Фотографија: Приватна архива

Интервју со Тоде Ристо Блажевски: Мојата карикатурна реакција обично почнува со револт

Полни триесет години Тоде Ристо Блажевски ефективно се занимава со цртање карикатури, правење анимирани филмови и пишување сатирични текстови, но можностите за јавна презентација на неговите дела кај нас се крајно лимитирани.

Убави разговори сме имале со Тоде Ристо Блажевски на изложбите на карикатури и на некои од филмските фестивали на кои сме се сретнувале како посетители на настанот. Но, тоа беа само „муабети од нога“. Кога се обидов да дознаам повеќе податоци за неговото творештво, речиси и да не најдов ништо низ медиумите, а тешко ми одеше и потрагата низ интернетот.

Иако порано редовно објавувал свои карикатури во дневни весници и периодични списанија кај нас („Студентски збор“, „Остен“, „Млад борец“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Бирлик“, „Република“, „Комунист“, „Трудбеник“, „Просветен работник“, „Металург“), како и во Србија, Бугарија, БиХ, Турција, во последно време главно е посветен на испраќање уметнички карикатури на специјализирани фестивали, како и на правење анимирани филмови. Затоа сакав да ја слушнам неговата цела приказна, а поводот е проекцијата на неговиот цртан филм „Страв“ на четвртото издание на фестивалот на европски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“.

Во програмата „Европска панорама“ на фестивалот „Флипбук ФФ“ во Скопје беше прикажан Вашиот филм „Страв“. Што значи за авторите на анимирани филмови прикажувањето на нивните дела во фестивалски рамки?

– Големо задоволство е за секој автор, неговото дело на соодветен начин да допре до јавноста, до гледачите, до реципиентите. Се разбира дека и прикажувањето на мојот цртан филм „Страв“ на фестивалот „Флипбук“ ми предизвика не мало задоволство. Овој веќе реномиран, меѓународен фестивал, се специјализира за прикажување врвни анимирани и цртани филмски дела од сите страни на светот, па секако дека е пријатно чувството кога човек, со свој филм (филм кој, сепак, поминал низ некоја селекција), ќе се најде во такво – би рекол одбрано (низ одредена жири селекција) друштво.

А кога веќе сме кај термините анимирани и цртани филмови, нека ми биде дозволено да ја објаснам нивната разлика. Филмските дела што се правени со цртежи на хартија, проѕирна фолија или друга подлога, или кои се цртаат на компјутер, мобилен телефон и слично, кои потоа се оживуваат (се снимаат) филмски (со филмска камера, стоп-трик, или дигитално на компјутер и сл.), последователно, цртеж по цртеж, се нарекуваат цртани филмови.

Филмски дела што се правени со кукли, колажи, песок, глина, пластелин, брашно, сол и други слични материјали, а кои потоа се оживуваат (размрдуваат со мали потези, со мали промени на положбата на ликот што игра), а кои се снимаат филмски (со филмска или дигитална камера и сл.), се нарекуваат анимирани филмови. Но, во новинарството заради просторот (временски – за електронските медиуми и просторот во весникот за печатените медиуми), не е грешка и за едните и за другите филмови да се употребува терминот анимирани филмови.

Фрејм од цртаниот филм „Страв“

Имајќи предвид дека новите технологии многу ја олеснија работата на анимираните филмови, на кој начин беше направен филмот „Страв“?

– Филмот го изработив дигитално, на компјутер. Но, кога ќе се рече компјутерски, тоа не значи дека работењето ми било лесно, дека аниматорот на компјутерот само му дава одредени параметри, наредби… и дека тој самиот работи и изработува сѐ. Компјутерот е само една пософистицирана алатка за цртање и анимирање. Овој уред само малку повеќе ја олеснува работата на аниматорот во споредба со поранешното класично цртање на хартија и фолии и анимирање со разни материјали. Ова олеснување се однесува, пред сѐ, на копирањето на цртежите, кои во дигиталната терминологија се нарекуваат „files“ или „frems“, во правилното, точното подредување на цртежите, во прецизноста на поставување на боите, во „укажување“ на евентуалните грешки итн.

Во процесот на создавањето на цртаниот или анимираниот филм и понатаму главна улога, најважна функција, врши раката и умот на аниматорот. Од нивната способност и изведба зависи колку духовно вреден филм ќе се направи, што ќе се внесе во него, како структурно ќе се конципираат цртежите, како ќе се раскаже приказната, како ќе се искристализира пораката упатена до гледачите итн.

Во процесот на создавањето на цртаниот или анимираниот филм и понатаму главна улога, најважна функција, врши раката и умот на аниматорот / Фотографија: Приватна архива

Колку години се занимавате со правење анимирани филмови и како порано ги создававте Вашите дела?

– Моето занимавање со правење анимирани и цртани филмови опфаќа период од четириесет и три години. Започнав во 1980 година, подзастанав во 1991/2 до 2003 година (поради укинувањето на филмската техника од тој формат), и оттогаш (со појавата на дигиталната технологија, пред сè, на компјутерите), еве сè досега, повеќе од дваесет години – иако сум веќе во поодминати години (75), сѐ уште цртам.

Значи временски (ефективно) се занимавам полни триесет години, и тоа активно, перманентно, значи постојано, работејќи по најмалку два часа дневно во 350-ина дена во годината. За посветување толку време за анимација, секако дека „заслужен“ е мојот компјутер. Компјутерското анимирање не бара големи подготовки како анимирањето во минатото (мислам на цртањето на хартија и на другите подлоги). Тоа ми е главна креативна активност во последниве дваесет години. Велам главна, бидејќи тоа бара најмногу време и посветеност, а и поради тоа што имам и други активности, како што се сликањето и сатиричното пишување.

А, да не заборавам, и да кажам нешто за поранешниот начин на изработување вакви филмови. До појавата на електронската, дигиталната технологија, (телевизијата, компјутерите и др.) цртаните и анимираните филмови секаде, па и кај нас се изработуваа само филмски, со филмска камера. Приказната се расчленуваше на стотици и стотици рачно изработени цртежи на хартија, кои обично се прецртуваа (прекопираа), на пластични проѕирни фолии кои потоа се обојуваа и (една по една) со филмската камера се снимаа. Потоа филмот се монтираше, ако тоа веќе не беше направено при снимањето на цртежите (фолиите) и се озвучуваше. Тоа се правеше обично на тонска филмска лента, бидејќи ако се снимаше на филмска лента без тон, при проекцијата на филмот звукот – тонот требаше дополнително да се емитува преку касетофон и сл. На тој начин се работеа и анимираните филмови. Така работеа и професионалните и аматерските (сега: алтернативните) аниматори. Само треба овде да напомнам дека сè до деведесеттите години од минатиот век, никаде во тогашна Југославија, немаше школа – факултет каде што можеше да се научи како се прават цртаните и анимираните филмови. Сите аниматори учеа сами – еден од друг.

Инаку, досега ги имам направено, на филмска лента Супер 8, филмовите „Дилема“ (анимиран, со колажи), цртаните „Идеја“, „Слизнување“, „Пешак“ и „Оратор“ и дигиталните „Слизнување“ (преработен од оригиналните цртежи работени на хартија), „Ризик“, „Душегрижници“ и „Страв“. Филмовите „Ризик“ и „Душегрижници“ се прикажани на неколку фестивали во нашава земја и во Романија, Камерун, Словачка и во Босна и Херцеговина. Сите овие филмови се наоѓаат во Кинотеката на Македонија и на други места.

Се сеќавате ли како анимираните филмови и карикатурите станаа дел од Вашето секојдневие? Тоа беше хоби или професија?

– Тоа одеше постепено, чекор по чекор. Цело време ме водеше (како и сега), големата желба да цртам, да се исполнувам. А започна како хоби, но еве сега, имајќи предвид како и колку работам, ми станаа нешто како некомерцијална професија.

Карикатура со антивоена тематика претставена на изложби во странство

Како во денешно време се соочувате со фактот, дека освен на фестивали, речиси и да нема јавен простор или медиум каде што би ги прикажале филмовите?

– Сознанието дека макотрпно правениот цртан филм во текот на 4-5 години, освен на некој фестивал во земјава или во странство (ако е примен таму), никаде (па речиси и никогаш), нема каде да го види публиката, е голем поразителен факт за авторите, но тука тие се сосема немоќни. Ние не можеме да им се лутиме на електронските и печатените медиуми што се во приватна сопственост за неемитување на нашите цртани и анимирани филмови на нивните телевизии и за необјавување на нашите карикатури и стрипови во нивните весници и списанија, бидејќи тие (медиумите) си имаат право да си водат свои програмски политики.

Но, мислам дека имаме полно право на револт за крајно незаинтересираноста на некои надлежни државни субјекти, медиуми и гласила, каков што е, на пример, Јавниот медиумски сервис МРТВ. Таа телевизија е во државна сопственост и како што пројавува интерес за разноразни поединци за нивните хобија и активности што немаат никакво влијание во општеството, за едни исти музичари – пејачи, спортисти или „борци“ за мир, така треба да следи и да посветува поголем интерес и за нашата аниматорска, карикатурна и стриповска работа, за нашите дела што имаат трајни духовни вредности. Не велам дека се сосема незаинтересирани, туку дека треба многу повеќе да бидат заинтересирани, со посебно филтрирано обзнането емитување – ако треба и со рецензентско обелоденување на филмовите и на другите дела. Тоа во минатото го имаше оваа угледна медиумска куќа. Не се само пејачите, спортистите и политичарите важни во нашето општествено и културно живеење.

Исто така, можеме да им се лутиме и на државните домови на културата, особено на оние во помалите градови, кои можеби и не знаат дека постои наша македонска анимирана филмска продукција од мала (но одбрана) и многу квалификувана чета млади творци, кои веќе добро се претставени и кај нас и во светот. Тука мислам на истакнатите аниматори Жарко Иванов, Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Лукаш, Дрвошанов и други. Да не изумам, може да се забележи – како исклучок, дека во последно време Кинотеката на Македонија во рамките на своите програмски активности вклучува и анимирани дела од наши автори.

Подолготрајното слабо и незабележително јавно презентирање на анимираните филмови, карикатури и стрипови, предизвикува исчезнување на интересот кај гледачите, реципиентите на овие дела, а со тоа и трудот на овие автори станува невреден. Да не дојдеме до ситуација да нема интересенти за овие дела. Веќе има пример за тоа. Во светот на филмот, вестерн филмот како филмски жанр исчезна поради немање публика. А ќе биде многу жално такво нешто да се случи и кај нас во Македонија, и тоа сега кога веќе повеќе години имаме факултети каде што на највисоко образовно ниво се изучува анимацијата, како и новите технологии за правење филмови, карикатури, стрипови и др., кога сè повеќе стручно оспособени кадри дипломираат и се вклучуваат во творечкиот процес.

Со Вашето творештво многу попознат сте како карикатурист. И таа уметност некако е ставена на маргините на културното и општественото живеење. Со каков мотив ги правите карикатурите?

– Обично со револт почнува мојата карикатурна реакција. Значи, се случува нешто, да речеме физичко, реално што ќе ме сепне, ќе ме трогне, и оттогаш почнува моето размислување насочено кон конкретниот општествено-човечки проблем. Потоа доаѓа фазата на конципирање – оформување на карикатурата и најпосле е цртањето.

Карикатура со антивоена тематика претставена на изложби во странство

Иако носат сатиричен предзнак, со карикатурите може да се изрази сериозна критика на појава, настан или личност. Колку и во денешното време преку карикатура може да се пренесе сериозна порака?

– Токму тоа ми беше поентата во претходниот одговор. Поради слабата присутност во јавноста (во образованието, во нашето културно живеење…) цртаните филмови, карикатурите и стриповите кај нас немаат углед како уметнички дела, иако вршат работа и иако се потребни. Тие се – општо земено, потценети и во третманот и во поимањето. Но за ова вина (малку остро и карикатурно кажано) има и немањето соодветна научноистражувачка активност и отсуството на соодветна уметничка критика. Секој сака да се насмее кога гледа комичен цртан филм, кога восприема карикатура или стрип, но духовната порака што ќе ја прими, колку и да е силна, не ја сфаќа доволно сериозно, иако и цртаните филмови и карикатурите и стриповите – како и смеењето, како важна психофизичка активност на човекот, се сериозни по својот карактер и битие.

Каде и од што најчесто ги црпите инспирациите за своите карикатури?

– Инспирацијата ја наоѓам во нашето секојдневие и секојдневието на другите луѓе од другите средини, се разбира колку што ми е тоа достапно. Знам дека ова може да звучи многу познато, дека секој карикатурист така одговара на вакво прашање, но тоа произлегува од моите амбиции, зацртани како моја основна цел во карикатурното творештво, а тоа е да помагам на луѓето на ваков начин. Со малку смеа, со малку добронамерна критика да укажам на некоја општа аномалија, на нечие настрането поведение (однесување), настрането од она утврденото во непишаните општествени морални норми, вообичаеното поведение (однесување), што сите (или барем голем дел од луѓето), ги засега, или кое на сите (или на повеќето од луѓето), им пречи. Тоа порано го правев и со новинарската, односно дневнополитичката карикатура и со уметничката карикатура, но денес (во последниве дваесетина години) го правам, речиси, само со уметничката (галериската) карикатура.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 192, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот