Интервју со Симон Трпчески, виртуоз на пијаното: Секој инструменталист се труди да „пее“ преку својот инструмент

Македонскиот виртуоз на пијаното со светско реноме, Симон Трпчески, долгото „седење дома“ го искористи за неколку настапи пред македонската публика, а за 24 ноември, во 19 часот, во големата сала на филхармонијата подготвува голем концерт со своите музички пријатели, на кој ќе изведат дела од македонски композитори.

Вистинска реткост во нормални услови беше да се сретнеме со Симон Трпчески во Скопје, бидејќи неговите концертни активности траат во текот на целата година и се одвиваат на сите континенти низ светот. Но, пандемијата на ковид-19 комплетно го промени животот на сите нас. Меѓу првите што го почувствуваа ударот на коронавирусот и на новите мерки беа културата и културните активности, што значеше затворени театри, концертни сали и музеи, откажани претстави, концерти, изложби. Затоа оваа година неколкупати се сретнавме со маестро Трпчески на настан во Скопје.

Како повод за разговор го искористивме големиот концерт што со десетина музички пријатели во рамките на Денови на македонска музика ќе го изведе на 24 ноември во големата сала на филхармонијата. Маестро Трпчески ќе настапи заедно со неговите пријатели, врвни македонски уметници, како Влатко Нушев, Илинка Велкова, Александар Стојчески, Владимир Крстев, Паскал Краповски, Гонца Богоромова, Иван Наумовски, Милена Арсовска и Шкељзен Бафтијари.

На програмата на концертот се бројни светски и македонски премиери на дела од композиторите Гоце Коларовски, Борјан Цанев, Димитрије Бужаровски, Панде Шахов, Александра Наумоски-Потиск, Томислав Зографски, Томе Манчев, Стојан Стојков, Фатос Лумани, Дарија Андовска и Александар Лековски. Некако природно, разговорот со Симон Трпчески прво не однесе на почетокот од годината.

Како го доживеавте периодот на почетокот на годината?

– Почетокот на годината беше огромен шок. Нешто се навестуваше уште во февруари, но кај нас се случи во текот на март. Искусив мал дел од тој страв на концертната турнеја со „Македонисимо“ во Јужна Кореја во февруари. Потоа заминав во Англија и во Америка, каде што подоцна реагираа на пандемијата. Последниот концерт ми беше во Шпанија на 7 март, кога сѐ уште немаше никакви знаци на страв од коронавирусот, но само неколку дена потоа почнаа сериозните ограничувања, речиси, молскавично. Беше голем шок тогаш, но продолжува и во текот на целата година, бидејќи неизвесноста е голема и човек, од една страна, не знае кој правец да го фати, додека од друга, ние не сме живееле такви времиња, но постарите генерации имаат пребродено многу потешки периоди, не дај Боже, војна. Во тој аспект некако се приспособуваме на ситуацијата. Во секој случај, многу убави работи беа откажани и беше еден интензивен период кога требаше да се направи приспособување и реконструкција на животот од сите аспекти.

Практично, може ли да се изброи колку концерти Ви беа откажани во периодот на светскиот „локдаун“, кој сѐ уште трае во повеќе држави?

– Тешко е да се каже точна бројка на откажаните концерти, бидејќи ситуацијата сѐ уште трае и само за оваа година беа откажани повеќе од 50 концерти на кои требаше да настапам, но поради неизвесниот развој на настаните, промоторите почнаа да ги откажуваат и концертите најавени за следната година, што значи дека бројката ќе се зголемува.

Тоа што останавте дома подолг период, не значеше дека мирувате. Како приватно го искористивте слободното време?

– Анализата на сето тоа што се случи, што се откажа, што се пролонгираше или презакажуваше, бара многу време, бидејќи станува збор за голем репертоар што мора да се реорганизира. Од друга страна, не знаеме кога нештата ќе почнат повторно да се случуваат. Сето тоа е голема неизвесност и сите уметнички организации во светот функционираат од ден за ден, концентрирани на новите информации околу ковид-19 што секојдневно се менуваат. Тоа бара постојано менување на програмите и реорганизација на настаните. Секако дека беше хаотичен период и кој побрзо успеа да се освести за застанувањето на нормалитетот, подобро се снајде во целата ситуација. И мене ми требаше многу време да ги реорганизирам работите, а од друга страна, убаво ми беше што сум дома и што можам да поминам повеќе време со семејството. Вие тоа го нарекувате слободно време, но јас не би го нарекол така, бидејќи речиси и да немав одмор, освен неколку денови на крајот од август. Ако под слободно време се мисли на концерти и патувања, тогаш да, немав такви обврски, но постојано бев во контакт со светот и комуницирав околу сите работи што се презакажуваа и реорганизираа. Така што, од тој аспект немав слободно време.

Исто така, се одржував постојано во форма, а бев присутен како поддршка на здравствените организации и на колеги преку социјалните медиуми. Од тој аспект неверојатно брзо ми помина годината, но мислам дека многу продуктивно ја искористив. Покрај анализи на репертоарот и одржувањето форма, годинава интензивно работев на издавањето на „Македонисимо“, а снимив уште еден албум со музика на Шостакович. Станува збор за двата концерти за пијано и оркестар што ги снимив со „Јаначек филхармони оркестра“ од Острава, Чешка, под диригентската палка на одличниот Кристијан Мачелару од Романија. Тоа е втора соработка со „Лин рекордс“, а албумот ќе излезе напролет. Значи, не мирував и продуктивно го поминав овој период.

Концертот со сопранистката Гонца Богоромова Краповски ми беше првиот целовечерен настап со солопејач (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Не мирувавте ниту во однос на концертните активности. Во рамките на Денови на македонската музика заедно со сопранистката Гонца Богоромова Краповски настапивте на вечерта посветена на композиторот Благој Цанев. Со неа имавте концерт и на Есенски музички свечености. Како се случи Вашата соработка?

– Ќе спомнам дека во меѓувреме отсвирев и еден концерт со филхармонискиот оркестар на Монте Карло во октомври. Тоа беше диригентско деби на Кристијан Мачелару во Монте Карло и поминавме многу убаво, покрај сите протоколи за заштита од вирусот. Што се однесува до настапите со Гонца Богоромова Краповски, ние се познаваме одамна и мило ми е што се случија настапите на Денови на македонска музика и на Есенски музички свечености.

Отсекогаш сум сакал да соработувам со соло-пејачи. Додека предавав на ФМУ имав многу студенти соло-пејачи кои учеа пијано со мене и уживав во работата, бидејќи гласот е најавтентичниот инструмент. Секој инструменталист се труди да „пее“ преку својот инструмент. Покрај тоа што сум немал можности да соработувам со пејачи колку што сакам, сепак, сум имал такви шанси и со студентите кога свирев низ Македонија ги поканував како гости. Но, концертот со Гонца ми беше првиот целовечерен настап со солопејач и многу ми е мило што придонесов за една многу важна фаза од нејзината наобразба. Програмата со дела од Донауди и Моцарт беше тешка, но таа ги покажа своите квалитети и музикалност, како и својот многу професионален однос и посветеност кон музиката.

Во рамките на Деновите на македонската музика подготвувате и солистички концерт. Што ќе донесе програмата на концертот и со кого соработувате во неговата подготовка?

– На многу спонтан начин подготвувам голем концерт. Мило ми е што во едно вакво лудо време можам да дадам поддршка на Деновите на македонска музика. Во соработка со СОКОМ и здружението „Култур Оп“ ги здружуваме силите за да направиме нешто. Тука е и композиторката Дарија Андовска, со која сме во контакт и имаме професионална размена на мислења околу начинот на кој концертот треба да се случи на 24 ноември во големата сала на филхармонијата. Мило ми е што го правиме концертот на овој начин додека сум дома и што правиме нешто убаво за народот. Програмата е разновидна, дел ќе биде соло, но ќе има и пејачи и камерна музика. Концертот ќе опфати различни генерации на македонски композитори, така што ќе биде своевиден пресек на македонското музичко творештво, кое е богато, разновидно и многу интересно. Гости на концертот ќе бидат десетина одлични музичари и ќе ми биде задоволство што заедно ќе настапиме. Кај сите има голема желба и убава енергија да се направи добар концерт. Секако, концертот ќе се одржи според сите протоколи што се практикуваат во овие луди времиња.

Имав можност да учам од значајни личности за нашето музичко живеење, нешто што треба да се има предвид и на што треба да се гордееме (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Претходно, се сретнавме на програмската вечер „Запознајте го композиторот“ на ДММ, посветена на професорот Стојан Стојков, каде што имавте активно учество во дискусијата. Каков е Вашиот однос кон професорите од кои сте ги стекнувале музичките знаења и искуства?

– Имаше убава дискусија и разговор со професорот и композитор Стојан Стојков, модериран од искусната Бранка Костиќ Марковиќ, и се вклучив затоа што ми беше мило што го видов, а дело од Стојков ќе свирам и на концертот на ДММ. Мојот однос кон професорите отсекогаш бил со голем пиетет и почит, на максимално колегијално, културно и позитивно ниво. Благодарен сум за сето знаење што го имам добиено за време на своите студии, но и во индивидуалните соработки, кога сум свирел композиции од одредени професори со кои сум имал поинтензивен контакт во поглед на професионалните мислења за композициите. Имав можност да учам од значајни личности за нашето музичко живеење, нешто што треба да се има предвид и на што треба да се гордееме. Секој од нив поединечно вложил во себе и во институциите и во културното живеење во Македонија, а тоа секогаш треба да го почитуваме.

Од друга страна, каков е Вашиот однос кон студентите? Би се вратиле ли повторно на педагошката дејност?

– Со студентите секогаш сум бил многу природен, бидејќи сум таков како човек. Секогаш сум сакал да бидам другар, пријател, да имам нормален човечки однос без поставување некакви бариери во меѓусебната комуникација од аспект на некаква хиерархија или значење. Во нормален човечки однос многу поубаво ќе се разбереме, а сум бил другар, бидејќи сме разговарале на најразлични теми. Особено кога луѓе од различни возрасти разговараат за своите искуства во животот, а тоа многу помага, воопшто, за сфаќањето на музиката, за интерпретацијата кај инструменталистите. Затоа секогаш сум бил многу отворен и пријателски настроен, секогаш со желба за помош и поддршка. Мислам дека сите студенти што работеле со мене го имаат забележано тоа и имам убав однос со многу од нив, и во Македонија и со тие што веќе си го пронашле својот пат надвор од државата, што ми е многу мило. Инаку, педагошката дејност постојано ја вршам преку семинари низ светот. Бев дел од ФМУ во Скопје 11 години, а пред седум години дадов отказ, но не ја исклучувам можноста да се вратам на педагошката дејност во таа форма, доколку се појави можност и интерес.

Со проектот „Македонисимо“ и со фантастичните реакции на публиката и критиката добиваме уште еден доказ дека навистина вредиме

Пандемијата за момент ја прекина Вашата концертна дејност, но годинава британската етикета „Лин рекордс“ го објави албумот „Македонисимо“. Музиката од албумот веќе неколку години ја изведувате низ светот, но досега немаше македонска премиера. Има ли причини зошто (покрај пандемијата што се случува оваа година)?

– „Лин рекордс“ го објави албумот „Македонисимо“ на празникот Голема Богородица, на 28 август, и навистина сум почестен и пресреќен што албумот ужива прекрасен углед кај музичките критичари. Буквално сите што напишаа критики зборуваат во суперлативи. Бевме избор на уредникот и имаше фантастични зборови во повеќе специјализирани музички списанија, како „Грамофон“, „Рондо“, „Кончерто“, „Фонофорум“, бевме дел од програмата на Радио Франс, номинирани сме за награда од германските музички критичари. Објавувањето на албумот ми причини огромно задоволство, бидејќи многу вложив во неговото создавање, а целата екипа што ми се придружи направи фантастичен успех. Досега изведовме неколку промотивни концерти во Европа и во Јужна Кореја. Поради ситуацијата беа откажани, односно пролонгирани, концертите во Отава, Хонг Конг, Нов Зеланд и во Москва. Искрено се надевам дека човештвото ќе успее да најде решение за ковид-проблемот.

Значи, албумот го промовиравме во десетина држави, но досега немал македонска премиера од едноставна причина што, покрај ковид-кризата, македонските културни институции воопшто немаат покажано интерес за да се изведе овој проект. Албумот „Македонисимо“ ја слави Македонија, македонството, културата, корените, сето она што нѐ обележува нас како народ, како идентитет, како постоење, како историја. Тоа е причината, но, јас сум човек којшто никогаш не се откажува, особено од она во што верува. „Македонисимо“ е мое чедо, бидејќи јас сум иницијаторот и нарачателот на истото и сум исклучително горд што екипата со којашто го создадовме заеднички, и музичарите и композиторот Панде Шахов, направија една историја за нашето музичко творештво. Ќе продолжам преку „Македонисимо“ да ја славам Македонија во светот додека има можности и интерес за тоа, а се надевам дека и македонската публика ќе има можност да го чуе, штом заврши оваа лудост низ светот.

Мојата желба, љубов, но и верба во квалитетот на нашата музика ми даваа поттик да ја изведувам низ светот (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Музиката за „Македонисимо“ со обработка на македонска народна музика ја компонираше Панде Шахов. Композицијата „Прелудиум и Пајдушка“ од Живојин Глишиќ често ја изведувате на бис на концертите низ светот. Какво е Вашето чувство кога изведувате музика од македонски композитори и музика со македонски фолклор?

– Јас сум пораснат со македонскиот фолклор. Мојата прва љубов е хармониката и пораснав во тој дух, со баба ми, со татко ми, со мајка ми, секогаш тлееше таа музика во нашиот дом и ни ги топлеше срцата во едни времиња кога луѓето живееја многу поскромно и посреќно, не само во моето семејство, туку и кај сите пријатели и роднини со кои се случуваше тој соживот. Така што таа музика е вродена кај мене. Мојата желба, љубов, но и верба во квалитетот на нашата музика ми даваа поттик да ја изведувам низ светот, не само сам, туку и со странски колеги кои секогаш покажуваа пиетет и радост заради живите ритми и мелодии. Едноставно, се чувствувам исполнет кога ги изведувам тие композиции, бидејќи секој си носи свој корен.

Ние немаме автори од типот на Чајковски, Шопен, Брамс, Моцарт или Бетовен, но убаво е да се покаже нешто што нашите композитори можат да го изразат во поглед на народниот корен, односно конкретна тема од народното творештво да биде инспирација за композиција напишана на современ музички јазик. Тоа ги покажува индивидуалните квалитети на композиторот, но, исто така, го докажува и нашето постоење. Затоа, навистина сум многу среќен и исполнет кога имам можност да изведувам македонска музика надвор од државата.

Со проектот „Македонисимо“ и со фантастичните реакции на публиката и критиката добиваме уште еден доказ дека навистина вредиме. Иако сме мала држава по територија, историски сме исклучително значајна и особено во вакви турбулентни времиња треба да си ги знаеме, почитуваме и промовираме своите корени, јазик и идентитет. Тоа е сосема нормална работа за секој народ и за секое човечко суштество.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 57, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот