Искрено со Тамара Тодевска: „Нијагара“ е доказ дека секој може да тргне напред

Тамара Тодевска
Тамара Тодевска/ Фото: Мартин Трајановски

Нејзината нова песна „Нијагара“, која излегува денеска, ја посветува на сите луѓе што во одреден момент се почувствувале ранливо и разочарано. Иако е многу емотивна личност и животот ѝ се промени откако минатата година се разведе од сопругот, Тамара Тодевска вели дека кај неа воопшто не е сѐ така црно. И додека наголемо се подготвува да промовира нови песни на регионалниот пазар, најважни ѝ се локалните, домашните случувања – доброто на нејзините деца, Хана и Дарен, за кои со нивниот татко, Александар Димитровски – Мачка, заеднички се грижат. За првпат во јавноста, поп-ѕвездата зборува за разводот и за тоа колку ѝ била болна и стресна разделбата со Мачка, како и за своето сегашно секојдневие со децата. Важна фигура во нејзиниот живот е сестра ѝ Тијана, а хероина за неа е Лила Стојановска, на која ѝ даде голема поддршка откако објави за нејзината борба со ракот на дојка.

Денеска се промовира твојата нова песна, на српски јазик. Како субјективно ја доживуваш оваа песна и што мислиш, како ќе помине кај српската публика?

– „Нијагара“ е насловот на мојата нова песна, која е придружена со видеозапис (спот). Оваа песна ја подготвуваме подолг период и баравме вистински момент за да ја објавиме. Песната е на српски јазик, но е наменета за целиот регион. Направивме и прилично квалитетен спот и оттука верувам дека ќе имаме добра промоција во Македонија, но и во земјите од регионот (Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора).

Тамара Тодевска
Тамара Тодевска / Фото: Мартин Трајановски

И ти си дел од авторите на оваа песна, имаш удел во пишувањето на музиката. Дали и претходно си компонирала и во кој момент ти дојде идејата и инспирацијата за мелодијата?

– Да, се јавувам како автор на текстот, заедно со мојот соработник и пријател Лазар Цветкоски. Првичната идеја за текстот е моја. Сосема случајно, неочекувано ми дојде инспирацијата, па продолжив да ја пишувам, а поддршка во тој процес ми даде Лазе. Првпат се јавувам како текстописец, и тоа е едно поинакво, но и многу вредно искуство, затоа што достигнуваш одредена музичка зрелост, но и кога си меѓу авторскиот тим, песната уште повеќе ја чувствуваш како твоја и се поврзуваш со неа. Првото искуство беше одлично и убедена сум дека и во иднина ќе бидам дел од авторскиот тим на различни песни.

Во каков животен период треба да си, и ти и уметниците воопшто, што треба да ти се случи за да настане една добра љубовна песна?

– Нема правило. Инспирацијата, идејата може да се појави буквално во кој било момент. Впрочем, таа спонтаност и непостоењето притисок, според мене, се клучни предуслови за да може еден уметник да се изрази. „Нијагара“ настана сосема спонтано, а песната се однесува за сите луѓе што во одреден момент се почувствувале ранливо, разочарано. „Нијагара“ е за сите што се неправедно етикетирани, да знаат дека на крајот има решение, а тоа е да продолжиме со борбата. Динамична е, брза, со интересен спот и се надевам ќе ви се допадне.

Минатата година потврди дека се раздели од сопругот, колку често комуницирате сега?

– Секојдневно комуницираме со Мачка. Ние имаме две деца, кои, пред сѐ, сакам да имаат среќно и исполнето детство. Хана и Дарен имаат двајца родители, и за мене многу здраво и нормално е да продолжи комуникацијата меѓу родителите и откако ќе се разделат. Тоа е во интерес на децата, кои се во специфичен период, затоа што се релативно „мали“, но апсолутно сѐ разбираат. Тие сега растат, стекнуваат навики и го обликуваат својот карактер. Затоа одговорноста на родителите е голема, а среќата на Хана и Дарен е наш императив.

Во кој момент знаеше дека вашиот брак ќе заврши, дека нема веќе да бидете заедно, и главно, постојат ли знаци што покажуваат кога е крајот на една љубов?

– Во секој брак, во секоја врска е различно. Нема унифицирани и единствени правила. Партнерите најдобро знаат кога бракот/врската повеќе не функционираат и решаваат да се разделат. Повторно ќе кажам, при разделбите многу е важен интересот на децата. Во никој случај не смееме да ги пренесеме разочараноста и гневот кон децата и тие да претставуваат пинг-понг „топче“.

Те знам како многу емотивна личност, како се справи со оваа животна промена?

– Ако кажам дека ми беше лесно – ќе излажам. Секоја разделба е болна и стресна и тоа не се срамам да го признаам. Некако многумина сакаат да зборуваат дека веднаш продолжуваат напред, дека и разводот може да биде нова можност… не знам, не влегов во тој филм, затоа што според мене, никогаш не треба да ги криеме емоциите и себеси да се залажуваме.
Имам две прекрасни деца, опкружена сум со искрени пријатели, ја работам работата што ја сакам и не е воопшто сѐ така црно.

Тамара Тодевска
Тамара Тодевска / Фото: Мартин Трајановски

Како сега изгледа твоето секојдневие, еден твој обичен ден кога живееш сама со Хана и со Дарен, кој ти помага во обврските?

– Како и на многу други, така тече и мојот ден (се смее). Се будиме, се подготвуваме за градинка и училиште, па продолжувам да вежбам и потоа следуваат другите обврски. Некогаш поминувам повеќе часови во студио, кога подготвуваме нова музика. Се среќавам со моите соработници, договараме настапи и потоа почнува вториот дел од денот, кога Хана и Дарен завршуваат со обврските во училиште и во градинка, но започнува домашниот „хаос“. Многу смеа, но и по некоја караница меѓу брат и сестра.
Морам да ја споменам и нашата Радица, една прекрасна жена што ни помага околу домашните обврски и сите неизмерно ја сакаме и ја почитуваме.

Неодамна беше на Маврициус. Кој момент од ова патување нема да го заборавиш цел живот?

– Поминав прекрасно. Бевме женско друштво од Македонија и имавме навистина незаборавно патување. Па, ќе паметам повеќе моменти. Маврициус е една посебна дестинација. Ако би морала да одвојам посебен момент, веројатно би било искуството во адреналинскиот парк, на зиплајн. Но, ќе ја паметам и дружбата. На крајот од денот, колку и да звучи клише, најважно е со кого ги споделуваш убавите моменти.

Лила Стојановска исто така беше дел од екипата на ова патување, ѝ даде поддршка кога објави за нејзината борба со ракот на дојка. Колку редовно одиш на рутински прегледи и на мамографија?

– Лила е вистинска хероина и нејзината борба треба да ни биде пример на сите. Да го победиш ракот, но и достоинствено и трезвено да се однесуваш во текот на целата болест – навистина е реткост. Мило ми е што таа одлучи да проговори за својата борба и да ги мотивира сите други што се соочуваат со болеста, да бидат силни, да веруваат и да се борат.
Редовно одам на прегледи и ги повикувам сите жени, но и мажи тековно да се прегледуваат. Превентивната медицина е клучна за да се заштитиме од болести. Знам дека на сите ни се стрес болниците, прегледите, но тоа е единствениот начин да се заштитиме, имајќи предвид дека живееме во едно навистина стресно и динамично време.

Кои свои особини ги препознаваш кај твоите деца, а кои не би сакала да ги наследат?

– Мило ми е што се свои, карактерни, енергични и ако нешто наумат, сѐ ќе направат за да го остварат… значи наследиле особини и од мајка им (се смее). Сите имаме и позитивни и негативни страни, па така и децата. И Хана и Дарен сѐ уште растат, созреваат и се градат како личности. И јас и Мачка инсистираме да не им ги наметнуваме нашите ставови или желби за животот. Двајцата посетуваат градинка, училиште, се социјализираат и тие средини, меѓу другото, ќе им помогнат и за да се откријат себеси. Затоа, мислам дека е рано да правиме некоја селекција на добри и лоши особини. Единствено ми е важно да се здрави, среќни и насмеани. А, јас и Мачка секогаш ќе бидеме тука да ги поддржиме.

Поминаа многу години откако не си издала нов албум. Ќе има ли нови песни наскоро и се исплати ли во денешно време да се отпечати цеде или винил, кој повторно е популарен?

– Честопати се зборува на оваа тема, колку е исплатливо во денешно време да се издаде албум, имајќи предвид дека музиката во најголем дел се префрли на дигиталните платформи (Јутјуб, Спотифај, Дизер и сл.). Апсолутно дека има и многу „за“ и „против“ на оваа тема, но тоа што можам да го кажам е дека ќе има многу нова музика од мене. Минатата година крајот на 2022 година ја затворивме со „Замижи“, со која настапив и на фестивалот „Макфест“. А, сега продолжувам со „Нијагара“. Ќе има многу нови песни, настапи и концерти.

Тамара Тодевска
Тамара Тодевска / Фото: Мартин Трајановски

Поминаа 22 години откако си на музичката сцена. Некако како тивко да помина твојот 20-годишен јубилеј и не го нагласуваше многу. Планираш ли големи концерти или некакви поголеми проекти?

– Следуваат многу нови песни, настапи и концерти, како во Македонија, така и во регионот. Македонските изведувачи секогаш одлично котирале во земјите од поранешна Југославија и знам дека и таму има интерес за нашата музика. Значи, ќе бидам многу поприсутна и во Белград, Загреб, Сараево. „Stay tuned!“

Кој совет од сестра ти Тијана никогаш нема да го заборавиш, кога Тијана ти се нашла најмногу во животот и ти нејзе?

– Уф, не можам да одвојам, затоа што сме навистина многу блиски. Имало десетици и десетици совети. Со Тијана сме навистина поврзани и таа сестринска љубов и поддршка буквално се провлекуваат низ мојот живот, како во приватниот, така и во музичката кариера. И двете сме дел од музичкиот свет и можеби тоа придонесе и повеќе да се разбираме, да си помагаме и да се поддржуваме. Постојано се гледаме, се слушаме и си се наоѓаме, како за добро, така и за помалку убавите работи. Живот, моја Милице… живот полн со различни моменти, со луѓе, искуства, но мора да живееме во полн здив.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот