24.8 C
Скопје

Историска вистина со повеќе лица

По промената на името за севкупна употреба, доколку и овој „услов“ го прифатиме за некаква ветена европска иднина и се согласиме дека нашиот јазик постои од 1945 година, а пред тоа бил бугарска норма, дека нашата нација насилно е создадена во 1945 година, а пред тоа била бугарска, тогаш ние капитулантски ќе ја прифатиме тезата на Бугарите (но и на Грците), дека сме измислена нација со декрет на Коминтерната и на Тито.

Изиритиран, по малку и исфрустриран од апсурдноста на историско-идентитетските услови, кои источниот сосед Бугарија ги постави како пречка пред продолжувањето на нашите евроинтеграции како „непремостлив“ кинески ѕид и како човек кој одлично ја познава новата (19-20 век) историја на Македонија, но и прилично добро ја знае бугарската во тој временски „теснец“, разбирајќи ги чувствата, перцепциите и националните митолошки фантазмагории за не толку далечното минато на двата народа, ќе пренесам еден став (поимање) на исклучителен бугарски интелектуалец (адвокат, поранешен универзитетски професор, поранешен опозициски пратеник), како гледа на односново „прашање“ кое ги обременува нашите односи и ги доведе до мртва точка по декемвриското вето од официјална Софија.

Во слободен превод, односниот вака гледа од негов диоптер на проблемот, но да уточнам дека ова е погледот на 99 отсто од визурата на целото бугарско општество, особено во делот на политичката класа (каста), научно-академските кругови, општественото милје.

Бугарскиот светоглед

Ова е тој текст во слободен превод: „Да го објаснам со прости зборови проблемот помеѓу Бугарија и Македонија, кој нашите владејачки елити со години не може да им го објаснат ниту на ЕУ ниту на нашите граѓани. Македонија возникнува како самостојна држава дури во 1991 година, по распадот на Титова Југославија. Никогаш претходно Македонија не била самостојна држава, ниту во средновековието ниту во преродбениот процес. На сите со оценка 3-ка по историја им е јасно дека империјата на Александар Македонски од пред 24 века нема ништо заедничко со современа Северна Македонија, а единствено го оставила географското именување на тој регион.

Апсолутно истата судбина ја имаат и останатите поранешни југословенски народи. Со исклучок на Србија и Хрватска, никој од нив низ вековите немал самостојна држава. Тоа важи не само за Македонија, но и за Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, дури и Словенија. Сите тие се појавуваат на политичката карта по југословенските војни кон крајот на минатиот век, т.е. во наше време. Бидејќи немаат своја политичка историја во последните 1.000 до 1.500 години, кога се формирал етничкиот облик на населението, сите тие се обидуваат да ја бараат својата идентичност во денешно време. И бидејќи немаат друг избор, се трудат да ја најдат таа идентичност преку „кражба“ од историјата и личностите од соседните држави. Како и преку кодификација на сопствениот јазик на база на нивниот најблизок соседен народ.

Македонците го кодифицирале својот македонски јазик врз база на бугарска јазична форма во 1945 година. Црногорците, на пример, во моментов се обидуваат да кодифицираат црногорски јазик врз база на српскиот. Каква е разликата во поведението на Црна Гора и Македонија? Драстично различна! Црногорците не одрекуваат и отворено признаваат дека нивниот современ црногорски јазик произникнал од српскиот, повеќето дури и признаваат дека мајчиниот им е српски. Уште повеќе, Црногорците не одрекуваат и си признаваат дека црногорската нација е создадена како клон на српската нација. Точно обратното го прават браќата Македонци. Тие категорично одрекуваат да имаат нешто општо со бугарската нација, кое е апсолутна историска лага. Македонците одрекуваат категорично нивниот јазик да има нешто општо со бугарскиот што е апсолутна јазична лага. Тврдат дека Бугарската егзархија била едвај насилно наложена на македонските епархии – апсурд, тогаш сме биле под власта на Османската империја, во последните десетлетија на 19 век, и покрај тоа што населението им се присоединило преку процес на гласање, т.е. по своја волја. Теоријата за некаква самостојност на македонскиот јазик и нација од пред нивното потпаѓање под српско ропство во 1919 година, по Првата светска војна е толку непристојна, што дури не треба ни да се коментира, ниту да се базира на некакви реалности. Тие стигнуваат и до крајности, кога историски личности што додека биле живи, сами се определувале по етнос како Бугари, тие посмртно ги објавиле за Македонци: браќата Миладинови, Григор Прличев, Гоце Делчев и други. Дури објавениот од Скопје за татко на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, се самоопределувал како етнички Бугарин. Македонците стигнуваат до апсурд кога претендираат дека династијата што ја управувала бугарската држава со престолнина Охрид, по тоа време старата столица Преслав е завладеана од византијците, да е македонска династија, кое е тотална лага и тоа при ситуација кога Цар Самоил, татко му, неговите синови и внуци се објавувале за бугарски. Бугарија навистина се однесуваше братски кон Македонците кога им предложи варијанта за заедничка историја, односно погоренаброените револуционери да се сметаат за заеднички историски личности. Уште повеќе, Бугарија се согласи да признае дека по 1945 година јазикот што се говори крај Вардарот не е бугарски, туку македонски, а нацијата што го населува овој регион не е бугарска, туку македонска. Односно, да им ја признае современата реалност и да не го одрекува суштествувањето на македонска нација и јазик во актуелниот даден момент“.

 Самоубиствено поведение

Во овој цитиран статус се наоѓа целокупниот бугарски светоглед кон „македонското прашање“. Затоа во овој миг решението е далечно колку Марс. Се работи тотално две различни, во својата суштина спротивставени една со друга, и дијаметрално судрени две официјални тези за историјатот, јазичниот геном и коренот на македонската нација. Ова е доказ дека Бугарија отворено, односно бугарската политичка елита преку ветото се обидува да ја наметне нивната (оваа) бугарска официјална верзија за настанувањето на македонскиот јазик и нација, официјално Скопје да ја прифати, за да ги продолжи своите европерспективи. Документирано, со потпис од нашите официјални претставници да „признаеме“ се што Софија вели за нашата историја, јазик и нација.

По промената на името за севкупна употреба, доколку и овој „услов“ (читај уцена), го прифатиме, само и само за некаква ветена, замислена, евроиднина и се согласиме дека нашиот јазик постои од 1945 година, а пред тоа бил бугарска норма, дека нашата нација, насилно е создадена во 1945 година, а пред тоа била бугарска, тогаш ние капитулантски ќе ја прифатиме тезата на Бугарите (но и Грците), дека сме измислена нација со декрет на Коминтерната, но и од Тито. Доколку тоа го дозволиме, ниту имаме право да постоиме, а богами, ќе треба и да подразмислиме, при такво наше самоубиствено поведение, дали Бугарите и Грците, не биле во право сите овие триесет години.

Поврзани вести

Бугарија братски ја подржува Албанија, но не и Македонија

Љубиша Николовски

Да бидеме отворени без оглед на минатото

Владимир Путин

Диктатурата е подобра од демократијата?

Џабир Дерала

Македонија пред крстопатот на ЕУ

Ивица Челиковиќ

Пандевијата заврши, Горан може мирно да заспие!

Милорад Стојмановски

Добро утро џезери

Ѓорѓе Краишник/Ослобоѓење

Остави Коментар