Фото: Приватна архива

Искрено со Андријана Петрушовска, ѕвезда на „Гранд“: Цеца ми даваше поддршка, но се случи неочекуван пресврт и не сум во нејзиниот тим

И оваа сезона младата пејачка повторно е дел од познатото шоу, кое ѝ донесе не само популарност, туку и настапи низ градовите во Македонија, а на пат е да ја сними и својата прва песна.

Андријана Петрушовска (23) од Скопје лани беше меѓу десетте финалистки во регионалното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“. Иако не победи, таа остави впечаток на публиката – не само со настапите, туку и со атрактивниот изглед.

И оваа сезона Андријана повторно е дел од познатото шоу, кое ѝ донесе не само популарност, туку и настапи низ градовите во Македонија, а на пат е да ја сними и својата прва песна. Додека „Гранд“ паузира, Андријана времето го минува во Скопје. Пред повторно да замине во Белград, каде што очекува финале, па и победа, со неа зборувавме за популарноста што ѝ ја донесе регионалното шоу.

– Имам повисоко очекување за себе и за својот резултат во овој циклус и мислам дека ќе стигнам на едно повисоко ниво од мојот минатогодишен настап во „Ѕвездите на Гранд“. Сега кога имам поголемо искуство е полесно. Иако, тремата пред настап постои секогаш, ќе бидам искрена и ќе кажам дека овој пат се чувствувам посамоуверено во своите вокални способности и на натпреварот, а и кога ќе се изгаснат камерите, не ја губам самодовербата – открива Андријана во разговорот за „Слободен печат“, на прашањето какви се очекувањата овој пат и дали можеби се надева на победа.

Фото: Приватна архива

Скопје – Белград е нејзината постојана реализација. Особено ја радува кога добива покани да пее на домашната сцена, а се надева дека еден ден ќе биде дел и од српската сцена.

– Често сум во Белград поради своите ангажмани во „Гранд“ и секако дека ми е голема желба да настапувам на таа сцена. Но, засега моите настапи се тука, во Македонија, а имам и по некој настап во европските градови – вели Петрушовска.

Фото: Приватна архива

Андријана откри дека српската фолк-ѕвезда Светлана Цеца Ражнатовиќ видела голем потенцијал во неа уште лани, па ѝ давала голема поддршка во она што го работи.

– Точно така, Цеца ми даде голема поддршка и одлични коментари, но по некој неочекуван пресврт на настаните, сега сум во тимот на Мили. Како и да е, со самото тоа што лани бев во десетте финалисти е за мене голем успех и токму тој успех ми овозможи место на нашата сцена, добив поддршка, имам голем број настапи и ангажмани низ цела Македонија – раскажува ѕвездата на „Гранд“.

Фото: Приватна архива

Андријана постојано настапува во ноќните клубови низ градовите во Македонија. Вели дека репертоарот секогаш зависи од публика и најчесто пее сè она што нашата сцена го диктира, па така, понекогаш пее забавна музика, понекогаш турбо-фолк.

За среќа, открива таа, досега никогаш не ѝ се случила непријатна ситуација за време на настап, или, пак, невкусно однесување на некој од публиката.

Фото: Приватна архива

Не е тајна дека на социјалните мрежи споделува провокативни фотографии, па ја прашавме, колку и како тоа влијае врз нејзиниот приватен и љубовен живот.

– Ниту грдите ниту лошите коментари не ме погодуваат, затоа што мислењето на другите никогаш не ми било важно. И воопшто не ме интересира кој што зборува. Мислењето на другите никогаш не ми било важно и, секако, никогаш нема да биде. Секој има право на свое мислење – вели младата пејачка и додава дека тоа никогаш не влијаело ниту на нејзиниот љубовен живот.

– Јас сум среќна и насмеана во љубовта и тоа е најважно. Не ме интересира кој што зборува за мене – додава пејачката.

Покрај „Ѕвездите на Гранд“, Петрушовска најави и прва песна со која ќе ѝ се престави на публиката.

ВИДЕО | На чекор до финале: Андријана Петрушовска „растури“ во „Ѕвездите на Гранд“: Цеца и Шерифовиќ воодушевени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот