сегашните газди кои дошле во Швајцарија од француска Корзика, па скалите биле стеснети, плафонот наполнет со акустичен сунѓер.
ВИДЕО | Експлозија во бар во познат швајцарски скијачки центар, има загинати и повредени
Објект со дозвола и вез дозвола
За разлика од случајот во Кочани, каде што фокусот беше ставен на тоа дека дискотеката немала лиценца, а швајцарската постапка е повеќе насочена кон строга одговорност за небрежност во објект кој формално имал дозвола за работа, но не ги почитувал безбедносните протоколи за време на прославата.
Швајцарските власти истражуваат дали користењето на пиротехниката била во согласност со внатрешните прописи на објектот и швајцарските закони, се вештачи изолационата пена (звучна изолација) на таванот, се проверува дали во барот имало повеќе гости од дозволеното и дали паничните излези биле проодни во моментот на несреќата. Во трагедијата загина и 16-годишниот македонски државјанин Стивен Ивановски по потекло од делчевско, но за него има многу малку официјални информации од швајцарските власти. Член на семејството потврдил дека момчето е најдено починато и идентификувано преку ДНК анализа, но се уште се чека официјална потврда од швајцарските власти. Сите загинати се идентификувани, а над стоте повредени се лекуваат во болници во Швајцарија и околните земји.


