Интервју со Марија Вардарска, жена на зборот: Среќа е кога мислата тече, без оглед дали ќе добие публика

Марија Вардарска, поетеса и уметница, Фото: Ерина Богоева

По една деценија настапи пред секоја бандера во земјава и надвор од неа, како што вели самата Марија, во соработка со актуелниот добитник на наградата „Најдобар млад џез-музичар“ Филип Букршлиев спрема студиски албум.

Низ Марија дише зборот и мислата. Има објавено две стихозбирки, учествувала на европско првенство за слем поезија, го има прошарано светот со нејзините придавки и синтагми и како сведоци на нејзината работа, со нетрпение го очекуваме албумот што ќе ги венча блузот, џезот и поезијата, односно нејзиното „чедо“.

Ти си жена што постои во единство со зборот. Кога почна да твориш и зошто?

– Пишувам со задоволство веројатно од самиот момент кога се стекнав со способноста, а мислам дека во раната адолесцентска возраст го открив катарзичниот ефект на пишувањето во неговата целост. Ревносно читав и пишував зашто тоа ми овозможуваше да ја обработувам реалноста и да ги складирам емоциите, а нудеше бескраен празен простор за саморефлексија. Покрај македонските мајстори на зборот како Кочо Рацин и Ацо Караманов, првите поети кои продреа до мене беа Бодлер, Лорка, По, Тагоре. Во текот на наредната деценија објавив две збирки и настапив безброј пати, ама подраги ми останаа милионите „невидливи“ зборови испишани во самоподдршка низ процесите на растење. Уметноста за мене е алатка за живот. Среќа е кога мислата тече, без оглед на тоа дали ќе добие публика.

Kако почна да се занимаваш со слем поезија? Дали беше природен тек на настаните или поезијата мора да се чита гласно?

– Со слем поезијата се сретнав спонтано, некаде низ каналите меѓу поетските настани на кои учествував за време на студиите, и тоа баш во вистинското време кога ми беше неопходно да допрам до нови ефикасни техники за самоизразување. Потоа дојде официјалното запознавање преку првото учество на Националниот слем-натпревар во Прилеп во 2017 година. Победив и следната година ја претставував Македонија на Европскиот шампионат во слем поезија во Будимпешта. Слемот и прекрасната соработка со екипата од Поетри слем Македонија, а особено поетите Елена Пренџова и Игор Трпчески, ми пружија нов ветар во грб и многу вредни искуства. Изговорената, изведената поезија има поинаков живот од онаа која постои само на страницата. Слемот е формат што дозволува многу автентичност, игривост и непредвидлива динамика меѓу публиката и авторот, и тоа ја чини сета дополнителна магија. Но, тоа не значи дека поезијата мора да се чита гласно. Некогаш е сосема подобро да ја соџвакаш сам и да пуштиш да ти одѕвонува со твојот глас.

Фото: Ерина Богоева

Што е следно за тебе? Каде ќе те носи патот на креацијата?

– Добив можност за нов предизвик. Патот ме доведе до соработка со џез-гитаристот Филип Букршлиев, кој во моментот е активен во составите „Taxi Consilium“ и „Filip Bukrshliev Trio“, а резултатот е уникатен дијалог меѓу поезија и музика, за кој особено важи правилото дека целината е повеќе од простиот збир на нејзините составни делови. Знам дека сум на вистинското место зашто процесот ми е многу забавен. Може да се почне од постоечки музички сегмент, со извлекување стихови од емотивниот стимул, контекст или набој, може да се почне и обратно, со силна поетска нишка што наметнува ритам, или пак надолж или попреку, сеедно – оваа древна испреплетеност на зборот и звукот не робува на ригидни правила. Ние само што почнавме да го истражуваме креативното поле кое се создаде меѓу нас и љубопитна сум каде ќе нѐ одведе патот. Инаку, пишувам и проза, која ретко ја споделувам ама посебно ме исполнува и таму наоѓам многу потенцијал за развој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @the_sentient_sea

Од какво значење е транзицијата од пишан збор до изрецитиран, па сега испеан?

– Таа транзиција ме научи на одговорност кон своето творештво, да можам да застанам зад напишаното, повторно и повторно, и да ја најдам искрата одново. Ме научи и да распознавам што е суштински важно да се каже, а што е декоративен шум без кој се може. Ако јазикот ја моделира свеста, пишувањето може да се сфати како кодирање на внатрешната реалност. Кога ќе го споделиш со другите, во статичен облик, како да си го спростираш умот пред лупата на светот, што е доволно храбар чин сам по себе, ама изведувањето на сопствената поезија е сепак вложување на нешто повеќе. Настапите ми го подобрија слухот за природниот ритам во поезијата, ми овозможија многу обиди и грешки и креативни решенија. Во последниве години, секоја песна на која работам ја содржи намерата да биде изведена и меѓу другото ќе биде проценета според тоа како „се снаоѓа во просторот“. Кога во процесот се вклучи музика, тоа ми изгледаше како најприродната идеја на светот.

Каква е соработката со Филип Букршлиев? Колку од делото е индивидуално, а колку се должи на симбиоза?

– Соработката тече без особен напор бидејќи сме партнери и добро се познаваме, па меѓу нас имагинацијата тече неусилено и делото настанува преку слободна игра со интуитивна логика. Филип секогаш има музика на ум, а јас сум во непрестаен процес на уредување текст. Кога сѐ ќе си дојде на свое место, песната самостојно дише и одеднаш станува незамисливо дека некогаш функционирала засебно, како само текст и само мелодија. Притоа, не постои соодветен начин да се одреди колку од тоа е индивидуален придонес, а колку резултат на симбиоза – секој си ја има својата улога, насоките се минимални, императивот е да го споиме она што нѐ исполнува, по можност со заобиколување на стандардните клишеа.

Фото: Ерина Богоева

Кои се карактеристиките на албумот што доаѓа и кога можеме да го очекуваме неговото објавување?

– Како звучен феномен се работи за визуелно сугестивен современ џез со слободно течение, некогаш само проткаен со поезија, некогаш целосно поведен и одреден од неа. Во овој момент сите понатамошни класификации ми делуваат тенденциозни, па би го оставила материјалот сам да се раскаже. Ќе вклучува стихови на македонски и на англиски јазик, а објавувањето можеме да го очекуваме наесен – едвај чекам да го сретнам резултатот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @the_sentient_sea

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот