ИНТЕРВЈУ | СУЗАНА МИЛИЌ, „Валијант“ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ИНТЕРВЈУ | Сузана Милиќ, „Валијант“: Сексот не е валкан – без него немаше да дојдеме на овој свет

Во Македонија, земја што долго време важеше за конзервативна кога станува збор за интимата, Сузана Милиќ пред повеќе од две децении направи храбар и радикален чекор. Заедно со сопругот Горан го основаа познатиот секс-шоп „Валијант“.

Разговаравме за многу теми… Меѓу нив, најважна за мене како новинар, беше нејзината храброст како жена и мајка, нејзиниот пристап кон овој бизнис, автентичноста, и тогаш кога општеството не е подготвено за предрасудите, за притисоците…

„Валијант“ неодамна одбележа 26 години постоење. Како започна целата приказна?

– Ако се вратиме наназад, во тоа време во буквална смисла почнавме да испишуваме историја – вели Сузана.

Иако многу млади, таа и сопругот имале јасна визија и сериозен пристап. Најголемиот предизвик бил фактот што започнувале еден бизнис што речиси не постоел на македонскиот пазар.

„Кога правите нешто што не постои, тоа бара двојно повеќе работа, љубов и посветеност.“

Сузана Милиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со какви предрасуди се соочивте на почетокот – од околината, клиентите, па и од семејството?

– Голема среќа за успех на еден бизнис е кога имате поддршка од семејството и пријателите, кога не наидувате на осуда туку на насмевка, кога не сте деградирани затоа што ова се „валкани“ теми за разговор, за бизнис, кога најважните луѓе во животот ви даваат ветер во грб бидејќи ве познаваат, а другите секако ќе зборуваат иако не ве познаваат. Ние станавме такво општество во кое непознати луѓе знаат работи за нашите животи кои ние самите не ги знаеме – објаснува Сузана.

Дали имаше моменти кога помисливте да се откажете од овој бизнис?

– Бренд не се гради преку ноќ, особено не во ваква специфична дејност. Напротив, се гради со пожртвуваност, постојано вложување и искрен однос кон клиентите. Во 2001 работевме и како видеотека со филмови за возрасни, па преминавме на ДВД и сега веќе секој може на интернет да си гледа што сака. Транзициите направија промени и некои гранки и услуги згаснаа, генерално, не само во нашата дејност. Преживеавме војна, економска криза, ковид… и продолжуваме понатаму со нашата мисија, a едукативниот и информативниот дел од светот на индустријата за возрасни и интимното здравје се наши приоритети.

Дали како жена се чувствувавте поостро осудувана поради изборот на оваа професија?

– Верувам во добрина, во љубов и во слободна мисла. Без предрасуди, без обезвреднување, без погрдни зборови – само така можеме да ги видиме луѓето во вистинско светло.

Сузана Милиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од самиот почеток, нивната мисија била да се зборува јавно за овие теми. За еротски играчки, интимна козметика, сексуално здравје.
Нивниот прв слоган бил:

„Да ги скршиме табуата во новиот милениум.“

Пред две децении, во време без интернет, социјални мрежи и онлајн продажба, таа и нејзиниот сопруг печателе каталози, се рекламирале на ТВ, гостувале во емисии и списанија, посетувале еротски саеми.

– Горан работеше продукциски на првиот филм за возрасни, па втор, па имаше и еден копродукциски со Србија. „Валијант“ го презентираше и првиот еротски магазин „Оргазам“, ако не се лажам излегуваше две години, а во истиот период работевме и со ноќниот клуб „Валијант“, каде што за првпат во Македонија во иста вечер настапуваа машки и женски танчари со тематски вечери од гардероба, музика и сл.

Сузана Милиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Сузана била автор и водител на емисијата VX, која три сезони се емитувала на национални телевизии, каде што јавни личности зборувале отворено за еротиката и сексуалноста.

Како се менуваше односот на луѓето во Македонија кон сексот низ годините?

Таа ни објасни дека луѓето во Македонија се поотворени од порано, но срамот сè уште постои – особено при првата посета на секс-шоп.

– Најчестите стравови се дека ќе бидат осудувани, дека не знаат што да купат, дека прават нешто ‘погрешно’ А кога станува збор за интима, клиентите треба да имаат директен пристап. Сепак, денес има поголема свесност за сексуалното здравје, за разликите меѓу мажите и жените, за фактот дека сексуалните дисфункции не се резервирани само за повозрасните.

Сузана Милиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Дали отвореноста со блиските создава поздрав однос кон телото и интимноста?

– Апсолутно. Ако сакаме сексуално здрави генерации, мора да зборуваме. Сексот не е валкан – сите сме дошле на овој свет токму преку сексот.

Според неа, интимните производи кои се нарачуваат онлајн, бараат личен контакт, разговор и доверба од страна на професионалец. Таа додава дека интимното здравје и сексот не се само прашање на сексуално пренесливи болести: „Тоа е грижа, самосвесност, истражување и прифаќање на сопственото тело, како основа за здрава партнерска релација“.

Сузана Милиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Сузана Милиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Сузана, надвор од улогата на сопственичка, е сопруга, мајка, жена која обожава да готви, да посетува театарски претстави, балет и филм. И секако, дружби со најблиските.

Порака до жените кои се плашат да направат неконвенционален чекор?

– Најважно е човек да биде автентичен и доследен на себе. Мали чекори во вистински правец се големи чекори во животот.

Сузана Милиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот