Павле Николовски / Фото: Приватна архива

Павле Николовски, интернационален модел: Белград ми ги отвори вратите кон вистинската модна сцена

„Зад мене се голем број проекти, кои многу ми значеле во одреден момент. Како пресвртница во кариерата можам да го издвојам ангажманот како заштитно лице во повеќе држави за интернационалниот моден бренд ‘Барбоса’, што ми беше прво искуство со ангажман за кампања на целиот Балкан“, вели тој.

Меѓународниот модел Павле Николовски годинава одбележува 15 години кариера. Во интервју за „Слободен печат“, Николовски зборува за своите почетоци, клучните пресвртници и искуствата на модната сцена низ Балканот и пошироко, откривајќи што е потребно за успех во динамичниот свет на модата и како е да се работи со светски познатите брендови.

Речиси 15 години си дел од модната сцена, како започна твојата приказна?

– Годинава одбележувам 15 години откако станав дел од модниот свет. Сè започна благодарение на модната агенција „Моделс Ин“, предводена од Алек Наумовски и Надица Георгиева. Со правилни совети и насоки, тие точно знаат што е потребно за да изградат успешна кариера на секој модел поединечно.

Кој момент би го издвоил како пресвртница во твојата кариера? И колку ти се смени животот откако ја започна кариерата како модел?

– Зад мене се голем број проекти, кои многу ми значеле во одреден момент. Како пресвртница во кариерата можам да го издвојам ангажманот како заштитно лице во повеќе држави за интернационалниот моден бренд „Барбоса“, што ми беше прво искуство со ангажман за кампања на целиот Балкан. Исто така, појавувањето во спотот за големиот хит „Никогаш не вели никогаш“ на нашата популарна пејачка Антониа Гиговска ми беше посебно интересно и ново искуство, бидејќи беше повеќе глумење отколку моделинг.

Фото: Приватна архива

Работеше со интернационални брендови, како се разликува искуството кога работиш надвор од Македонија?

– Многу поинаку се работи, има голема организација на снимање, секогаш со огромен број луѓе и тим на сет, некогаш и до 40 луѓе во големи филмски студија. Секој има своја улога во приказната, без разлика дали станува збор за кампања или за снимање музички спот. Обично сè поминува без проблеми, се работи цел ден, многу часови, некогаш и ноќе, но сè се завршува во предвидениот рок.

Колку е важна трансформацијата и прилагодувањето за еден успешен модел?

– Моментот на трансформација е исклучително важен за еден модел. Тоа се учи низ години искуство и пракса во моделингот, почнувајќи од изгледот, фризурата, самите пози при фотографирањето, брзината и умешноста да ги менуваш експресиите на лицето по потреба, како и да внесуваш емоции кога нешто презентираш, со што ќе ги убедиш луѓето да веруваат во тоа што го промовираш.

Фото: Приватна архива

Како изгледа еден твој типичен ден кога имаш ангажман?

– Зависи кога е закажано самото снимање, некогаш може да започне во 10 наутро, а некогаш е закажано во попладневните часови. Тој ден секогаш станувам порано од вообичаено, одморен и со убава енергија и желба да се прикажам во најдобро професионално светло. Пакувам сè што ми треба и заминувам за да стигнам секогаш на време. Потоа се подготвувам во договор со стилистите, фотографот ми дава насоки и фотосесијата може да започне.

Имаш ли некоја фотосесија или кампања што ти оставила најсилен впечаток?

– Би ги издвоил рекламата и фотосесијата за познатиот бренд на вода „Аква Вива“, како и за мене посебно важното искуство – појавувањето во музичкиот спот на поп-пејачката од Белорусија, Олга Наполи, кој има над 10 милиони прегледи и е наменет за музичкиот пазар во Турција.

Фото: Приватна архива

Со оглед на тоа што си работел низ Балканот, каде најмногу ти се допаднала модната сцена?

– Така е, сум работел во повеќе држави. Во Србија го започнав мојот нов живот пред три години, со надеж за поуспешна кариера. Белград е градот во кој се пронајдов. Тој ми ги отвори вратите кон модната сцена која е возбудлива, смела и професионална.

Колку е тешко постојано да се внимава на изгледот, со оглед на тоа што работата го бара тоа од тебе?

– Уште од тинејџерските години започнав да се занимавам со спорт и фитнес и внимавам на правилната исхрана. Влегувањето во модниот свет само дополнително ми помогна околу мотивацијата. Едноставно се подразбира дека мора да се изгледа добро преку целата година, бидејќи треба да се оправда професијата модел. Јас, секако, уживам да вежбам во теретана, да пливам и да одам на масажа понекогаш. Секогаш внимавам на исхраната, дури и кога сум на летување. Ретко правам исклучоци, тогаш јадам слатки. Но, сето тоа е мој начин на живеење одамна и навистина ми годи.

Фото: Димитар Цацаноски

Колку се значајни за тебе патувањата и има ли некое место што ти останало во сеќавање како приказна што сакаш да ја раскажеш?

– Патувањата се неизбежен дел од мојата професија, но желбата за патување е дел и од мојот карактер. Не поминува месец, а да не престојувам во некоја друга држава, било приватно или поради професијата. Омилена дестинација на која секоја година се враќам барем еднаш се Обединетите Арапски Емирати и најчесто сум во Дубаи и во Абу Даби. Незаменлив е и шпанскиот остров Ибица, од каде секогаш се враќам со позитивни впечатоци, нова енергија и многу нови познанства.

Што би им порачал на младите кои сакаат да влезат во светот на модата?

– На сите млади би им препорачал, ако вистински чувствуваат дека да се биде модел е нивниот пат, да изберат вистински ментори и реномирана агенција која ќе знае како да им помогне да го остварат својот сон. Оваа работа е за сите оние кои сакаат да излезат од зоната на познатото, кои се подготвени да го откриваат светот, да стекнат нови познанства, да запознаваат нови култури и да учат нови јазици. Бара одредени одрекувања, се живее брзо и, за жал, многу често сме далеку од своите блиски, меѓутоа ќе ги изгради во луѓе полни со самодоверба и големо животно искуство.

Љубовната приказна на Ева Нединковска: Нè запозна таткото на Филип, кој е пастор во христијанска црква, и предложи да испиеме кафе

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот