проф. д-р Наташа Диденко, Институт за национална историја – Скопје

Интервју со Наташа Диденко за изведбата на опера во 1925 година во Штип: „Палјачи“ ја постави основата за македонската оперска традиција

Музикологот, музички педагог и истражувач проф. д-р Наташа Диденко создаде капитално монографско дело со кое почетоците на оперската уметност кај нас ги датира пред точно 100 години, со изведбата на „Палјачи“ во 1925 година во Штип.

Монографското дело „100 години ‘Палјачи’ во Штип (1925 – 2025): Операта што ја отвори македонската музичка сцена“ е исклучителен научен подвиг што ја позиционира оперската уметност кај нас пред формално-правното конституирање на државата.

Авторката на монографијата, проф. д-р Наташа Диденко, е вработена во Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во Одделението за културна историја. Таа е музичар, музиколог, музички педагог и истражувач со посебна експертиза во историјата на македонската музичка култура, супспецијалист за развојот на музичко-сценските дејности во Македонија. Диденко активно се занимава со истражувања и објавување публикации во областа на македонската музичка историја, со континуитет што веќе години наназад резултира со објавување значајни трудови и монографии секоја година.

Автор е на четири монографии, во кои систематски се обработуваат музичко- културните организации, значајните манифестации и поединците кои оставиле траен белег во развојот и афирмацијата на македонската музичка уметност низ децениите. Меѓу нив се: „Сергеј Михајлов: живот и дело“ (2023); „Ѓорѓи Доневски – доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија, т.1.“ (2022); „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје (1947 – 1952)“ (2021); „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации. Музичко-културно уметнички организации, т.1“, (2019).

Дополнително се јавува и како коавтор на „75 години – повеќе од игра и песна: Ансамбл на народни игри и песни ‘Орце Николов’“ (2020). А повод за овој разговор е промоцијата на нејзината најнова монографија: „100 години ‘Палјачи’ во Штип (1925 – 2025): Операта што ја отвори македонската музичка сцена“.

Што беше поводот да се зафатите со истражување до и по реализацијата / изведбата на првата опера во Македонија „Палјачи“ во Штип во 1925 година?

– Поводот за моето истражување на премиерата на операта „Палјачи“ во Штип на крајот од август во 1925 година, произлезе од потребата овој исклучително значаен историски настан да биде научно осветлен, систематски интерпретиран и трајно вграден во корпусот на македонската културна историја. Иако премиерата е одамна препознаена како почетна точка на оперската уметност во Македонија, историските процеси што ѝ претходеле, како и социокултурните и уметнички динамики што произлегле од неа, ретко биле предмет на систематска и сеопфатна музиколошка и театролошка анализа.

Во истражувањето се фокусирав на тоа како локалната средина успеала да реализира оперска продукција со висок уметнички и естетски капацитет, усогласена со доминантните европски сценски модели од почетокот на XX век. Во таа насока, вниманието беше насочено кон архивските извори, фотодокументацијата и сведоштвата кои упатуваат на тоа дека „Палјачи“ во Штип не претставува изолиран културен чин, туку логична кулминација на подолготраен процес на уметничко и институционално созревање на градската музичко-драмска средина. Потврда за тоа се формирањето на неколкуте хорови (градскиот, црковниот и гимназискиот) во Штип, веднаш по завршувањето на Првата светска војна, како и почнувањето со работа на Повластениот народен театар, во градот под Исарот.

Колку јубилејот на настанот во извесна смисла ја засили Вашата љубопитност и како истражувач на историјата на музичката уметност во Македонија, а тоа само по себе се наметна како поттик и инспирација да ја напишете и Вашата најнова книга?

– Да, апсолутно. Јубилејните 100 години од изведбата на првата опера „Палјачи“ во Штип на крајот од август 1925 година е доволна гаранција дека македонскиот народ отсекогаш живеел со музиката (страдал и се радувал) како чин на убавина и траење. Тоа значи дека оваа 100-годишнина не само што ја потенцира историската важност на операта „Палјачи“, туку и се наметна како природен поттик и инспирација за мене да ја напишам најновата книга, со цел да го документирам и научно осветлам овој значаен настан, неговите културни и музиколошки контексти и долготрајното влијание врз развојот на македонската оперска традиција.

