Интервју со Владимир Лазовски и Изабела Новотни од Театарот за деца и младинци: Убаво е чувството кога се поставуваат темели

Владимир Лазовски и Изабела Новотни / Фотографија: Фросина Карловицс

Актерскиот тандем Владимир Лазовски и Изабела Новотни на 1 февруари 2023 година ќе одбележат 30 години од вработувањето во Театарот за деца и младинци во Скопје и сѐ уште со огромни верба и ентузијазам го остваруваат својот театарски сон.

Првовработените актери во Театарот за деца и младинци во Скопје, Владимир Лазовски и Изабела Новотни, со нескриен жар, силни емоции и со бурни сеќавања го живеат моментот во кој одбележуваат тридецениска работа во својата единствена матична куќа. Фактот што својот личен и професионален живот го вградуваат во темелите на установата која им дала безброј среќни моменти на многу генерации дечиња ги исполнува со радост и со убавина.

Посветеноста и ентузијазмот што го имале на почетокот со текот на годините не само што не згаснал, туку напротив, постојано се обновувал и се претворал во нови форми на креација. Својот сон за чиста и искрена театарска емоција успеваат да го пренесат и на следните генерации актерки и актери, кои своето место ќе го најдат во Театарот за деца и младинци.

Средбата со Лазовски и со Новотни ја направивме со желба да ги откриеме нивните соништа, но и да им дадеме поттик на помладите генерации да го следат нивниот пат и да го продолжат нивниот успех.

Во 2020 година Театарот за деца и младинци (ТДМ) во Скопје го одбележа јубилејот 30 години од основањето со мото „Сон што трае“. Годинава вие двајцата го одбележувате јубилејот 30 години од вработувањето во ТДМ. Дали можеби станува збор за истиот сон? Или, каков сон замислувавте пред 30 години?

Изабела: Несомнено станува збор за голем јубилеј, како личен така и за ТДМ. Ако почетоците и создавањето на ТДМ, во услови какви што беа, може да се смета како историски чин во нашето современо културно битисување, тогаш нашето официјално вработување беше прв чин во овој огромен проект во развојот на македонската култура. Да, тоа е истиот сон низ кој патуваме со Театарот, низ сите предизвици, успеси, визии, проблеми… Пред три децении не бев свесна во која авантура се впуштам. Но почнавме со исклучително квалитетни претстави и веќе во првите години и постигнавме големи успеси, како дома така вон земјата. Следеа голем број на награди. Ентузијазмот беше на прво место, сакавме да ја оправдаме довербата на прв и единствен државен театар за деца и младинци. Во тој ритам на премиери, претстави, гостувања, немав ни доволно време да сонувам и да замислам што ќе биде за 20 или 30 години. Времето со работа напросто леташе. И еве сум сега овде. Можеби е подобро од оваа гледна точка да помислам дали направив сѐ што можам.

Владимир: Сонот што трае е сонот што во јаве се остварува! Замислете си како влегувате во еден таков свет, светот на бајките, сказните, приказните, песните, драмите и романите. Замислете си како тој свет можете со едно мало движење, со една насмевка, мисла, со еден кажан збор да го менувате, да го изградувате, да го обликувате. Пред свои очи да гледате како тој свет расте, се развива, размислува, живее, созрева. Како несебично ви ги отвора портите и ви ги открива сите свои тајни, успеси и разочарувања, ги споделува со вас своите желби, својот сон!

Актерскиот тандем на насловната страница на ревијата „Екран“ на 12 август 1993

Што ви даваше поттик и инспирација во текот на сите овие години доследно и професионално да се посветите на работата и подготовките на претстави за деца и младинци?

Изабела: Знаете како, ако сте професионалец во својата работа, посебно во актерството, морате искрено, доследно и максимално да се дадете себеси… нема друг начин за успех на овие „даски“, сцена на која сте изложени на скенирање од бистрите детски главчиња. Ете токму тоа е тој мотив, да оставиме во наследство трага од таа љубов кон театарот, која тие деца и ден-денес ја носат во себе, сега веќе како родители.

Владимир: А сега, замислете си како пред себе ве гледаат, едни симпатично ококорени очиња, ве слушаат начулени ушиња, дечиња што ви ги отвораат своите души желни со вас да влезат во светот на бајките, сказните, романите… Во светот на соништата. Нестрпливи да ги откријат тајните, љубопитно да ги испитаат хероите. Искрено да ги разменат своите мислења со вас. Да растат со вас, сонуваат со вас, да учат од вас, да креираат со вас. Да созреваат. За мене, тоа е вистинскиот поттик и инспирација, сите овие години наназад.

Изабела Новотни – Ако сте професионалец во својата работа, посебно во актерството, морате искрено, доследно и максимално да се дадете себеси / Фотографија: Фросина Карловицс

Што лично ви значи што сте првовработени во ТДМ? Дали некогаш се појавила дилема околу останувањето во ТДМ? Имало ли понуди да се преселите во друг професионален театар?

Владимир: Убаво е чувството кога се поставуваат темели. Темелите на својот дом. Темелите на својот ТДМ. Уште поубаво е чувството кога гледате како во поставувањето на тие темели ви се придружуваат и други „сонувачи“, колеги што го делат и веруваат во истиот сон. Чувството кога гледате како сонот се остварува. Да, имаше понуди. Но, не јас да се преселам кај нив, туку тие да се преселат кај нас!

Изабела: Тогаш не ми значеше многу. Не бев ни свесна за тоа. Само тргнав и упорно работев. Споменав и погоре, несомнено влеговме во историјата на овој театар (ха-ха), иако не сме уште престарени. Со гордост го носам овој епитет. На прашањето околу дилемата… имало дилема, ќе излаже некој ако каже дека не би сакал да направи промена во својот професионален живот, па макар и на кратко, но сепак, внатрешниот глас ме враќал назад на оваа сцена. За некоја година ќе знам и зошто.

Која е спецификата и актерскиот пристап во подготвувањето на претстави за деца и младинци? Има ли разлика во однос на претставите за возрасни? Какви се Вашите искуства?

Изабела: Само прецизното око на театарскиот критичар може да оцени колкав труд стои зад секоја претстава за деца и млади. За подготовката е потребна целосна мобилност на екипата и на техниката, но и на надворешните соработници. Актерите без исклучок, пред сѐ, треба да се физички спремни, затоа што претставите се со комплексни сценски движења и танци, богати и често сложени костими и маски, водење кукли, игра на сенки… Ликовите мораат да нурнат во детската психологија за да го задржат нивното внимание, да има интеракција и да ја разбудат детската фантазија, а притоа да внимаваат пораката да дојде до нив. Со ова исполнуваме уште една задача што ни е дадена, едукација на најмладите, учејќи ги не само на веќе испишаните бајки и приказни, лектири, туку одиме уште еден чекор понапред – создавање општа култура на живеење и однесување. Тука некаде е разликата меѓу претставите за деца и тие за возрасни. Ние ја создаваме и ја едуцираме најмладата публика. Тоа е истата публика што еден ден ќе стапне во салонот на театарот за возрасни, со веќе оформена љубов и почит кон театарската уметност. Ако сме го постигнале ова, тогаш нашата мисија е успешна. А со тоа и нашиот сон.

Владимир Лазовски – Сонот што трае е сонот што во јаве се остварува! / Фотографија: Фросина Карловицс

Детската театарска публика е најблагодарна, најискрена и најотворена за доживување нови знаења и искуства, а ТДМ има извонредно значење и за државата и за општеството. Од друга страна, имајќи ги предвид условите во кои ги создавате претставите, дали ТДМ е доволно ценет и вреднуван?

Владимир: Детската фантазија нема граници. Таа е незапирлива, нескротлива. Постојано е во потрага на нови простори, нови светови, исто како и вработените во ТДМ. Светот во кој, заедно со нашата публика, нашите дечиња, младите, нивните родители, мајки и татковци, баби и дедовци, растеме, учиме, се развиваме, станува претесен. Сите заедно сме во потрага по нови, подостоинствени простории. Сигурен сум дека во скора иднина, сите заедно ќе ги поставиме темелите на тој нов свет, нов и достоинствен објект наречен Театар за деца и младинци – Скопје, затоа што: Сонот што трае е сонот што во јаве се остварува!

Првата заедничка претстава по вработувањето била „Зрното грашок и принцезата“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, премиерно изведена на 24 февруари 1993 година

Што е тоа што го сметате за ваш најголем успех во овие 30 години, имајќи предвид дека ТДМ е меѓу најнаградуваните театри во државата, а има и десетина претстави со над 100 изведби?

Изабела: Не би ги спомнувала во оваа пригода сите претстави кои оставиле голем печат во Театарот. Многу се на број. Но, можеби дека е прво чедо, „Зрното грашок и Принцезата“ (1993) некако ми е сѐ уште при срце. Триесет години во театарот, триесет години со принцезата. Ете тоа е успех, по 30 години и по толку нови генерации деца, повторно и повторно да ги слушаш нивните аплаузи и да ја гледаш возбудата во нивните очи. И уште повеќе, по толку години да дочекаме помладите колеги да ја преземат со исто толку љубов и ентузијазам.

Владимир: По завршувањето на една изведба на претставата „Зрното грашок и Принцезата“ (првиот проект на ТДМ со првовработените актери) ми пријде една мајка со својата ќерка. Праша дали ќе може да се потпишам на боенката на нејзината ќеркичка. „Секако дека може“, одговорив. Се зачудив кога ја погледнав боенката. Беше од првата верзија на боенки, отпечатени пред 30 години. Помислив, можеби снемало од новите боенки, па ги даваат овие стариве. Ја зема боенката од рацете на ќеркичката и ми ја отвори страницата на која пишуваше: „Среќен роденден! Со љубов, Влатко“. „Вие ми ја потпишавте кога го славев својот 9-ти роденден“, ми рече. Нозете ми се пресекоа, рацете почнаа да ми се тресат. Не можев да се потпишам, не знаев што да напишам. Сега се прашувам, дали израснување цела една генерација е мојот, нашиот најголем успех? Не знам. Еве, одговорете вие!

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 164, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот