Интервју со министерот за култура и туризам Зоран Љутков: Системот бара реформи за да биде фер и ефикасен
Во период кога главен фокус на уметниците, продуцентите и установите од областа на културата е подготовката на апликациите за Годишниот конкурс, со министерот за култура и туризам Зоран Љутков отворивме повеќе теми околу системот на функционирање на културата во државата.
Препорачано
Откако стапи на функцијата министер за култура и туризам, Зоран Љутков секојдневно е присутен на настани од својот ресор. Дел од нив се со протоколарен карактер, а дел се однесуваат на решавање тековни проблеми или на потрага по решенија од системски карактер. Покрај додавањето на секторот туризам во Министерството за култура, минатата година меѓу првите реформи беа измените во Годишниот конкурс за проекти од национален интерес.
Во текот на октомври е отворен Годишниот конкурс за проекти од национален интерес за 2026 година. Минатата година направивте промени во Конкурсот што прилично успешно беа прифатени. Дали и оваа година го применувате истиот рецепт?
– Се согласувам целосно со вашата констатација дека изменетиот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес за 2025 година помина успешно, што се потврдува преку малиот број приговори и висок степен на реализација близу 90 проценти. Тоа е јасна потврда за правилната евалуација на проектите и соодветната поддршка за корисниците, кои се клучни за нивна успешна имплементација.
Со објавата на конкурсите за поддршка на проекти од национален интерес за 2026 година, Министерството го продолжува реформскиот пристап во финансирањето, со мали, но стратешки измени што произлегуваат директно од потребите на културните корисници. Како резултат на деталната анализа, годинава, заради поефективна распределба на средствата, ја поместивме минималната граница за прифаќање проекти од 51 на 40 бода, ги зголемивме максималните износи за поддршка по одделни видови проекти, а креиравме и нови категории проекти, инспирирани од иницијативите на корисниците.
Дигиталното аплицирање ја олеснува процедура, а јасните и мерливи критериуми, приоритети и однапред утврдените финансиски средства ја гарантираат транспарентноста и непристрасноста на комисиите. Верувам дека ова ќе придонесе да видиме уште покреативни апликации годинава!
На националните установи им дадовте „отворен буџет“. Со каква цел ја направивте оваа промена?
– Одлуката за доделување делегиран буџет на одредени национални установи е концепт што го носам од самиот почеток на мојата работа, всушност, уште пред да ја преземам позицијата министер за култура и туризам. Овој механизам регулиран со закон се одобрува на установи што веќе покажале солидни резултати во работењето и имаат капацитет да ги исполнуваат обврските квалитетно.
Ова е израз на доверба кон раководителите на установите да ги истакнат своите менаџерски способности. Тие најдобро ги познаваат потребите на својата институција, без разлика дали станува збор за театар, музеј или галерија. Кога буџетот е строго распределен добри идеи често остануваат нереализирани зашто не се вклопуваат во предвидените средства.
Со воведувањето на „делегираниот буџет“, овозможивме поголема флексибилност и одговорно управување со ресурсите, во интерес на публиката. Ова, според мене, е дополнителна мотивација за тие да ги демонстрираат своите вештини. Искрено, задоволен сум што повеќето од нив го препознаа овој гест и ја оправдаа довербата, а кога некој проект ќе успее благодарение на вистинската одлука, тогаш знаете дека сте на добар пат.
До каде е процесот на ревизија на националните установи и кои се најчестите проблеми?
– Една од клучните надлежности на Министерството за култура и туризам е следењето на работата на националните установи, но и на сите корисници во културниот сектор. Ова е законски механизам што гарантира почитување на регулативата, исполнување на обврските од договорите за соработка, доследна реализација на уметничките концепти, како и наменско трошење на средствата од буџетот. Тоа е сериозен и обемен процес што го спроведуваме темелно и професионално.
Недостиг на публика, закочени процеси, повторувачки и неинвентивни уметнички концепти, како и установи што работеле под очекуваните нивоа беа само дел од затекнатите проблеми. Затоа, редовните проверки функционираат како корективен механизам. Македонија располага со комплексна мрежа од 72 национални установи со близу 3.000 вработени, а процесот на создавање и изведување на културата, како и грижата за културното наследство подлежат на повеќе закони. Во тој контекст, следењето на работата има единствена цел: унапредување на процесите. Ревизијата на работата не исклучува санкции кога е потребно, но не треба да се гледа на тоа како казнена мерка, туку повеќе како конструктивен чекор кон подобро функционирање на целиот систем.

Кои се позитивни примери на стабилизирање на состојбите?
– Кога ја презедов функцијата министер за култура и туризам, затекнав неповолни состојби за кои сметав дека мора да ги решаваме паралелно со градењето и унапредувањето на културниот сектор. На културата во Македонија ѝ беше потребно, пред сè, стабилизирање, а би било крајно непродуктивно целата енергија да ја трошиме само на барање виновници.
По повеќе од една година, можам со задоволство да констатирам дека успешно ја стабилизиравме ситуацијата. Спроведовме реформски конкурс, интензивно работиме на национални стратегии за културата и за културното наследство. Последната национална стратегија е истечена во 2022 година, а за нејзината имплементација нема да зборувам. Го презедовме секторот туризам и по полни седум години стагнација и целосно замирање ги афирмиравме културните и креативни индустрии како основа за развој на креативната економија. Реализиравме конкурс за креативни индустрии, а во моментов се прават анализи за изработка на национална стратегија во таа област.
Ја надминавме состојбата со Универзалната сала и продолживме со градењето на културната инфраструктура, која, иако некаде одамна започната, беше целосно стопирана. Во заштитата на културното наследство бележиме значајни исчекори во неколку клучни институции: Археолошкиот музеј, Заводот и музеј во Охрид, кои постигнаа драстични подобрувања во последната година.
Резултатите се видливи и во секојдневното работење: МНТ, Драмски и другите театри кои се полни, Операта и Балетот бележат рекордна посетеност, Филхармонијата се афирмира на меѓународни престижни сцени, како „Музикферајн“, а добивме и признание за нашето учество на „Експо“ во Осака. Имаме уште многу работа пред нас, но овие постигнувања се исклучително мотивирачки. Македонија поседува огромен потенцијал во културата и туризмот, и нивниот спој допрва ќе донесе резултати, бидејќи, таму каде што има визија и соработка, успехот е неизбежен.

Што се случува со новиот закон за култура и вклучувањето на туризмот во него?
– Со донесувањето на измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, се проширија надлежностите на Министерството, вклучувајќи ја и областа туризам, а со тоа и називот на институцијата е променет во Министерство за култура и туризам. Тоа повлече потреба од измени во повеќе закони од наша надлежност, вклучително и во Законот за културата. Од почетокот на 2025 година, Министерството за култура и туризам започна постапка за усогласување на сите релевантни закони со новата институционална поставеност. Законот за културата, во кој е интегриран новиот назив Министерство за култура и туризам, веќе е донесен, а туризмот пак се регулира преку посебна законска рамка. Министерството сега активно работи и на усогласување на законодавството од областа на туризмот, со цел обезбедување конзистентна и функционална регулатива што ги поддржува развојните цели на двата сектора.
Паралелно со тоа, во рамките на Министерството е формирана работна група што активно работи на подготовка на нов, современ и сеопфатен Закон за културата, кој ќе ги одрази актуелните предизвици, развојни приоритети и новиот контекст во кој функционира секторот. Новиот закон е голем чекор напред затоа што првпат гледаме на културата и туризмот како на заедничка приказна.
Како течеше процесот на спојување на двата сектора и што ќе следува понатаму?
– Тоа беше предизвик, бидејќи зборуваме за две сфери што досега функционираа одвоено. Но веќе гледаме резултати: туризмот добива културна димензија, а културата нова економска вредност. Одржавме серија панел-дискусии и консултации со локални самоуправи, туристички организации и уметници, а следно е создавање регионални културно-туристички центри како двигатели на развојот, особено во руралните средини.
Како дојде до недоразбирањата со платите во културниот сектор?
– Во последно време, дебатата за платите во културата станува сè поинтензивна, а копјата се кршат на сите страни. Како актер со богато искуство, добро ги познавам трансформациите што се случија во последните години. Од позицијата министер за култура и туризам, сакам да ги појаснам клучните аспекти, за да се разјаснат работите и да се отвори пат кон конструктивен дијалог.
Во изминатата година, буџетот за култура изнесуваше 1,49% од вкупниот буџет на Македонија, што во апсолутни бројки претставува 4,85 милијарди денари. Покачувањето на платите е системски предизвик, кој, ако не се менаџира внимателно, за кратко време може да го загрози долгорочниот напредок на целиот сектор. Во моментов, 57,43% од буџетот за култура се одлеваат на плати, додека само 18,88% се наменети за програми и проекти. Автоматски обврските за покачување на платите неизбежно ќе го доведат секторот во хроничен дефицит за креативни иницијативи. Во таква ситуација, тешко ќе можеме да зборуваме за афирмација на националната култура, презентација на современите правци или поддршка на иновации, а за неколку години, целиот буџет би можел да се потроши исклучиво на плати.
Природно се наметнува прашањето: како установите ќе генерираат приходи ако немаат силни програми? Состојбата често се гледа еднострано, без вистинска желба за надминување на проблемите. Македонија има гломазна мрежа на национални установи – на пр. имаме повеќе театри по глава на жител отколку која било европска земја. Во Србија, со 6,5 милиони жители, има нешто повеќе од дваесетина национални установи, додека ние имаме 72 за помалку од 2 милиона жители. Оваа структура бара рационализација, за да можеме да инвестираме во квалитет, а не во одржување на преголем систем. Во процесот на создавање култура сите чинители имаат свое место, но и свој придонес. Непримерно е да ве интересира само платата, без самокритично да погледнете и на својата работа и придонесот што го давате на работното место или, пак, квалитетот со кој ја извршувате работата.
Поентата е јасна, системот бара реформи за да биде фер и ефикасен. Имам впечаток дека, во отсуство на желба за надминување на овие состојби, најлесниот пат е да се излезе пред Министерството и да се штрајкува. Но, вистинското решение е во соработката, да ги идентификуваме проблемите заедно и да ги решиме системски. Вистинското решение е сите посветено да работиме и да придонесуваме за повисок квалитет и подобра култура. Јас сум убеден дека имаме потенцијал и капацитет, но, исто така, сум убеден дека едностраното гледање единствено на платите, не нè носи до посакуваното место. Времето кога е потпишан Колективниот договор за културата и денешната состојба се драстично променети и затоа освен за платите треба да се разговара и за другите одредби од договорот.
Како ќе се надополни недостигот на средства за програмските активности?
– Искрено, прашањето за финансирање на културата е исклучително сериозно. Дел од решението го бараме преку ребалансот на буџетот, но и преку нови модели на финансирање: европски фондови, јавно-приватни партнерства и зголемена поддршка од локалните самоуправи. Установите апсолутно не смеат да се потпираат исклучиво на Министерството за култура и туризам, тие мора да станат поактивни во генерирањето на сопствени ресурси. Колку за илустрација, во 2024 година, од вкупно 297 мислења издадени од Министерството за култура за спонзорства и донации, само 27 беа иницијативи од националните установи. Оваа слика е делумно променета во 2025 година, но очекувам тоа да биде уште повеќе. Ова јасно покажува дека дел од установите функционираат единствено со буџетските средства, без иницијатива самите да обезбедат дополнителни финансии. На мое големо задоволство, постојат и установи кои одлично ги менаџираат потребите и успешно генерираат најмалку еден дополнителен буџет од сопствени приходи. Ова е потврда дека за квалитетен културен производ секогаш има публика или народски кажано: „добар производ сам се продава“.
Очекувам во иднина ова да стане стандардна практика за повеќето установи. Верувам дека културата може да стане самоодржлива – доволно е да ѝ дадеме простор и поддршка за тоа. Само така ќе изградиме сектор што ќе расте самостојно и ќе придонесува уште повеќе за општеството.

Каде Зоран Љутков се чувствува поудобно – во министерската фотелја или на театарската сцена?
– И во двата простора сум свој. Театарот е мојот живот, а Министерството е мојата обврска и одговорност. Сметам дека уметникот во институција може да донесе автентична перспектива затоа што ја разбира суштината на културното создавање. Но, морам да признаам дека и оваа позиција има своја тежина и благородност, бидејќи можеш да направиш нешто значајно за сите уметници, не само за себе. Јас не ја гледам министерската функција како моќ, туку како можност да се врати достоинството на културата.
Како министер, не престанавте да играте во претставите во Драмски театар во кои имате актерска улога. Зошто?
– Да, сè уште играм во претставите во кои имам улога. Не затоа што морам, туку затоа што не можам поинаку. Театарот е мојот дом. Кога стоиш на сцена и гледаш луѓе што дишат со тебе во истиот ритам, тоа е нешто што те потсетува зошто постои културата, воопшто.
Секако, го правам тоа надвор од работното време и без дополнителен ангажман. Тоа не е прашање на статус, туку на љубов кон уметноста. Верувам дека ако човек се откаже од својата суштина, ќе изгуби дел од себе, а јас не сакам да го изгубам тој дел.
И знаете што? Публиката е најискрениот коректор. Таа не ти простува ако си неискрен и тоа ме држи буден и во театарот, и во Министерството.


