Фото: Приватна архива

Интервју со Мартина Павлоска, фотографка: Со полароидот го „крадам“ моментот, со сите мали грешки и необични бои

„Живееме во дигитален свет каде што правиме стотици фотографии со телефоните, а често ниту една од нив не ја допираме со рака“, вели Мартина.

По години поминати во светот на светската мода, нашата поранешна манекенка Мартина Павлоска го продолжува својот креативен израз преку фотографијата. Нејзиниот фокус се полароидот и алтернативните фотографски техники со кои создава искрени фотографски дела во кои процесот, грешките и моментот ѝ се еднакво важни како и резултатот.

Во интервју за „Слободен печат“ со Мартина зборуваме за нејзиното искуство како манекенка, ангажманите поврзани со фотографијата и идните планови.

Мартина, долги години работеше како манекенка за некои од највлијателните модни куќи и дизајнери во светот. Што претставува тоа искуство за тебе и со кој момент или соработка од тоа време се гордееш најмногу?

– Mанекенството за мене беше многу повеќе од позирање – тоа беше мојата прва и најважна школа. Соработував со најдобрите во светот, гледајќи како се работи со светло, како се креира сценографија, како се создава таа совршена модна магија. Тоа искуство ме научи што значи дисциплина, како да се издржи кога е тешко, но најмногу од сѐ, научив да набљудувам. Денес кога сум од другата страна на апаратот, јасно ја гледам предноста: точно знам како се чувствува моделот и како да ја извлечам вистинската емоција. Не би делела посебни ревии или насловни, горда сум на целиот тој пат што ме обликуваше во личноста што сум денес и ми помогна да се запознаам подобро со себеси.

Фото: Приватна архива

Денес во твојот фокус е фотографијата, особено полароидот. Што беше клучниот момент да се одлучиш за овој креативен израз? И што е тоа што овој медиум ти го дава, а не можеш да го добиеш преку дигиталната фотографија?

– Живееме во дигитален свет каде што правиме стотици фотографии со телефоните, а често ниту една од нив не ја допираме со рака. Полароидот е контраст на тоа – тој е предмет, мал спомен што можеш веднаш да го подариш или да го ставиш на ѕид. Она што го прави посебен е неговата искреност. Кај него нема фотошоп, нема „ајде уште еднаш“ додека не испаднеме совршени. Тој го „краде“ моментот точно таков каков што е со сите мали грешки, заматувања или необични бои. Токму тие несовршености ѝ ја даваат душата на фотографијата. По години поминати пред објективи каде што сѐ мораше да биде под контрола и совршено, полароидот ми дојде како освежување.

Фото: Приватна архива

Експериментираш со цијанотипија, лумен принт и други алтернативни техники. Колку процесот и непредвидливоста влијаат врз финалното дело и твојата креативна одлука?

– Тоа е еден од највозбудливите моменти! Процесот на креирање ми е исто толку забавен како и крајниот резултат. Кај овие техники никогаш не знаеш точно што ќе излезе на крај и токму тоа е магичното што ме привлекува. Честопати тргнувам со една идеја, а излегува нешто сосема друго и поубаво. Таа непредвидливост ме научи на трпение и на тоа дека уметноста не мора секогаш да биде испланирана до крај. Со овие процеси се запознав на „Зрно“ каде што ја пронајдов мојата екипа и каде што научив дека „грешките“ често се најубавиот дел од фотографијата. Слободата за експериментирање што ја нуди „Зрно“ е незаменлива и ме научи да гледам на креирањето фотографии како на игра, не како на работа.

Живееш и работиш во Милано, град кој е силно обележан од модата и уметноста. Како тоа искуство и ритамот на животот таму го „обликуваат“ твоето око и начинот на кој создаваш фотографии?

– Милано е луд град – брз и бучен, но ако застанеш за момент, ќе видиш еден куп скриени ќошиња. Тој контраст ме научи да барам мир во секој хаос. Тоа што сум опкружена со мода и уметност на секој чекор, ме учи да го исклучам телефонот и да уживам во моментот

Фото: Приватна архива

Зад тебе имаш многубројни меѓународни изложби, но и работа со луѓе преку работилници. Колку ти е важен тој колективен аспект на создавање и споделување уметност?

– Уметноста не е нешто што треба да се чува само за себе. Изложбите се супер како завршен чин, но работилниците се она што навистина ме исполнува. Преку работилниците можам одново да го доживеам моментот на создавањето на првиот полароид и да видам како другите се радуваат кога ќе направат своја фотографија. Сакам кога луѓето откриваат дека и тие можат да креираат, дека фотографијата не е само кликање на копче, туку процес на создавање со сопствени раце. Преку работилниците учам исто толку колку што споделувам. Таа енергија инспирира и создава чувство на размена и заедница, а во заедницата на Зрно е токму тоа што го имаме – споделување и заедничко учење.

За крај. Кои се твоите идни професионални планови? Дали наскоро ќе видиме твоја изложба во Македонија?

– Постојано нешто се „крчка“. Подготвувам работилници за следното издание на „Зрно“ и работам на неколку доста интимни проекти, лични и во соработка со другите автори. Македонија ми е секогаш во срцето и отсекогаш сум сакала да ги покажам моите фотографии пред моја публика, па се надевам дека наскоро ќе се дружиме со изложба и кај нас.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот