Исплатата на пензионерите од Еуростандард ќе се развлече до 25 септември

банки
Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Бирократските процедури, како и фактот дека целата операција се изведува во услови на најжестока здравствена криза, ќе го одолговлечат трансферот на сметките во други банки, па исплатата на пензијата ќе трае и до 25 септември

До истекот на рокот (21 август), околу 30 илјади пензионери, клиенти на пропаднатата Еуростандард или на Македонска пошта извадиле нова трансакциска сметка во друга банка. Нова сметка се уште немаат околу 20 илјади пензионери и тие треба што е можно побрзо да се трансферираат во друга банка. Редиците пред банките во текот на изминатата недела, не престанаа, а здравствените протоколи го забавија отворањето на новите сметки за возрасните лица.

Најголем проблем за кој веќе пишуваше „Слободен печат“ се најстарите граѓани, кој се физички немоќни да се чекаат со часово во ред, а потоа да стојат на шалтер и да пополнуваат формулари. За нив е отворена опцијата со нотарско полномошно, но и во нивните канцеларии мора да се закаже за да се добие слободен термин, кога нотарот ќе го посети пензионерот дома. Во меѓувреме, Македонската банкарска асоцијација, се уште не го доставила до банките образецот за полномошно, па засега граѓаните сами ги прибираат документите за да може да си ја земат пензијата, или социјалната помош. Се на се бирократските процедури, како и фактот дека целата операција се изведува во услови на најжестока здравствена криза, во која е загрозена токму оваа категорија на граѓани, ќе ја одолговлечи мисијата, па исплатата на пензијата ќе трае и до 25 септември.

Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, уште еднаш нагласија дека пензионерите не треба да одат во ПИОМ, туку само да ја известат новата банка дека преку отворената сметка сакаат да ја примаат пензијата или социјалната помош. Ова значи дека банките по службена должност ќе им јават на ПИОМ и на Министерството за труд за промена на сметката, по што институциите ќе знаат каде да ги префрлат парите.  Сите кои не отворија нова сметка, ќе треба тоа да го направат до 07, 14 или 25 септември. Ова значи дека оние кој што не успеале да отворат нова сметка, ќе ја добијат пензијата во текот на следниот месец. Од Фондот за пензиско осигурување велат дека ќе има вонредни исплати во текот на цел септември, но апелираат граѓаните нова трансакциска сметка да извадат што е можно побрзо. За граѓаните, кои веќе имаат нова сметка и картичка, пензија ќе има в среда на 26 август. Пензионерите кои имаат сметка, а не користат картичка ќе можат да ги извадат парите од банка во период од 26 до 1 септември во зависност од висината на пензијата.

Еуростандард банка имаше околу 100.000 клиенти – половината од нив пензионери, останатите вработени или приматели на социјална помош. 34.000 од пензионерите  пензијата ја добива преку Македонска пошта. Сите овие треба итно да отворат нови сметки. Примателите на социјална помош, имаат рок до вторник 25 август да отворат нови трансакциски сметки. Во спротивно и исплатата на помошта и за нив ќе доцни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот