ИНТЕРВЈУ | Гоце Димовски, директор на ТИРЗ: Насочени сме кон привлекување компании надвор од автомобилскиот сектор
Речиси 70 проценти од постојните компании во ТИР зоните се од автомобилската индустрија. „Дура“ веќе не работи, а „Аптив“ си заминува наредната година – причините се деловни
Вознемиреност внесе веста дека две компании од зоната Бунарџик се повлекуваат од Македонија. Едната, американската компанија од автомобилската индустрија „Дура аутомативе систем“ веќе ја затворила фабриката, а другата, исто така американска и од истиот сектор – „Аптив Македонија“ се подготвува да стави клуч на врата во наредната година. Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Гоце Димовски вели дека се очекуваат нови компании да дојдат во зоните и дека државата прави напори за диверзификација на портфолиото на дејности на компании затоа што имаме преголемо фокусирање на автомобилската индустрија што глобално не е во добра состојба.
Препорачано
По 10 години работа, „Аптив“ најавува дека ќе го затвори погонот во Македонија. Дали можеби тоа има врска со помошта што ја даваше државата на странските инвеститори, а која обично се донесува на период од 10 години?
– Според официјалните информации што ги имаме добиено од менаџментот на „Аптив“, одлуката за фабриката во Македонија е заради планот на „Аптив“ на глобално ниво за нивно реструктурирање и оптимизација. Во однос на државната помош, „Аптив“ во Македонија има активни договори за државна помош, така што тоа во ниеден случај не е причината.

Колку вработени има во компанијата и дали се преговара за нивно преземање од друга компанија што би продолжила со некакво производство во „Аптив“?
– Според нашите информации, станува збор за компанија што вработува околу 500 лица и според информациите што ги имаме од „Аптив Македонија“, неколку мултинационални компании се заинтересирани за преземање на фабриката на „Аптив“ во Македонија, сè со цел да продолжи работа и во 2027 година.
Се најавува и повлекување на американската компанија Дура. Колку вработени има таму?
– Според официјалните податоци што ги имаме за ДУРА, таму беа вработени околу 60 лица. Фабриката веќе не работи.
Во јавноста излегоа информации дека ќе барате враќање на дел од околу 7 милиони евра државна помош што компанијата ја добила во периодот од 2021 до 2023 година. Каква е постапката?
– Врз основа на добиеното известување на „Дура“ дека планираат да го прекинат производството поради тоа што нивниот главен нарачувач – купувач на компонентите што ги произведува „Дура“ во Македонија, позната компанија „Ауди“, им ги прекинала нарачките, од наша страна веднаш беа преземени мерки и активности со што беше ангажиран надворешен ревизор, сè со цел утврдување на фактичката состојба и одржливоста на инвестиција. Според ревизорскиот извештај се утврди дека од нивна страна има прекршување на договорот за државна помош, со што се презедоа сите постапки за враќање на државната помош во согласност со договорот за државна помош.
Очекувате ли нови инвеститори во наредниот период во ТИРЗ?
– Во моментов преговараме со околу 10 странски компании што имаат изразено интерес за инвестирање во Македонија. Нашата посветеност и заложба е во наредниот период да успееме да привлечеме што повеќе нови квалитетни странски инвестиции, кои ќе креираат поголема додадена вредност во македонската економија, односно целта е да привлечеме квалитетни странски инвестиции што ќе имаат високо технолошко производство, а кои ќе бидат извозно ориентирани. Воедно целта ни е да направиме диверзификација на инвестициите поради фактот што речиси 70 проценти од постојните компании во ТИР зоните се од автомобилската индустрија и ние како влада сме насочени кон диверзификација на портфолиото на инвестициите. Кога велам диверзификација, тоа се однесува на производство наменето за воената индустрија, фармација, електроника и други видови производство.


