Интервју со Раде Стојановиќ: РК Охрид има најдобра одбрана во лигата, заедно со навивачите до нови победи!

фото: фејсбук

– Можно е да ангажираме едно до две нови имиња, но ќе почекаме на одлуката дали ќе играме во Европа – вели тренерот на охриѓани.

Веб порталот на „Слободен печат“ направи ексклузивно интервју со тренерот на ракометниот клуб Охрид, Раде Стојановиќ.

Поранешниот македонски репрезентативец и следната сезона ќе биде на клупата на охриѓани и се надева на продолжување на досегашните добри игри во шампионатот.

Поради пандемијата на коронавирус РФМ одлучи предвреме да заврши првенството, според Стојановиќ неговата екипа може да биде сериозна конкуренција за останатите ривали и за настап во европските купови.

За самите очекувања со клубот и за верните навивачи на клубот „Рибари Охрид 1989“, повеќе прочитајте во продолжение..

фото: фејсбук/рк охрид

Минатиот месец ракометниот клуб на Охрид објави дека и следната сезона ќе бидете тренер на екипата, колку сте задоволни од соработката и што можат да очекуваат верните навивачи?

Да, ја продолживме соработката, без многу размислување од двете страни. РК ОХРИД има успешно раководство со кое имам привилегија како тренер да соработувам, имаме одлични услови за работа, а и резултатите го покажаа тоа. И оваа сезона ја имаме најмалку истата цел, обезбедување на плејоф и борба на секој натпревар за победа.

РК Охрид исто така ги продолжува договорите со своите играчи, меѓу нив Брауновиќ, Кривокапиќ, Тот, Даниловски, Манасков, Андоновски, Тасевски, дали воглавно тимот ќе игра со истите ракометари, дали можеби ќе се освежи ростерот и со некој нов играч?

Да, го задржавме костурот на екипата, сите во екипата функционираме како „еден”. Минатата сезона бевме повеќето нови во РК ОХРИД, оваа сезона можно е да ангажираме едно до две нови имиња, но нема да брзаме. Ќе почекаме на одлуката дали ќе се натпреваруваме во Европа.

фото: фејсбук/рк охрид

Сезоната е завршена, до нејзиниот прекин РК Охрид беше на второто место во првенството зад Металург. Има најави дека клубот ќе аплицира вајлд карта за учество во Европа, сметате ли дека со оглед на игрите кои што ги покажа тимот, заслужува да игра на меѓународната сцена?

Мислам дека имавме одлични натпревари минатата сезона, ја имаме најдобрата одбрана во лигата со најмалку примени гола, единствена екипа која остана непоразена од водечкиот Металург. Заслужено бевме на втората позиција со само еден бод зад Металург. Сето оваа покажува дека бевме сериозни кандидати за европските купови доколку се доиграше првенството.

фото: принтскрин/flashscores

Здравјето е секогаш во прв план, како го поминувате периодот со оглед на тоа веќе долг период играчите се без натпревари, како оди комуникацијата со играчите, неопходно е одржувањето на физичката, натпреварувачка форма?

Секако, периодот е доста долг, ни еден професионалец не бил без малку 4-5 месеци без првенстен натпревар. Имаме секојдневна комуникација со играчите, тренираат индивидуално за одржување на физичката форма и се надевам дека ќе имаме доволно време да го дочекаме спремни почетокот на првенството.

Ваше размислување и за верната навивачка група „Рибари Охрид 1989“, колку тие се битен фактор и нивната поддршка од трибините. Верувате ли дека навивачите ќе се вратат наскоро и ја гледаме повторно таа препознатлива ракометна атмосфера?

фото: фејсбук/рк охрид

Еден од битните фактори за добрите резултати, секако е навивачката група „РИБАРИ“, за нив имам само пофални зборови. Направија посебен спектакл за 30 години од нивното постоење, беше прекрасно чувство да бидеш дел од една таква атмосфера. Им должиме уште многу добри игри и победи.

И една посебна голема БЛАГОДАРНОСТ за бодрењето од надвор пред сала (кога беа оневозможени да бидат внатре поради настаната ситуација). Се надевам дека што побрзо ќе се радуваме сите заедно на нови победи и успеси на РК Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот