Иран сега се заканува со затворање на уште еден теснец – последиците би можеле да бидат страшни
По израелскиот напад врз Либан, Иран се закани со „активирање на други фронтови“, меѓу кои се издвојува теснецот Баб ел-Мандеб. Станува збор за стратешки исклучително важен поморски премин, чие затворање би имало далекусежни последици за целокупната светска трговија, пишува Скај њуз.
Препорачано
Клучна точка на светската трговија
Теснецот Баб ел-Мандеб, чие име на арапски значи „Врата на солзите“ поради историски опасните услови за пловење, го поврзува Црвеното Море со Арапското Море.
Неговата стратешка положба е клучна бидејќи на бродовите што доаѓаат од Азија им овозможува пристап до Суецкиот канал, а потоа и кон Средоземјето. Токму затоа претставува една од најпрометните светски поморски рути, особено за транспорт на сурова нафта од Персискиот Залив.
На едниот брег на теснецот се наоѓа Јемен, каде што се стационирани Хутите, група поддржана од Иран.
Последици од затворањето
Професорот Самир Дани од бизнис-школата на Универзитетот Кил претходно објасни дека блокада на пловидбата во ова подрачје би предизвикала нарушувања што далеку го надминуваат пазарот на нафта и гас.
Според него, последиците би биле катастрофални.
„Блокадата на Суецкиот канал би предизвикала целосен хаос во целиот свет, и тоа не само во однос на нафтата и гасот. Со тоа би се задушиле и синџирите на снабдување за секојдневни производи што пристигнуваат од Азија во Европа“, предупреди Дани.
Тој додаде дека затворањето на рутата низ Црвеното Море би ги принудило бродовите да пловат по заобиколен пат околу Рт Добра Надеж.
Тоа, според него, би го продолжило патувањето во просек за 15 дена, ако не и повеќе, би барало значително повеќе гориво и на крајот би довело до нагло зголемување на трошоците за превоз, што на крај би го платиле потрошувачите.
Улогата на Хутите
Хутите, шиитски сојузници на Иран во Јемен, и претходно ја загрозуваа пловидбата низ овој теснец. Во знак на поддршка на Хамас за време на војната во Газа, тие напаѓаа цели надвор од Јемен и ги попречуваа поморските рути околу Арапскиот Полуостров и во Црвеното Море.
Воениот аналитичар Мајкл Кларк смета дека Хутите имаат ограничени, но реални можности.
„Хутите можат да го направат теснецот опасен, што веќе го докажаа, но не и непрооден“, вели Кларк.
Се чини дека Хутите во актуелниот судир главно се држат настрана. Дипломати и аналитичари проценуваат дека групата чека поволен момент за да изврши максимален притисок.
Еден од лидерите на Хутите кон крајот на март за Ројтерс изјави:
„Засега Иран добро стои, секојдневно бележи победи над непријателот и битката се одвива во негова корист. Ако ситуацијата се промени, тогаш ќе процениме што и како понатаму“.


