Историја, Новак Ѓоковиќ по седми пат ќе ја заврши годината како најдобар тенисер
Првиот носител на АТП ранг-листата обезбеди пласман во финалето на Мастерсот во Париз и со тоа си го обезбеди првото место на крајот на годината. Ѓоковиќ по седми пат ќе ја заврши годината како најдобар тенисер и ќе го надмине рекордот на неговиот идол Пит Сампрас кој шест пати ја завршуваше годината како најдобар светски тенисер.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ѓоковиќ во полуфиналето во Париз во маратонски меч го совлада Полјакот Хуберт Хуркач со 3:6,6:0,7:6 и во финалето ќе игра со подобриот од вториот полуфинален дуел Александер Зверев – Данил Медведев.
Првиот сет го одлучи една брејк топка која ја имаше Хуркач на сервис на Ѓоковиќ, во осмиот гем Полјакот успеа да направи брејк и потоа да го освои својот сервис и да поведе со 0:1 во сетови.
Одговорот на Ѓоковиќ во вториот сет беше брутален, го остави на нула својот противник, а притоа на свој сервис загуби само четири поени.
Во третиот сет очекувано се водеше голема борба, уште во првиот гем Хуркач имаше брејк топка но Новак успеа да ја спаси и да поведе со 1:0 во гемови. Идентична ситуација беше видена во вториот сет, но овој пат се спаси Хуркач, но тоа не му успеа во четвртиот гем кога Ѓоковиќ сепак успеа да направи брејк и да поведе со 3:1. Десеттиот тенисер на АТП ранг-листата не се предаде, во седмиот гем успеа да направи брејк и да ја врати неизвесноста во мечот.
Откако Ѓоковиќ во десеттиот гем не искористи меч топка, двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис и натпреварот го однесоа во тај-брејкот.
Во него, првиот удар го зададе Хуркач кој поведе со 2:3, но Ѓоковиќ веднаш возврати и израмни на 3:3, а потоа успеа да освои уште еден поен на сервис на противникот што значеше триумф и пласман во финалето како и обезбедување на првото место на АТП ранг листата до крајот на годината.