Насловна корица на монографијата по повод 100 години од изведбата на „Палјачи“ во Штип

Каква содржина носи монографијата посветена, меѓу другото, и на развојот на музичката култура кај нас, не само меѓу двете светски војни, туку и проширено до денешни дни?

– Мојата монографијата има за цел да ја документира и ја анализира развојната линија на македонската музичка култура, од раниот XX век, преку периодот меѓу двете светски војни, институционалното консолидирање во втората половина на векот, до современата музичко-сценска практика. Особено внимание посветив на улогата на образовните и на културните институции, музичките здруженија и поединците кои со својот педагошки, изведувачки и организациски ангажман придонеле кон афирмацијата на класичната музика и оперската уметност во македонскиот културен простор.

Во фокусот на книгата е и премиерата на операта „Палјачи“, која ја постави основата за македонската оперска традиција. Преку анализата на архивска граѓа, фотодокументација и сведоштва, се прикажува како локалната средина, заедно со уметничкиот колектив, во многу неповолни услови за работа успеала да реализира продукција со висок уметнички и естетски капацитет, усогласена со европските сценски модели од тој период. Со оваа монографија сакав да создадам систематизиран извор за идните истражувачи, кој ќе им овозможи да ги согледаат не само фактите околу премиерата, туку и поширокиот историски, социокултурен и музиколошки контекст на македонската музичка уметност, како и влијанието на раните оперски и музички настани врз развојот на современата музичка сцена.

Учесници во премиерата на операта „Палјачи“, изведена на 29 август 1925 година во Штип

Операта „Палјачи“ доживеа 100 години – еден век од изведбата (1925 – 2025) кај нас. Кој, колку и како помогнал и учествувал во нејзината реализација. Што се памети за тие луѓе?

– По стоте години од премиерата на операта „Палјачи“ во Штип, се отвора уникатната можност за историска и музиколошка рефлексија за еден настан што претставува културна меѓа во развојот на македонската оперска традиција. Премиерата била реализирана од уметничкиот колектив составен од режисерот Душан Будимировиќ, диригентот и корепетитор Сергеј Михајлов, костимографот и сценограф Михаил Глушенко, солистите Благородна Бурева, Андреј Шчербаков, Ристо Ѓорѓичков, Славко Нетков и Глигор Ќурчиски, како и штипскиот градски хор „Единство“.

Анализата на учесниците покажува дека операта „Палјачи“ ја реализирале четворица Македонци придружени од градскиот хор, тројца Руси и еден Србин, што укажува на изразената интернационална соработка на музички план во рамките на локалниот културен контекст. Сценската изведба била реализирана на италијански јазик, во согласност со оригиналната партитура. За премиерната изведба е објавено и во белградскиот весник „Комедија“, што сведочи за нејзиниот поширок културен одек и за интересот што овој настан го предизвикал надвор од локалната средина.

Сеќавањето на овие луѓе и на нивната посветеност е суштинско за разбирањето на почетокот на македонска оперска сцена. Нивната работа не била само уметничката изведба – таа била израз на лична иницијатива, која била одраз на локалната социјална динамика и колективен интелектуален напор. На тој начин „Палјачи“ се потврдува како основоположнички момент во културната историја на Македонија, сведочејќи дека естетската и музичката афирмација на едно општество секогаш произлегува од визионерски, посветени и креативни индивидуалци.

Премиерна изведба на „Палјачи“: На сцената, од лево кон десно, се: Андреј Шчербаков во улогата на Канио и Сергеј Михајлов како корепетитор (клавирска придружба)

Истакнувате дека македонскиот народ музички е обдарен од искон (милениумски), што е потврда за неговото народно творештво и фолклор. Каде е тука врската со минатото и создавањето на македонските опери од македонските композитори во слободната држава?

– Точно е дека македонскиот народ е музички обдарен од искон, што се потврдува преку богатото народно творештво и фолклорните традиции што се чуваат со милениумски континуитет. Овие музички карактеристики – како специфичната ритмика, мелодика и драмски мотиви – ја обликувале колективната музичка свест и формирале основа за развојот на класичната и на оперската музика кај нас.

Историски гледано, македонските композитори уште од првата половина на XX век, при создавањето опери како „Палјачи“ (1925) и подоцнежните дела во периодот меѓу двете светски војни, црпеле инспирација од народната музика, истовремено усвојувајќи европски оперски модели. На тој начин, македонската опера се создава како природно продолжение на богатото музичко наследство, каде што традицијата и иновацијата се спојуваат, овозможувајќи дела со национален идентитет и современа уметничка вредност, кои го афирмираат нашето музичко творештво и на домашната и на меѓународна сцена.

Вашите долгогодишни истражувања се фокусираат на културно-уметничките организации, манифестации, поединци во развојот на музичката култура – вклучително и нивното формирање уште од најраната образовна возраст. Дали тие резултати може да послужат како подлога за создавање нови музички творби, какви што се опери, кантати и други дела, со цел поголемо афирмирање на македонското музичко творештво на домашната и на меѓународната сцена?

– Апсолутно. Моите дводецениски истражувања за културно-уметничките организации, потоа манифестации и улогата на поединците во развојот на музичката култура обезбедуваат богата и систематизирана основа, која може да послужи како подлога за создавање нови музички дела. Со овие сознанија, композиторите и педагозите можат да ги инспирираат своите творби, како опери, кантати и други музички композиции, со што се овозможува поголема афирмација на македонското музичко творештво, како на домашната, така и на меѓународната сцена.

Истовремено, преку проучување на историските и социокултурните контексти на музичкото творештво, можеме да разбереме кои фактори ја поттикнуваат музичката креативност и како локалната традиција може да се интегрира во современите интернационални трендови, создавајќи дела кои се истовремено национално обележани и глобално релевантни.

Во Националната опера и балет во текот на ноември премиерно беше изведена операта „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало. Имајќи ја предвид 100-годишнината од изведбата на „Палјачи“ во Штип, дали тоа значи дека оваа опера долго живее како музичко дело кај нас?

– За мене, неодамнешната премиерна изведба на операта „Палјачи“ во Националната опера и балет носи повеќеслојно значење. Пред сè, ја доживувам како потсетување на историската премиера во Штип во 1925 година, на внимателен и почитувачки начин, со која се одбележува овој значаен јубилеј – 100 години од првата оперска изведба во Македонија. Во тој контекст, современата продукција воспоставува јасна континуирана линија меѓу раните оперски обиди и денешниот институционален оперски живот.

Истовремено, оваа изведба ја препознавам како јасен показател за трајната уметничка виталност на делото на Р. Леонкавало. „Палјачи“ опстојува во нашиот културен простор не само како историски симбол, туку и како живо музичко дело што и денес активно комуницира со изведувачите и со публиката. На тој начин, јубилејната изведба ја потврдува двојната улога на операта – како носител на културната меморија и како дело со непрекината уметничка релевантност во македонската оперска традиција.

Промоцијата на монографијата се одржа на 18 декември 2025 година во Штип

Што беше планирано и како беше одбележан јубилејот, а што конкретно се оствари за овој значаен културен настан?

– Со промоцијата на монографијата, што се одржа на 18 декември во Свечената сала на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, всушност, заврши одбележувањето на значајниот јубилеј – 100 години од првата изведба на операта „Палјачи“ во Македонија. Овој настан беше формално прифатен и внесен во календарот на одбележување значајни датуми од историјата на македонскиот народ за 2025 година, што ја потврдува неговата историска и културна важност. Проектот за одбележување на јубилејот опфаќаше повеќе конкретни предлози, меѓу кои и одржување трибина на која требаше да се направи во извесна смисла – кратка историја за македонската култура во XX век, како и издавањето на оваа монографија како дел од програмата.

Промоцијата се реализираше со излагања на проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Оливер Цацков од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Модератор на настанот беше публицистот Мишо Китаноски, кој ја има улогата на втор рецензент на оваа монографија. На овој начин, промоцијата не само што ја претстави монографијата, туку и го потврди континуитетот на културната меморија, овозможувајќи научна и јавна видливост на овој историски настан за идните генерации.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 312, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот