Интервју со Панче Ќумбев: Гладни за спортски успеси, но очекувањата да ги сведеме според условите и реалноста!

– Моја девиза која ме води во животот е дека секој спортист и човек треба да биде чесен, прво кон себе, а после кон сите други околу него – вели Ќумбев.

Веб изданието на „Слободен печат“ направи интервју со поранешниот македонски репрезентативец Панче Ќумбев кој прво говореше за своите фудбалски почетоци.

Потоа, за трансферот во прилепска Победа и дуелите со италијанската Парма, за искуството од Полска, периодот кога беше „романтичар“…

Воедно го сподели размислувањето околу шансите на нашата А репрезентација во трката за пласман на Европското првенство 2020, што е потребно развојот на нашиот фудбал, за големиот Горан Пандев, за надежниот Елиф Елмас, повеќе прочитајте во продолжение..

Своите први почетоци ги започнавте во ФК Борец од Велес, тим кој што после 18 години се врати во Првата лига. Кажете ни нешто за тие први моменти како дел од професионалниот фудбал, како тече развојот на велешкиот фудбал..

-Токму така, моите почетоци се во велешки Борец. Започнав на мои 9 години во тогашната пионерска екипа под водство на Лазар Ќуринов. Ја поминав цела младинска школа на ФК Борец и на мои 17 години заиграв и за првиот тим. Морам да напоменам дека можеби најважен тренер во овој период за мене и за многу други деца беше Тоше Нацев, моменталниот  тренер на женскиот фудбалски клуб Борец. Човекот нè научи што е работа, посветеност и пред сè дисциплина што е многу важна за развојот за секој играч. Во првиот тим влегов под раководство на Трајче Ковачев, а подоцна и Љубе Велковски. Интересно е што во сите младински категории играв како играч за врска и една година бев и прв стрелец на младинската лига со 17 погодоци, додека во првиот тим бев прекомандуван во одбраната. Цели три години играв во првиот тим на Борец во тогашната Прва лига, со одлични соиграчи во имињата на Паунов, Боров, Костадиновски, Трифунов, Кодовски, Треновски, Џипунов и ред други големи имиња на велешкиот фудбал. Морам да напоменам дека скоро цела тогашна екипа на Борец беше составена од велешки фудбалери, што не е случај денес. Во моменталниот состав на Борец има само двајца велешани, а да биде уште полошо клубот нема и своја школа, па мораа да се фузираат со приватните школи во градот. Тоа доволно зборува за развојот на велешкиот фудбал, за жал.

Потоа, направивте трансфер во Победа, кажете ни за успесите и резултатите кои ги имавте со клубот од Прилеп. Воедно имавте можност да играте на европската сцена против Парма во чии редови беше италијанскиот голман Џанлуиџи Буфон..

-Повикот од Победа беше предизвик за мене, пред сè затоа што доаѓаше од најфудбалскиот град во Македонија, а можеби и затоа што мојата мајка има прилепски корени па коцките така се наредија. Под водство на Никола Илиевски Џиџи знам и верувам дека најмногу напредував во мојата кариера. Едноставно неговите методи и тренинзи беа како создадени за млади играчи. Мирсад Јонуз, Зоран Смилевски и Драган Канатларовски беа тренерите со кои работев во Победа, после Никола Илиевски и од сите нив научив многу, се работи за прекрасни луѓе и одлични тренери. Интересно е дека само по два месеца од кога дојдов од Борец доживеав да играм против тогаш супер силната Парма. Во нејзиниот состав тогаш беа Буфон, Канаваро, Турам, Консеисао, Милошевиќ, Аморузо и ред други големи ѕвезди на европскиот фудбал. На такви натпревари едноставно созревате како играч, и добивате голема самодоверба. Поминав прекрасни четири години во Победа и секогаш тој клуб ќе има посебно место во моето срце, заради одличните навивачи и заради успесите кои ги постигнавме со моите соиграчи. Во 2002 година го освоивме Купот на Македонија, а во 2004 и првата титула шампион на Македонија. Морам да напоменам дека во овој период станав прво младински, а потоа и сениорски репрезентативец на Македонија.

Стартувавте и кариера во странство, можете ли да ни го споделите искуството од играњето во Полска, бевте дел од Гроцлин, Легија Варшава..

-Одењето во Полска беше можеби и очекуван епилог по добрите четири сезони во Победа. Прво Гроцлин, каде што бев четири години, а потоа и најголемиот полски клуб Легија од Варшава каде што настапував скоро три години. Во тие скоро седум години освоив два полски купа и два лига купа со Гроцлин, и еден супер куп со Легија. Можеби не е во самиот крем на фудбалска европа, но Полска е светлосни години пред нас на фудбалски план. Преполни трибини и одлични терени, услови кои за жал се уште ги нема кај нас.

Се вративте во нашата држава, го облековте дресот на Работнички, погледнавме дека постигнавте гол против Анортозис кој обезбеди двомеч со римскиот Лацио.

-По престојот во Легија, имав две опции. Продолжување на мојот престој во друг полски клуб или враќање во Македонија затоа што мојата ќерка мораше да започне со прво одделение на училиште. Се одлучив за втората опција и можеби од ова дистанца сега гледано погрешив на фудбалски план, но за мене фамилијата е пред се, и нормално беше да се вратам во Македонија. Добив веднаш понуда од Работнички и без размислувања ја прифатив затоа што таму тренер беше Влатко Костов, за мене голем човек и одличен тренер. Се случија низ работи во тој мој престој во Работнички, а најдобрата е можеби голот со Анартозис и нивната елиминација. Ова за мене беше од големо значење затоа што на првиот натпревар бевме провоцирани од кипарската публика, затоа што доаѓаме од Македонија. И како што биднува во Македонија, на сè што е добро доаѓа крајот. По моја повреда на тренинг на Работнички, бев на операција и мојот престој заврши во клубот со образложение дека не им требам повеќе. Некоректниот однос од управата на Работнички, а можеби и мојата тврдоглавост допринесоа мојата кариера да ја завршам на не цели 32 години. Но, во тој момент си ветив себеси дека она што им се случува на фудбалерите во Македонија мора да престане, и затоа го започнав проектот со синдикат на фудбалери на Македонија.

Од Работнички излезе еден голем талент, Елиф Елмас, кој играше за Фенербахче, а сезонава стана и дел од Наполи. Многумина му предвидуваат блескава иднина на „Дијамантот“..

-За Елиф имам само пофални зборови. Доколку продолжи по овој пат верувам дека можеби еден ден ќе го наследи Горан Пандев. Познавајќи го неговиот татко верувам дека Елиф ќе стане голем фудбалер и пред сè голема личност.

Бевте основач на првиот Синдикат за фудбалери, односно спортисти. Која е целта на оваа организација?

-Нашата организација е прв спортски синдикат воопшто. Целта е јасна и едноставна. Борба за правата на фудбалерите. Членки сме на Фифпро-светската унија на синдикати на фудбалери. Нивната поддршка ни значи многу и нас и на самите фудбалери.

Синдикатот на фудбалери на Македонија побара прекин на домашното првенство додека траат строгите мерки за заштита од епидемијата на коронавирусот кои ги донесе Владата.

Каков е вашиот статус моментно, од аспект дали планирате фудбалски проекти, дали има желба можеби да водите клуб како тренер?

-Освен раководењето со синдикатот, сега за сега немам други амбиции, посебно не тренерски. Можеби во иднина да, но сега сум насочен кон развивање на синдикатот и верувам дека за две-три години ќе бидеме на исто ниво со сите големи европски синдикати.

Своевремено ги браневте боите на македонската А репрезентација која оваа година се најде во убава можност да се пласира на ЕП. Во Скопје го играме дуелот со Косово, на 26 март е првично закажан, но можно е одложување. Како вие од ваш аспект ги гледате нашите шанси во овој полуфинален дуел од Лигата на нации?

-Верувам во овие момци, сите се одлични играчи и очекувам пласман прво во финалето на Лига на нации, а после дај боже и пласман на Европско првенство. Пандев и дружината даваат надеж дека имаме шанса да гледаме едно големо натпреварување со наша фудбалска репрезентација. Дефинитивно хендикеп ќе биде играњето без публика и се надевам дека УЕФА ќе го одложи натпреварот. Со таков натпревар без публика ги губиме сите прави љубители на фудбалот.

Кога сме кај нашата селекција, како го гледате развојот на нашите игри низ годините, дали има простор за напредок. Еве овој спој на младост и искуство на некој начин донесува резултати предводени од селекторот Ангеловски, со еден од најискусните во тимот, Горан Пандев.

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

-Простор за развој има дефинитивно, но ФФМ треба да најде начин да ги заживее повторно големите фудбалски центри. Без тие центри од внатрешноста квалитетот на фудбалот ќе опаѓа. Добра работа прави Боби Милевски и мислам дека треба многу работи да се учат од начинот на кој тој работи и создава кадар за иднина. Самото присуство на Гоче е за нас голем плус. Дечкото е фудбалска икона во Италија и нормално во Македонија. Ќе ми биде мило доколку доживее настап на Европско и така ја заврши својата богата кариера. А знаејќи го него каков човек е, од големо значење ќе биде тој да остане во нашиот фудбал. Едноставно неговото искуство мораме да го искористиме.

Сигурно го следите развојот на модерниот европски и светски фудбал. Можете ли да ни споделите примери еве од Полска, колку сега Македонија моментално може да се споредува воопшто со тие стандарди, што треба да се промени, односно направи? Каков план да се крои за во блиска и далечна иднина фудбалерите ја имаат потребната инфраструктура, фудбалски центри, самите финансии, секако и потребните услови за еден нормален тренинг?

-Ако нешто недостасува кај нас, тоа се услови за нормален фудбал. Немаме терени, немаме помошни игралишта со исклучок на Вардар. Во периодот кога потпишав во Полска, тогашната фудбалска федерација на таа држава пропиша одредени правила и услови кои мора да ги исполнува секој прволигаш. Меѓу другото тоа беа трибини, осветлување, греење на терените, помошни терени…Без тие услови клубовите не добиваа лиценци за настап во првата и втората лига, и за тоа некои од нив играа на туѓ терен додека не се средат условите на нивниот. Тоа треба да се направи кај нас. Доста гледаме фудбал во кал до коленици и пред празни трибини.

Триесетина години сме самостојна држава и уште не научивме дека за секоја работа вклучувајќи го и фудбалот потребни се добри услови за работа, па после сè друго. Споредбата на нашите услови со европските се невозможни, ние сме светлосни години назад.

Како спортска нација забележуваме дека сме гладни за успех, дали и колку според вас недостасуваат тие големи спортски резултати, за да може и самиот граѓанин во Македонија да се чувствува исполнето, мотивирано од секаков аспект. Но, секако и поразите се дел од спортот, и понекогаш доаѓа таа фраза, „желбите се едно, а реалноста друго“.

-Спортска нација сме и во ред е да сме гладни за успех. Меѓутоа не сме реални. Очекуваме на пример големи дострели со ракометната репрезентација, а лигата ни е очајна. Немаме три нормални сали во државава, а сакаме топ ракомет. Ајде сега гледаме и „Арена“ и „Спортклуб“, па гледаме во какви услови играат и работат сите европски и светски екипи во сите спортови. И доколку човек направи споредба, тогаш треба да биде реален и да каже дека не треба да очекуваме чуда. Далеку сме ние од европскиот крем во сите спортови, и треба нашите очекувања да ги сведеме според условите и реалноста. За волја на вистината во овие триесетина години ниту еден од раководните луѓе во државава не сфати дека спортистите и уметниците се најголемите амбасадори на Македонија. Ниту еден не направи нешто плус за овие луѓе добијат нормални услови и мотивација за развој. Па има ли поголема реклама и промоција од Пандев, Лазаров, Иџе, Влатко Стефановски, Тоше Проески, Есма и ред други големи имиња за Македонија?

Што според вас треба да го краси еден фудбалер, воопшто спортист за да може да успее, што би им препорачале на помладите генерации кои што имаат намера да спортуваат, рекреираат со цел за еден здрав и среќен живот?

-Секој спортист, секој фудбалер, секој човек треба да биде голем работник. Кога велам работник, мислам на посветеност, упорност, желба, многу труд, многу работа. Но, моја девиза која ме води во животот е дека секој спортист и човек треба да биде чесен, прво кон себе, а после кон сите други околу него. Чесен во смисла да знае што сака, што може и колку може. Посветете се на тоа што го работите и работете го со љубов, резултатите се неизбежни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот