Интервју со Марија Васиќ: Од мис станав докторка и не жалам за тоа

Фото: Приватна архива

Дваесет години поминаа откако во тогаш преполната Универзална сала, за Мис на Македонија за Мис на светот беше избрана Марија Васиќ. Нејзината убавина, грациозност и шарм ѝ ја донесе победата на еден од најубаво организираните избори за мис во тоа време, кои подоцна почнаа да се одржуваат во дискотеки и во ресторани и никогаш не се вратија на истото ниво. Во животот на Марија Васиќ многу нешта се сменија од тогаш. Таа денес е доктор-анестезиолог, мајка на две машки деца, среќно мажена, а она што остана речиси исто е нејзиниот изглед, нешто кое многумина го коментираа откако се појави да додели награда на „Златна Бубамара на поуларноста“. За „Слободен печат“, Марија открива детали за својот сегашен живот, но и со радост се сеќава на времето кога во 2003 година, отпатува во Кина за да ја претставува Македонија на Мис на светот.

Фото: Приватна архива

Се појави на манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“ за да му врачиш награда за Мирослав Илиќ, а Игор Џамбазов искоментира дека 20 години не те видел. Колку долго не си била на јавна манифестација или во медиумите, како се чувствуваше повторно на сцена?

– Звучи просто неверојатно, но ете и јас сум навистина пријатно изненадена, дека по поминати 20 години, некој сепак, се сетил да одбележи два за мене значајни јубилеи. Првите 20 години „Модна недела“, за неколку дена потоа да бидам поканета на „Златна Бубамара“ во делот на доделување на награди и, меѓу другото, од страна на маестралниот Игор Џамбазов, да бидам преставена како поранешна Мис на Македонија за 2003 година.

Фото: Приватна архива

Поминаа точно 20 години од твојата победа на Мис на Македонија во 2003 година, какви сеќавања носиш од таа вечер кога победи во Универзалната сала, се случи ли нешто специфично?

– Магичен часовник вратен 20 години наназад, преполн со волшепства, бајковити спомени и позитивни емоции кои на друг начин не можат да се опишат освен истите да се доживеат. Иако изминаа 20 години, како вчера да се случуваше дефилето на кандидатките, подготовките и самиот избор во преполната Универзална сала. Неизвесноста и напнатоста се дозираше со крешендо на респектабилната конкуренција, сериозноста на жирито и критичкото око на присутниот аудиториум. Самиот настан во јавноста ќе остане забележан, како еден од најдобро организираните и најобјективни избори за Мис на Македонија, а за мене секогаш ќе претставува реликвија за почит и сатисфакција од прекрасни и убави спомени.

Паметам дека организаторката на Мис на Македонија за Мис на светот имаше финансиски проблеми, па поголемиот дел од финансиите за патувањето за изборот Мис на светот во Кина ги плати со помош на твоите родители. Што точно се случи?

– За финансискиот дел од приказната, не сум целосно информирана со оглед што тогаш сѐ уште бев еуфорично расположена и бев енергично насочена кон другиот, да речам психофизички дел од подготовките, изборот на облека, шминка, стајлингот и слично. Познато ми е дека сепак ангажманот на организаторот и носител на лиценцата за Мис на светот, госпоѓа Лидија Велковска, заедно со моите родители и добрите луѓе, конечно вродија со плод, за успешно да заминам на изборот во Хаинан, Кина.

Фото: Приватна архива

Како помина инаку на натреварот на островот Санија – што научи и што нема да заборавиш никогаш од тоа патување?

– Таа 2003 година, изборот за Мис на светот се одржуваше на 10 милионски остров Хаинан во градот Санија, во грандиозна огромна сала, конструирана и изградена само за оваа прилика, со неверојатен футуристички екстериер и интереиер.

Сите мисици од целиот свет, чинам околу 120 на број, бевме удобно сместени во хотел „Шератон“, изолирани од окото на јавноста, освен при организираните рекламно – маркетиншки проекти во Санија – Хонг Конг, Пекинг и други градови и места низ огромната Кина.

Предизборието и самиот избор, организациски беше совршено подготвен, со невидена мас – медиумска заинтересираност и продадена карта до последно столче на сите проби, генералната проба и самиот чин на изборот.

Спектакл за паметење, доживотно врежан во моите сеќавања, некако како да е Хаинан мојата „Т’га за Југ“, каде и да погледнеш- „Сегде Божева је хубавина“.

Но, во таквиот убав свет, доминираат бизнис и секакви други интереси, до оние клучните општествено – економски и политички, па така на самиот крај сфаќаш дека и самото учество и влезот во топ 10 – Мис таленти е навистина голема победа и исто таков успех!

Фото: Приватна архива

Кога реши да го оставиш манекенството и фото-моделството, мислиш ли дека кај нас е можно да се живее само од таа професија во денешно време, во актуелноста на социјалните мрежи?

– Мудроста вели дека не може да се седи на две столчиња, па така веќе запишана на Медицинскиот факултет, морав одговорно и сериозно да се посветам на науката, како мој предизвик и иден животен сопатник.

Слободен простор буквално и да се нема, а камоли за дружба, манекенство и слично.

Не велам дека нема исклучоци и можеби грубо ќе звучи, но едно се желбите, а друго можностите, што ќе рече дека ние како мала држава, објективно не сме конкурентни на светскиот пазар и таквата гладијаторска арена, па така неправедно доаѓаме и до одговор на прашањето за манекенството и моделството како избор на професија.

Длабоко сум убедена дека ниедна техника, па ниту еден клониран компјутер или електронска мрежа комуникација, фотографија, фотошоп и слично. ниту сега, ниту некогаш во иднина, ќе може да ги замени Синди Крафорд, Клаудија Шифер, Наоми Кемпбел, Лидија Велковска, Светлана Црнокрак и многу други.

Фото: Приватна архива

Сега работиш по струка, анестезиолог си (кажи ми повеќе детали за работата), дали некогаш зажали што ѝ се посвети на медицината, една од најтешките професии?

– Досега никогаш не сум зажалила за ниту една моја одлука, затоа што чинам секогаш свесно и разумно ги носам, па дури и тогаш кога сум мислела дека непотребно или избрзано и непромислено сум постапила, а времето како мој верен сојузник – позитивно ме афирмирало.

Ми поставувате ребус прашања, на кои сум ви благодарна, бидејќи ме иницирате да направам анализа, буквално пресек на целото како СЀ, целиот мој досегашен живот спастрен во два дела – две убави половини од по 20 + 20 години и такви јубилеи.

Има ли случка со пациент од оперативната сала или општо врзана за твојата професија која никогаш нема да ја заборавиш?

– Професијата доктор е навистина најхуманата професија, со право од Бога благословена и до Бога возвишена од самото раѓање па сѐ до смртта!
Веќе 6 години како доктор – анестезиолог работам во приватната клиничка болница „Аџибадем – Систина“.

Мојата професија подразбира голема одговорност и посветеност кон тешко болните, но задоволството и насмевката на секој пациент, го анулира мојот секојдневен стрес и ми дава дополнителна мотивација да бидам уште подобра и поуспешна во тоа што го работам.

Фото: Приватна архива

За твојот приватен живот исто така малку се знае, дали имаш семејство, што ти го исполнува слободното време?

– Осмото како интимно прашање, нуди бесконечен краток одговор. Имам семејство, сопруга сум и мајка на две малолетни машки деца. Секое мое слободно време, несебично го вложувам во нивните секојдневни обврски, учење; спортски активности – кошарка и скијање, но се занимаваат и со музика – поголемиот син свири гитара, а помалиот клавир.

На „Златна Бубамара“ многумина забележаа дека не си многу променета, како се негуваш, имаш ли риуали за убавина што ги применуваш?

– Јавноста преставува најголемиот критчар, па секако драго ми е ако не сум го изневерила нивното мислење во поглед на изгледот по 20 години. Таквиот комплимент, ме прави дополнително мотивирана да продолжам со истото животно темпо, негувањето и одржувањето на физичкиот изглед. Покрај генетиката, која ја сметам за многу битен фактор, секако внимавам на здравата исхрана и правилото да не се прејадувам. На телото му пружам буквално сѐ што ќе посака, но во мали количини и скромна вечера со некое свежо овошје.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот