Интервју со Стефан Богоев: Вклученоста на граѓаните е нова вредност на сите наши проекти

Фото: Стефан Богоев/Слободен печат

Повеќе значајни проекти важни од различни аспекти за секојдневниот живот на жителите на Општината, како што се изградба на голем парк покрај Вардар до бунарите на Лепенец, регулирање на паркирањето, најава за изградба на нов спортски комплекс во Карпош 3 – се само дел од започнатите и идни активностите за кои во интервју за „Слободен печат“ говори првиот човек на Карпош, Стефан Богоев.

-Во изминатиов период почнавте повеќе проекти значајни за жителите на Општина Карпош. Конечно ќе се решава проблемот со паркирањето во населбите Карпош 1 и 2, каде се спроведува анкетирање на населението за тоа дали сакаат зонско паркирање или не. Што велат граѓаните?

Богоев: – Со повеќе анкетни тимови на терен, успеавме во тек на една недела целосно да ја завршиме анкетата во Карпош 1, а веќе продолжуваме да анкетираме и во Карпош 2. Претходно до мене пристигнаа повеќе иницијативи од заедници на сопственици, поткрепени со потписи за да се воведе зонско паркирање. Проблемот навистина постои, затоа што Карпош 1 и Карпош 2 граничат со Општина Центар, а „Рузвелтова“ покрај тоа што е граница меѓу двете општини, улицата е и граница меѓу платен и бесплатен паркинг. Потписите од граѓаните не беа доволни за да се воведе зонско, но се добра основа за да спроведеме анкета и граѓаните директно да ја донесат одлуката. Ова е и еден нов метод на вклучување на граѓаните во носење одлуки на локално ниво, за прашања кои нив ги засегаат.

Тимовите ме информираат дека анкетирањето се спроведува брзо, отворено зборуваат со граѓаните и не се соочени со поголеми тешкотии на терен. Нашите анкетари одат во периодот од 17 до 19 часот во текот на работната недела и од 10 до 13 часот за време на викенд. Граѓаните што можеби не биле затекнати во своите домови, се посетуваат и до трипати, а оние што нема да бидат најдени дома или се отсутни од некои причини, ќе имаат и можност анкетниот прашалник да го пополнат во просториите на урбаната заедница.

Анкетата продолжи во Карпош 2, а потоа ќе го испитаме мислењето и во други населби каде што има реален интерес за регулирање на паркингот. Мило ми е што граѓаните самостојно одлучуваат и носат одлука за нивната населба.

Важно е да се истакне дека доколку се воведе регулиран паркинг, паркирањето би останало бесплатно за граѓаните резиденти (за три нивни сопствени возила). Инаку, доколку се изгласа зонско паркирање, истото би било организирано и спроведено од  ЈП „Градски паркинг“ и Општина Карпош нема да прибира средства (приходи) од него.

 -Во Општината има и други локации со недостиг на паркинг-места, како што се просторот кај Млечен, кај Порта Влае, кај „Сити мол“. Се планира ли некакво решение за овие локации?

Богоев: – Се согласувам дека овој проблем се провлекува и во други населби и места во Карпош. За потегот околу Млечен веќе имаме повеќе барања за да се спроведе анкета. Веројатно е, по Карпош 1 и Карпош 2, нашите тимови да продолжат во УЗ „Владо Тасевски“ (Млечен). Искрено, тешко е да очекуваме дека проблемот со паркирање трајно и целосно ќе се реши. За жал, Карпош и Скопје во изминатата деценија беа погодени од агресивна урбанизација, каде што не се размислуваше на фактот дека новите згради, локали и трговски центри, градени во урбаното јадро, можат да го нарушат балансираното урбано живеење и да придонесат за проблеми во повеќе области: паркинг, животна средина, управување со отпад и сл.

Сепак, нема оправдувања и продолжуваме да наоѓаме механизми за намалување на проблемите. За потегот околу „Сити мол“ направивме ново сообраќајно решение со еднонасочни улици, со цел да се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Градот ја помести и такси-станицата, а неодамна за да се спречи паркирање во зеленилото, беа поставени и столпчиња во должина на улицата „Манапо“.

Сега-засега ќе видиме какви резултати ќе даде анкетата и врз нејзина основа ќе можеме да зборуваме и за други форми за решавање на проблемот со паркирањето. Сепак, убеден сум дека и ние, граѓаните, треба да ги менуваме нашите навики. Барем внатре, на територија на нашата општина да користиме алтернативен превоз (велосипед, тротинет), јавен транспорт, пешачење и сл.

Тешко е да се напушти зоната на комфор, но ако секој од нас дејствува и се менува, така ќе имаме пофункционална, почиста и поубава заедница.

– До каде се работите со изградбата на Адреналинскиот парк? Кога очекувате да биде завршен?

Богоев: – Пред неколку денови бев на терен и на увид во градежните активности. Сè тече според предвидената динамика и Спортско-адреналинскиот парк се очекува да биде завршен до крајот на јуни 2020 година. На потегот кај Алипинистичката карпа ќе добиеме ново зеленило, повеќе од 120 дрвја, но и содржини за спорт: фудбалско и одбојкарско игралиште на песок, обновен скејт парк, детско игралиште, сквер и адреналински дел.

Ова ќе претставува атрактивна зона за спорт и рекреација не само за карпошани, туку и за жителите од другите скопски населби.

-На Адреналинскиот ќе се надоврзе и новиот парк во Карпош 4 што ќе се простира до бунарите на Лепенец. Сметате ли дека со реализација на овие два проекта ќе се подобри квалитетот на животот во Карпош од аспект на аерозагадувањето?

Богоев: – Ова е еден од моите централни проекти, ветен и во мојата изборна програма. Од Спортско-адреналинскиот парк ќе се надоврзе новиот парк, спроти Карпош 4. Со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов веќе ги соопштивме и деталите. Имено, Градот Скопје ќе објави конкурс за подготовка на идејно решение за паркот, со цел во планирањето на јавниот простор да биде вклучена и стручната јавност. Во меѓувреме, Општината и јавните градски претпријатија ќе работат на рамнење на дел од теренот и негово чистење. На оваа површина со децении се одлагало отпад, а тука беа донесени и оставени и остатоците од скопскиот земјотрес од 1963 година. Сега ќе добиеме уреден зелен појас на површина од 60.000 м2 – нови „бели дробови“ на Карпош и на нашето Скопје.

На овие два парка, кои ќе претставуваат една целина, навистина сум горд и тоа од повеќе аспекти. Меѓу другото, тие апсолутно ќе придонесат во заштитата на животната средина, затоа што тука повеќе нема да има огнови на отворено, шут и отпад!

Второ, покажуваме дека кога има волја, може трајно да се заштити еден јавен простор. Ако во минатото властите отуѓуваа државно земјиште и ја менуваа неговата намена за да се стави маркичка за зграда, денеска покажуваме дека може поинаку. Порано дебатата беше за катноста на објектите и како граѓани баравме пониски градби, да престане агресивната урбанизација и уништување на урбаното јадро.

Денеска имаме дебати дали парковите ќе бидат само со зеленило и хортикултурен дел или ќе има и спортско рекреативни содржини. И тоа е разликата, но и напредокот, на сите нас како општество: институции, граѓани, граѓански организации.

-Салата „Партизан“ се врати во владение на Општина Карпош. Најавивте дека граѓаните преку анкета на општинскиот вебсајт ќе изберат според кое идејно решение ќе се реновира објектот. До каде е таа постапка?

Богоев: – Во финална фаза е преводот на идејното решение подготвено од странските архитекти и за многу скоро ќе бидат поставени на нашата веб-страница, www.karpos.gov.mk. „Партизан“ е уште еден пример за заштита на јавниот простор и враќање на неговата намена: спорт и рекреација. Оваа сала е многу блиску и до посочените два парка, за кои зборував погоре. Ако постоеше страв дека на местото на „Партизан“ ќе никне нова зграда, сега граѓаните можат да бидат спокојни затоа што салата ја вративме на трајно користење на Општина Карпош и преземаме активности за нејзина реконструкција.

И во овој проект имаме вклученост на јавноста и на стручната фела. Карпошани ќе гласаат за идејното решение, а во целата постапка е вклучен и архитектот на салата, почитуваниот Трајко Димитров.

Исто така, ја разгледуваме можноста и за изградба на реонски базен, токму во дворот на „Партизан“, со поддршка од Агенцијата за млади и спорт. На овој начин, навистина се добива мултифункционален спортски центар, за младите, за возрасните и за сите карпошани.

Денеска во Карпош граѓаните одлучуваат за паркирањето, архитектите ќе дадат идеи за изгледот на новиот парк, а заедно ќе го избереме и новиот изглед на „Партизан“. Вклученоста на граѓаните, на стручната јавност е на многу високо ниво и ова претставува нова додадена вредност на сите наши проекти.

-Во неколку градинки во Карпош е воведена здрава исхрана. Кога ќе се заокружи тој процес во сите градинки?

Богоев: – Први во воведувањето здрава исхрана на децата беа „Мајски цвет“ и „Орце Николов“, а потоа се мотивираа и „Пролет“ и „Распеана младост“ да направат измени. Во оброците на децата се внесоа здрави намирници: повеќе овошје и зеленчук, ладно цедено масло, интегрален леб и семиња. При крајот на 2019 година се воведе здраво мени на исхрана и во другите градинки. Градинките во Карпош навистина се пример за квалитетно предучилишно образование.

Покрај измените во исхраната, значително работиме на подобрување на условите за престој во градинките. Минатата година започна со работа и новата градинка во Бардовци „Виножито“, а за оваа година приоритет ни е реконструкцијата на „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1.

-Годинава повторно ќе има субвенции за карпошани за купување велосипеди и електрични тротинети, но и за енергетски фасади и за поправка на лифтови?

Богоев: – Веќе е објавен огласот за субвенционирање при купувањето велосипеди и електрични тротинети. Оваа година за првпат Карпош ќе субвенционира и електрични тротинети, со цел да ги мотивираме граѓаните да го користат и ова алтернативно превозно средство. На последната седница на Советот донесовме и одлуки за објавување огласи за субвенционирање енергетски ефикасни фасади, како и за поправка на лифтови. Огласите ќе бидат објавени наскоро, а важно е да се истакне дека овој пат,ж ќе го промениме начинот на субвенционирање на фасадите и лифтовите од порано. Постапуваме според препораките од Државниот завод за ревизија и ќе понудиме партнерство меѓу Општината и заедниците на сопственици, со цел заеднички да обезбедиме подобри услови за живот во колективните станбени објекти.

Надвор од овој дел, за првпат преку ова интервју сакам да ја споделам веста и за нов спортски комплекс во Карпош 3. Всушност, во дворот на ООУ „Лазо Трповски“ (во предниот дел) работиме на нови терени за баскет, фудбал и детски дел, а предвидуваме и ново зеленило и хортикултурно уредување.

Жителите на Карпош 3, во нивната близина повеќе години наназад немаа зона за спорт и рекреација, а овој спортски комплекс навистина ќе придонесе и за враќање на маалскиот соживот и меѓугенерациска дружба во оваа населба.

-Како планирате да го решите проблемот со хаварисаните возила низ Карпош кои непотребно заземаат паркинг-места, кои и онака ги нема доволно?

Богоев: – За овој проблем повеќепати зборувавме и на координациите во Градот Скопје. Во една од скопските општини веќе е најден плац во државна сопственост, на кој во планската документација ја има и соодветната намена. Претстои поголема организација меѓу сите скопски општини и Градот Скопје, а најверојатно со голема заедничка акција и поддршка од пајак-службите на ЈП „Градски паркинг“ и ЈП „Паркинзи Општина Центар“, многу скоро ќе се дислоцираат сите хаварисани возила од територијата на главниот град. Тоа е нужно, бидејќи тие не само што го намалуваат паркинг-просторот, туку можат да предизвикаат и други проблеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот