Интервју со Оливер Белопета за јубилејниот 25. ОФФест: Сечиј успех најнапред се должи на многу работа
Централен музички настан на почетокот на јуни во Скопје веќе 25 години е ОФФест, фестивалот на „музиката на светот“, или по ново, како што ни објасни Оливер Белопета, „глобалната музика“, која ќе биде презентирана со учесници од 12 земји.
Препорачано
Јубилејно 25. издание на ОФФест ќе се одржи од 3 до 6 јуни во Скопје. Првите три фестивалски вечери ќе се одржат во Националната опера и балет, а последната во Младинскиот културен центар. Следејќи ја убавата традиција, во придружната програма на ОФФест ќе биде прикажан и култниот бразилски документарниот филм „Елис и Том“ (Elis & Tom).
Директорот на Скопскиот џез-фестивал Оливер Белопета, како организатор на ОФФест, пред почетокот на фестивалот има полни раце работа. Сепак, успеавме да најдеме заедничко време и простор да бидат споделени најважните информации за годинашното издание на фестивалот.
Пред нас е јубилејно издание на ОФФест. Каков успех е опстојувањето на фестивалот цели 25 години и на што се должи тоа, воопшто?
– Сечиј успех најнапред се должи на многу работа. Тоа е елементарното правило. Потоа доаѓа останатото. Во конкретниот случај – огромното искуство, тука не мислам само на годините со ОФФест, туку и на „постариот брат“, џез-фестивалот. Па посветеноста и упорноста до степен на „тврдоглавост“, неопходна да се успее во опкружувањето во една земја која пречесто ја нарекувам „чудесна“, не во позитивна смисла, Македонија.
Со кои критериуми ја направивте програмата за фестивалот и има ли разлика помеѓу редовно и јубилејно издание?
– Еве и ние го користиме зборот јубилеј, иако јас лично имам резерви кон него. Сметам дека вистинскиот јубилеј треба да завршува со бројката нула, а не пет. А денес јубилеите пречесто (кај нас) се користат како маркетиншки трик. Ако се погледне програмата на ОФФест низ годините (од чија импресивност одвреме-навреме и јас знам да се изначудам), од првата година, 2002, кога гостуваа и Дејвид Брн и Цезарија Евора, па натаму, нејзиниот очигледен континуитет, јасно е дека сегашното издание е редовно.
За некакво „специјално издание“ нема потреба, ниту овдешен капацитет (не само финансиски). Оттаму, програмскиот критериум останува ист – на ОФФест да гостуваат најрепрезентативните претставници на глобалната музика, оние кои целиот свет ги познава како такви, а нашата публика не, или недоволно.
Во програмата е застапена музика од 15 земји, а најголем дел од нив се од Африка. Што како програмски концепт ќе понуди фестивалската програма?
– Веќе реков дека програмскиот концепт останува ист, ОФФест да ја донесува музиката од сите континенти (чие богатство е неизмерно). А не она што е доминантно овде, музиката од Северна Америка, Англија, Србија и Хрватска. Овојпат, сепак има една програмска специфика – фокусот на Африка.
Африканската музика секогаш била присутна на ОФФест, но ова е првпат во едно фестивалско издание да имаме познати и актуелни имиња од различни географски делови на црниот континент, од источниот (Танзанија), централниот (Конго), западниот (Мали и Бенин) и од крајниот југ (Јужна Африка и Мозамбик). Кои меѓу себе многу се разликуваат, и музички.

Повеќепати како гостин сте присуствувале на музички фестивали во Африка. Каква е разликата во реализацијата на фестивалите таму и фестивалот што го правите во Скопје?
– Се разбира, африканските земји се сиромашни, со сите напори големите светски сили да ги одржат такви, препознавајќи во нив „опасен“ потенцијал, пред сѐ, човечки. Па, кога зборуваме за музички фестивали нивниот број во Африка е далеку помал од оној европскиот. Но, многу е важно африканската музика да се доживее на лице место. Тоа е искуство и лекција која останува незаборавна. Слично како со Бразил, Аргентина и Колумбија или далечната Кореја. И сознанието, навидум изненадувачко, за високиот квалитет на реализацијата на музичките настани.
Во кој опсег се движат границите на таканаречената „музика на светот“?
– Интересно, последниве години воспоставениот термин „музика на светот“ полека се преименува во „глобална музика“. Природно. Африканската музика (тука мислам и на арапската, нормално) и јужно-американската музика, би рекол и медитеранската, за поширокиот свет станаа достапни во втората половина на минатиот век. Подоцна со имање на големо влијание врз целата светска музика, особено во периодот на глобализацијата. Дури и американската (кантри и вестерн) и англиската фолклорна музика доживеаја своја експанзија. Затоа денес можеме да зборуваме за – глобална музика.

Нашата држава на 25. ОФФест ќе биде претставена со Добрила и Дориан дуо. Како ја заслужија селекцијата за учество на фестивалот и дали нивното учество е само со концерт?
– Досега на ОФФест имаат настапено веројатно сите релевантни македонски групи жанровски блиски до програмскиот концепт. Изборот е моја лична оценка за нивниот потенцијал, квалитет и актуелни нивни проекти (носачи на звук и слично). И присутна е моја аверзија кон денес толку злоупотребуваниот термин „светско а наше“ и за оние кои не го поминале Табановце.
Притоа, учеството на ОФФест за нашите музичари е многу значајно – да се „измешаат“ со нивните реномирани колеги од светот. Тука некаде е и една од клучните придобивки на ОФФест, двосмерната комуникација, да се испочитува музиката која доаѓа од другите мали земји и континенти – за и нашата музика, таа што вреди, да биде испочитувана во светот. Добрила и Дориан се убав пример за ова. Тие деновиве имаат нов прекрасен албум, трет по ред, чија концертна промоција ќе се случи токму на ОФФест. Албум, кој, убеден сум, ќе го продолжи нивното европско патешествие.
Повеќепати сме разговарале на таа тема, но навистина е значајно како ќе изгледа визуелниот дизајн на фестивалот. Какви се Вашите барања и што е тоа што го добивате од Зоран Кардула?
– Секој успешен фестивал треба да има убав дизајн. Кардула, таков како што го познавам, извонреден, веќе седум години по ред визуелно го обликува ОФФест. Неговите решенија имаат и „африкански шмек“ (патем, тој е одличен познавач на африканската уметност). Покрај програмата, плакатите на Кардула на фестивалот му обезбедија висока препознатливост во светот. Ова кај нас е, разбирливо, непознато.

Практично, колкава екипа работи на подготовките и организацијата на фестивалот?
– За подготовките и организацијата многу мала во текот на годината (една од тајните на успехот). Но, доволно голема во реализацијата на фестивалот.
Живееме во неизвесни и финансиски несигурни времиња. Како тоа се одразува на организацијата на фестивалот?
– Многу охрабрувачки. Се шегувам. Но го зголемува инаетот. И секоја година се работи како да е последен фестивал. И годинава, кога буџетскиот дел и во апсолутен износ и реален е рекордно најмал.
Зошто е важно за публиката да присуствува на јубилејниот 25. ОФФест?
– За да се едуцира. За да ги проширува хоризонтите и сопствениот демократски капацитет. Да осознае, спротивно на тоа што ја воспитуваат медиумите, дека Македонија не е центарот на светот. Со цел да се излезе од темнината и општествената задушеност и да се достигне физичка слобода и чувство на заедништво, толку посакувано во нашето време.

Програмски концепт: Африка во фокусот
Одличен избор, достоен за јубилејот и богатата историја на фестивалот, носи програмата на 25. ОФФест. Во концертите ќе бидат вклучени музичари од 12 земји, во најголемиот број африкански. На секоја од четирите вечери ќе може да се проследат по два концерта.
Фестивалот на 3 јуни ќе го отворат „Guitari Baro“ (во превод „Гитарски разговори“), инструментално трио што плени со својата виртуозност и енергија. Овој уникатен ансамбл обединува тројца врвни гриот-музичари од Гвинеја и Мали: маестралните гитаристи Гаусоу Кујате и Керфала Диабате, заедно со виртуозот на балафон Ласана Диабате.
Истата вечер ќе настапат и БЦУЦ (Bantu Continua Uhuru Consciousness), домородна група која потекнува од Совето во Јужна Африка. Нивната уникатна мешавина од психоделични грувови, комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија им донесе обожаватели од сите краишта на светот.
Прв на втората вечер ќе настапи маестралниот виолинист Нилс Окланд, кој изгледа подеднакво удобно и како солист и во дует, или со својата избрана група соработници „Nils Økland Band“. Овојпат со него ќе биде органистот Сигбјорн Апеланд. Без оглед на музичкиот контекст што го избира, Нилс делува природно и инспиративно за сите околу него.
Во втората половина на вечерта ќе се одржи концертна промоција на новиот, трет албум на Добрила и Дориан дуо со наслов „Wind To Blow“ („Ветер да подујне“). Албумот е снимен, миксан, мастериран и продуциран од Дориан Јовановиќ во „Профундус студио“ во Скопје. Дизајнот е на Ника Гавровска, а фотографиите на Наташа Величковска. Изданието го објави „СЏФ Рекордс“ (SJF Records), извршен продуцент е Оливер Белопета.

Во сабота, на 5 јуни, следува настапот на Раул Рефри и Марија Мазота. Нивната соработка вроди со плод во албумот „San Paolo di Galatina“, каде Раул Рефри и Марија Мазота го реинтерпретираат апулијскиот фолклор, прикажувајќи ја Италија од почетокот на 20. век (религиозни мантри, работнички песни, приспивни песни), со цел да се излезе од темнината и општествената задушеност и да се достигне физичка слобода и чувство на заедништво, толку посакувано во нашето време.
Потоа ќе следува настапот на „Les Amazones d’Afrique“, креативна сила што ги обединува меѓународните гласови. Групата е формирана во Бамако, Мали, во 2014 година од три познати малиски музички ѕвезди и активистки за општествени промени: Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Мириам Думбиа. Овој женски колектив се соедини преку заедничка музичка визија, но и со јасна цел: да се залага за родова еднаквост и да го насочи вниманието кон сериозниот проблем на насилството врз жените.
Последната вечер, која ќе се одржи во МКЦ на 6 јуни, ќе ја отвори Мачуме Занго, реномиран мозамбиски музичар, композитор и изработувач на инструменти, препознаен како нов мајстор на тимбила (традиционален дрвен ксилофон). Тој се посветил на традиционалната мозамбиска музика и танц уште од шестгодишна возраст. Занго потекнува од Завала, во провинцијата Инхамбане, центарот на традицијата на тимбила, и има одржувано предавања на Универзитетот во Кејп Таун.
Фестивалот ќе заврши со концерт на „Завосе квинс“ (Zawose Queens), кои ја продолжуваат долгата традиција на флуидни полиритми и занесно полифоно пеење на народот Гого (познат и како Вагого) од регионот Додома во централна Танзанија. Потекнувајќи од музичко семејство како потомци на големиот Хукве Завосе, тие биле опкружени со музика целиот свој живот. Иако кај народот Вагого жените традиционално смееле да пеат само придружни хармонии и да свират на мал тапан наречен мухеме, тие одлучиле да ги преиспитаат и на крај да ги предизвикаат тие табуа.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 333, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-25.5.2026)


