Интервју со писателот Блаже Миневски: На романот за Гоце и Јанка работев полни дваесет години

„Ако се родат некакви чувства“ е роман за пропуштената историја, за иронијата, за сарказмот, за чувственоста и бесчувственоста

Историската приказна за несудената љубов помеѓу револуционерот Гоце Делчев и неговата свршеница Јанка Каневче го поттикнала писателот Блаже Миневски да создаде роман со комплексна нарација и структура.

Романите на Блаже Миневски често се движеле на границата помеѓу новинарското истражување и писателската фикција. Самиот е новинар по професија, а прозен и драмски автор по вокација. Во случајот со неговиот најнов роман „Ако се родат некакви чувства“, ги употребил алатките на новинарството во собирањето на фактите, но истовремено со манир на врвен прозаист создал дело со комплексна структура и авторска имагинација.

Неодамна „Клуб Матица“ го промовираше Вашиот најнов роман „Ако се родат некакви чувства“. Со оглед на тематиката и на обемот на содржината, колку време и каков пишувачки потфат беа потребни да се создаде делото?

– На романот за Гоце и Јанка работев, се подготвував и го пишував полни дваесет години. Во тој период истражував во архиви, собирав документи, разговарав со потомци на Јанка Каневче, свршеницата или, поточно, љубовницата на Гоце Делчев, документарно и авторски ги реконструирав нивните средби, интимните чувства, нивните планови, копнежи и соништа. Процесот на работа бараше постојано да се „документира“ авторската имагинација, но и креативно да се реконструираат фактите како верификуван сведок на животот.

Во книгата како прилог се објавени ексклузивни, интимни записи, доверливи извештаи, писма на Јанка до Гоце, факсимили од нејзиниот дневник, досега непознати фотографии од потомците на Јанка од бракот со Михаил Герџиков. Во приказната се преплетуваат автентични сведоштва за Гоце и Јанка, за тајните средби, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во душата и она што го живее како судбина. Кога сето тоа ќе се затвори во една наративна структура, може да се каже дека „Ако се родат некакви чувства“ не е само уметничка проза, не е ниту зборник, ниту фељтон, ниту историски запис, ниту поема, ниту само реконструкција на една љубов туку сето тоа заедно – магија од чувства што го прават човекот одделно и посебно суштество, а Јанка и Гоце се токму тоа – посебни и особени.

Големата љубовна приказна меѓу нив започнала кога таа имала дваесет и две, а тој дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Нивната љубов е нашата најголема историска љубов. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на Герџиков, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само „ако се родат некакви чувства“. Дали се родиле такви чувства е нишката што се провлекува од првата до последната страница на романот.

Промоцијата на романот се одржа во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“

Делото е со комплексна структура. Како се појави мотивот за пишување на романот?

– Во февруари 1902 година, кога веќе две години биле заедно, а за нивната љубов знаеле само најблиските, Јанка со писмо до весникот „Дело“ ја демантира веста дека Гоце Делчев е убиен. Такви вести во тој период излегувале често, а реакцијата на Јанка е првиот посреден „доказ“ за нивната љубов. На крајот од демантот таа пишува: „Докажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив! Ако не сакате, тогаш не ми испраќајте на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е, и кој го праќа“. Кога го видов оригиналното писмо, со нејзиниот краснопис (факсимилот е објавен во романот, н.з.), кога го прочитав, веднаш го почувствував и нејзиниот ужасен страв, но и нејзината голема љубов.

Претходно веќе го знаев аманетот на Гоце во врска со неа. Аманетот доаѓа една година по демантот. Пред да замине за последен пат од Софија, Гоце скришум од неа, од својата Јанка, остава аманет за Герџиков, во тоа време негов најблизок пријател: „Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги двете. Ако некогаш се родат некакви чувства меѓу тебе и неа, бидете благословени.“ Токму тука, всушност, почна да се оформува во мене романот како идеја, приказната за животот меѓу стравот и љубовта!

Во меѓувреме требаше да се случи и една моја сосема случајна или, поточно, судбинска средба со правнуката на Јанка, и да поминат уште пет години потоа за да биде романот завршен, докрај комплетиран со спомените што се чувале во семејството Герџикови, и на крајот објавен. Приказната на повеќе нивоа ги следи чувствата како суштина на животот, трансформирајќи ја дилемата „да се биде или не“ во максимата „да се чувствува или да се умре“. Во основа го поставува прашањето дали може да се биде среќен без чувства!

Книжевната критика делото го опишува како „историографска метафикција со автентична структура и раскажувачка постапка“. Какви истражувања направивте за историската основа на приказната во романот?

– Колку што мене ми е познато, за Делчев имаат пишувано повеќе македонски писатели, и тој како книжевно-историски лик, повеќе или помалку одамна е веќе оформен во меморијата на читателите. Ги знаеме и неговите основни карактерни црти, но многу малку знаеме за интимните чувства, за емоциите, за она што го доживувал надвор од историскиот контекст на своето дејствување и живеење. Многу малку се знае дека секој слободен момент го користел да чита, дека без проблем читал грчки, турски, руски и француски книги, дека обожавал компот од праски и цреши, дека исклучително го ценел Гарибалди, блиските го нарекувале „македонски Гарибалди“, дека многу сакал италијанска музика, дека бил одличен пливач и ороводец, дека многу малку јадел, дека секогаш пиел дупло кафе, дека многу убаво пеел… Ја обожавал песната „Кукни кукавице… гроб да ми закукаш“. Често ја пеел и „Жалај ме, Малино моме“.

Иако бил главен оперативец на Организацијата, комита и војвода, до битката во Баница немал ниту една вооружена пресметка, не убил никого во животот. Добил шлаканица од некојси Саракинов на заседание на македонските друштва во Софија, но наместо да му врати со иста мера и да го мрази, тој му простил и го сожалувал. Тука негде треба да се бара основната линија на раскажувачката постапка. Ме интересираа чувствата. Во подготовките за пишување ги истражував историските документи, но уште повеќе ги анализирав и реконструирав чувствата како дел од историјата. Кога веќе сакав да пишувам за значењето на чувствата во историјата, морав да имам став и за влијанието на историјата врз чувствата. Пирамидата на приказната се градеше врз чувствата што го прават животот чудо.

Приказната во романот на повеќе нивоа ги следи чувствата како суштина на животот

Романот има повеќе слоеви и не се задржува само на љубовта помеѓу Гоце и Јанка, туку е фикционална приказна во чиј центар е палетата на човековите чувства низ историјата на човештвото. Со каква цел ја направивте оваа постапка?

– Што се однесува до чувствата веќе нешто рековме, но, еве, да ја дополниме сликата со уште неколку детали. Кога почнав да го пишувам романот моето внатрешно, авторско или, ако сакате, создавачко прашање беше каде одат чувствата по смртта? Дали во саркофагот на Гоце, оној во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, до неговите мошти се и неговите чувства и чувствата на Јанка? Не е можно чувствата да се отповикаат и да исчезнат, зашто тие се случиле, биле дел од нашето битие, и остануваат во нас за сите времиња. Тие се раѓаат и не умираат. Чувствата се бесмртни. Токму затоа и самиот Гоце инсистира прво да се „родат чувства“, а потоа да се даде благослов за некаков заеднички живот во иднина. Тоа е темелот на наративната стратегија.

Не навлегувајќи во објаснување на раскажаното ќе спомнеме само неколку елементи од структурата на романот. „Ако се родат некакви чувства“ е роман за пропуштената историја, за иронијата, за сарказмот, за чувственоста и бесчувственоста; тој е во исто време фељтон или сценарио за иден филм; роман за документарното, фиктивното, болното, оригиналното и фалсификуваното. Трите главни линии во приказната минуваат низ процесот на работа врз фељтон за љубовта на Гоце и Јанка, низ реалната преписка на авторот со правнуката на Михаил Герџиков и низ романот што се испишува самиот низ каскадите од чувства кои ги поврзуваат аглите на триаголникот составен од трите женски лика Бадема, Маја и Фила. Кога ќе се судрат историјата, фикцијата и психологијата – чувствата се единствената вистина што може да се идентификува.

Кога ќе се судрат историјата, фикцијата и психологијата – чувствата се единствената вистина што може да се идентификува

На ликот на Писателот во романот му се придружуваат три фикционални женски ликови. Колку тие му помагаат да дојде до вистината?

– Трите женски лика во приказната помагаат така што одмагаат! Јас им благодарам за тоа. Инаку, кога ме прашуваат за односот на стварноста и книжевноста, постојано велам дека книжевноста е „вистинска стварност“, зашто поинаку нема смисла да постои. Се разбира, тоа не значи дека треба да е реална, зашто таа има своја реалност. Поинаку кажано, суштината е во „уверливоста“, а доколку нешто е уверливо како да е стварно, тогаш ништо не е како во стварноста, иако сè е преземено од неа. Пруст има кажано: „Кога читателот ќе се препознае себеси во она што го вели книгата, тоа е доказ за нејзината вистина.“

Имено, проблемот не е во фантазијата, имаме приказни колку сакаш, туку во тоа како реалноста да се направи уверлива. Како да се поверува дека Силјан Штркот е човек што лета, дека во Мариово паѓаат самари од небото, дека Вардар бил пловна река… На таква „објективност“ смета и овој мој роман. Тоа е стварност за која никој не може да те демантира. Всушност, оние што ќе се препознаат, имаат право да мислат дека се тие, а оние што тврдат дека се тие, најдобро е никако да не се препознаат. Во основа, пишувањето, но и читањето, се апотеоза на чувствата. Секој автор има читател каков што заслужува. И обратно. Авторот, всушност, копнее по читателот што не го познава. Авторот не пишува писмо за да ја знае адресата на која ќе го испрати. Авторот ги испраќа своите чувства без адреса, знаејќи дека еден ден мора да стигнат до читателот што го сонува.

Каков е Вашиот читател од соништата?

– Ако мислите во контекст на чувствата, би можел да напишам цел есеј за тоа. Мојот читател е чуден читател. Всушност, мојот читател е малку старомоден читател. Мојот читател чита на глас, како во средниот век. Луѓето во средниот век не знаеле да читаат „во себе“. Сите читале гласно. Мојата теорија за читањето е теоријата за „ритамот на срцето“. Според Јун-Руар Бјерквол, светски авторитет во оваа област, ритамот на срцето секогаш е во склад со семантичката содржина на зборовите и нивниот емотивен набој. Велат дека таквиот склад на пулсот со семантичката содржина на текстот и неговиот емотивен набој, технички може да се измери, но во основа тоа и не е потребно.

Суштината на таквата реакција на срцето е во „енергијата на заблудата“, што би рекол Толстој, или во енергијата на возбудата. Флобер тврдел дека само звукот на зборовите ја пренесува сета нивна смисла: „Смислата се изговара, а формата се гледа“, сметал тој. Пруст во една пригода има речено дека има писатели што се подобри од својата книга, но тие книги не се книги. Во секој случај, читателот го создава делото според себе, следејќи го ритамот на своето срце во склад со творечкиот ритам на уметникот и сопствените сознанија за светот.

Се разбира, јас секогаш го замислувам најдобриот читател на светот. Читателот со кого заеднички ја создаваме смислата на она што е напишано. Читателот што се смее каде што се смеам јас; читателот што ги крие солзите таму каде што ги кријам јас. За таков читател вреди да се пишува. Всушност, за таков читател копнее секој писател. Секако дека понекогаш во тој магичен простор на животот ќе заталкаат и случајни минувачи, но надежта дека вистинскиот читател еден ден, сепак, ќе го најде патот до писателот е она што ја создава вистинската смисла на пишувањето. Пишувањето е работа, а читањето – терапија.

Како новинар со истражувачко искуство и како писател со цел ковчег книги и награди зад себе, што сметате дека е најдрагоцено при пишувањето дела како романот „Ако се родат некакви чувства“?

– Пред десетина години, кога сѐ уште бев активен новинар, мислев дека новинарството пречи во пишувањето уметничка проза. Сега, кога не сум активен како новинар, сметам дека новинарството воопшто не пречи, туку во многу работи дури и помага во работата. Се разбира, како новинар репортер морав да сметам на фактите, а како писател фактите воопшто не се битни, или се битни само ако можат да помогнат до нив да се додадат уште неколку измислени податоци, кои, заедно со вистинските, би станале уверливи како апсолутна вистина. Можеби само тука е основниот проблем во однос на тоа истовремено да се биде и писател и новинар. Особено тоа е проблем за новинарот. Или, можеби, веќе не е. Вистината денес е толку скапоцена, па за да се спаси, треба да се заштити со бедем од измислици. Романот нема никакви обврски кон вистината. Тој си има своја вистина што не зависи од никакви факти. Или, поточно, романот има свои факти, според кои може да се одреди неговата вистинитост.

Во конкретниов случај за романот „Ако се родат некакви чувства“ прочитав илјадници страници документи, материјали што имаат врска со темата, истражувања посветени на историјата на сексуалноста за да ја реконструирам атмосферата во љубовната приказна меѓу Јанка Каневче и Гоце Делчев. Притоа секогаш го имав на ум и Силјан Штркот, не само затоа што знае како е да се биде штрк, туку и затоа што знае како е кога ќе се стане повторно човек. Романот завршува во негово духовно присуство на чинот на пренесување на моштите на Гоце во Скопје, кога се случува голем пресврт во приказната, но тоа да им го оставиме на читателите.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 179, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот