Интервју со Зорица Николовска, радиоводителка: Радиото ќе живее додека постојат приказни за раскажување
По повод Светскиот ден на радиото, разговараме со Зорица Николовска, глас што речиси 15 години е дел од македонскиот етер. Од утрински почетоци со многу трема, до едно од најслушаните утрински радиошоуа во земјава – „Тик Так и Зорка“ на Радио 2, таа остана доследна на медиумот што, како што вели, не се гледа, туку се чувствува.
Препорачано
Во разговор за „Слободен печат“, Николовска се наврати на своите први чекори зад микрофонот, на радиото како начин на живот, на хемијата со „Тик Так“, но и на поткастите како нов аудиопростор, кој не ја заменува, туку ја надградува магијата на радиото.
Зорица, денеска се одбележува Светскиот ден на радиото, медиумот во кој си веќе со години. Се сеќаваш ли на твоите почетоци зад микрофонот и на првиот момент кога сфати дека радиото е „твоето место“?
– Радиото отсекогаш беше моја голема желба. Растев со радио во собата, секогаш вклучено. Со него се будев и со него заспивав, па некако природно верував дека еден ден и јас ќе бидам зад микрофонот. Сосема случајно забележав оглас за радиоводители на едно национално радио и се пријавив без големи очекувања, повеќе како одговор на таа долгогодишна желба. На мое огромно изненадување, влегов меѓу избраните 300 кандидати, а по неколку селекции завршив во топ 3.
Мојата прва емисија беше викенд-утринска. Бев будна уште во 4 часот наутро, со многу возбуда и мноооооогу трема. За да се смирам, пред себе ставив фотографија од мојата најдобра другарка и си реков дека ѝ зборувам само нејзе, знаејќи дека ме слуша. Во тој момент сфатив дека радиото е навистина моето место. И денес, по речиси 15 години, сè уште сум вљубена во радиото.

Како дете и подоцна како тинејџерка, дали имаше омилени македонски радиоемисии што редовно ги слушаше? Има ли радиоводители од тој период што за тебе беа идоли и на кои, свесно или несвесно, се угледуваше?
– И како дете слушав многу радио, особено детски емисии, а подоцна, како тинејџерка, веќе имав свои омилени радио-ритуали. Со нетрпение ги чекав емисиите „Радио урнебес“, „Светска топ-листа“, „Радио-Визија“, „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“, како и викенд-топ листата на најпопуларни песни… Неделата беше резервирана за радиопренос на шах (омилената на дедо ми) и „Хихириху“, која баш и не ја разбирав, но сите дома редовно ја слушаа. Она што секогаш ме воодушевуваше кај радиоводителите беше нивната спонтаност и уникатниот стил на водење. Секој имаше свој препознатлив глас, ритам и начин на игра со зборовите. Несвесно учев од сите нив, секој шармантен на свој начин. Интересно е што во доцните средношколски години ја слушав и утринската емисија „Тик Так“, без ни да претпоставам дека еден ден ќе станам дел од таа приказна како колешка.
Кога почна да работиш на радио, медиумската сцена беше сосема поинаква. Што беше тоа што те задржа во овој медиум сите овие години?
– Мислам дека најмногу ме задржа чувството на блискост што радиото го создава со слушателите. Тоа е медиум што не се гледа, туку се чувствува, и токму во тоа е неговата магија. Секој ден е нова приказна, нова енергија и нова можност да бидеш дел од нечие утро, патување или расположение. Радиото ме научи на дисциплина, брза реакција, креативност и искреност во комуникацијата. А со текот на времето сфатив дека ова не е само работа, туку начин на живот. Радиото постојано се менува, но таа непосредна врска со слушателите останува и токму таа ме мотивира и денес.

Со „Тик Так“ сте долгогодишен утрински тандем што публиката навистина го сака. Колку е важно за едно радиско шоу да имаш добар колега и вистинска хемија?
– Многу е лесно да работиш наспроти својот најдобар пријател. Ние прво се дружевме (десетина години), а потоа станавме колеги. Уште пред да бидеме заедно на радио, знаевме да се занесеме во дооооолги и забавни разговори. Знаеме сè еден за друг, а сме си биле поддршка и рамо за плачење низ многу фази во тие години.
Бев малку исплашена на почетокот – како ќе звучиме, дали ќе откриеме повеќе од приватното отколку што треба (ха-ха). И денес понекогаш ми се случува да заборавам дека нè слушаат илјадници луѓе и да си мислам дека зборувам само со него. Но токму таа природност ја создаде хемијата што слушателите ја препознаваат. Кога постои доверба и пријателство, разговорот тече лесно, без форсирање. Мислам дека тоа е многу важно за едно утринско шоу – слушателите да почувствуваат искрен разговор, чувствуваат дека и тие се блиски со нас. По толку години заедничка работа, веќе се разбираме и без многу зборови, а тоа е непроценливо во живо радио.
По толку години заедно во етер со „Тик Так“, има ли некоја анегдота што и денес ви е особено драга и што често си ја прераскажувате?
– Анегдоти има навистина многу, особено кога во програмата се вклучуваат слушатели, нивните коментари и прашања често знаат да ја направат емисијата уште позабавна и непредвидлива. На почетокот, во периодот на короната кога емисијата ја водевме од дома, „дел од програмата“ беше и кучето на „Тик Так“ – Пепер. Таа знаеше да се возбуди од некое врапче на прозорецот, па нејзиното лаење се слушаше и во живо, што секогаш ни беше симпатично.
Имало и неколку родендени што и денес ги прераскажуваме, како роденденот со „непријавената шупа“, интервјуто со „Короната“ или моментот кога јас се обидував да зборувам кинески во етер. Навистина има многу вакви ситуации, па тешко е да се одбере само една, токму тие мали, спонтани моменти ја прават утринската програма вистинска авантура.

Поткастите стануваат сè поприсутни, а ти веќе имаш свое искуство и во овој формат. Дали ги гледаш како конкуренција на радиото или како негова природна надградба?
– Повеќе ги гледам како природна надградба отколку како конкуренција. Секој формат има своја улога и своја публика. Радиото ја има таа магија на случување во моментот, енергијата на „сега и веднаш“, додека поткастите нудат простор за подолги разговори и подлабоки теми, кои слушателите можат да ги слушаат кога ним им одговара.
Мислам дека и радиото и поткастите се надополнуваат, затоа што суштината е иста – добра приказна, искрен разговор и глас со кој слушателот може да се поврзе. Денес публиката само има повеќе начини да слуша содржини, што всушност е добра работа за аудиомедиумите. За мене, поткастот беше убаво и поинакво искуство што ми отвори нов простор за креативност, но радиото и понатаму останува мојата прва љубов.
За крај, ако со една реченица треба да се објасни зошто радиото и денес има своја смисла, која би била таа?
– Додека постојат приказни за раскажување и луѓе што сакаат да слушаат, радиото ќе живее.
МАМАВИЗИЈА ЕП04| Николовска: Ми рекоа, „тешко ќе станеш мајка по природен пат“, Мартин е чудо!


