Фото: Приватна архива

Интервју со Лира Грабул, костимограф и професор: Три генерации уметници во семејството се моја гордост, но наследството понекогаш тежи

Лира Грабул е уметница, костимографка и професорка со децении посветеност кон визуелната уметност и естетиката. Родена во семејство на истакнати креативци, таа го продолжува богатото наследство на Јордан и Искра Грабул, оставајќи длабок печат во културниот живот преку својата работа, педагошки ангажман и визија за уметноста како духовна и општествена вредност.

Во интервјуто за „Слободен печат“ зборува за животот меѓу три генерации уметници, предизвиците и убавините на костимографијата, односот со синот Сатја и трајната инспирација што ја црпи од секојдневието и семејното наследство.

Потекнувате од уметничко семејство – Вашите родители, Вие, а сега и Вашиот син Сатја Грабулоски. Три генерации уметници… Како изгледа растењето и живеењето во една таква креативна атмосфера?

– Сите доаѓаме во оваа физичка форма со задача да ја исполниме својата судбина, а атмосферата во која растеме и се развиваме ни дава правец и искуства што се засекогаш присутни во животот. Тоа значи дека треба да растеме духовно, емотивно, професионално и на секој друг начин. Да, среќна сум што се родив во семејство целосно посветено на уметноста, дизајнот и прекрасни дебати за развој на душата, индивидуалноста, убавината, мудроста и позитивноста во секојдневието. Големата слика на животот секојдневно по малку ја градиме, но тоа треба да е свесно, одговорно, со љубов и емпатија како основа на сѐ. Во таква атмосфера е воспитуван и Сатја.

Дали има моменти кога препознавате нешто од себе во делото на Сатја? И обратно – дали понекогаш Вие се инспирирате од него?

– Секако дека има такви моменти. Сатја е во секој поглед тип на креативен, современ млад човек. Јас сум била насочена на теми врзани со костимографијата, естетиката и педагогијата. Тој има видик на цела професионална ситуација од различни агли, многу е посветен на тоа што сака и знае одлично да го работи. Многу ми е важно и се трудам да имам отворен ум за нови сознанија и предизвици. Ново време, нови луѓе. Има прекрасна синергија во работата помеѓу нас, одлично се разбираме. Сатја е воспитан млад човек, емотивно богат, одговорен, сериозен, вреден и посветен на својата идеја и горда сум на тоа.

Фото: Приватна архива

Како гледате на идејата за „уметност како наследство“ – дали тоа е товар, привилегија или можеби и двете?

– Секако има голема одговорност во сето тоа. Почитта кон своето и туѓото наследство не се стекнува преку ноќ… тоа е воспитување. Привилегијата си ја чувствуваме ние, не општеството. Тоа го користи наследството само кога има интерес од некоја културолошка приказна во одреден момент. За товарот на зачувување на творештвото на еден автор и не ми се зборува… особено за габаритот на делата и неможноста тие да се сместат во посебна галерија.

Кога ќе се спомене името Лира Грабул, неизбежно се поврзува со костимографијата – специфична форма на изразување. Од каде потекнува љубовта кон оваа уметност и какви беа Вашите почетоци?

– Малку е комплицирано да имаш иста уметничка насока како некој што бил успешен пред тебе во таа професија – особено очекувањето да го надраснеш и да станеш уште подобар. Вајарството и архитектурата не беа мој избор и, да бидам искрена, иако имав чувство за тродимензионална форма, модниот дизајн (како кај повеќето млади!) и костимографијата повеќе ме привлекуваа. Мајка ми беше исклучителен архитект за современ ентериер и екстравагантна жена, со изразена визија за современиот израз во дизајнот. Гледајќи од оваа перспектива, таа ме има насочено кон дизајнот на облека. Бидејќи имав малку побујна идејна мисла, повеќе се пронајдов во костимографијата отколку во модниот израз и облеката, иако сето тоа е многу тесно поврзано. Околностите беа такви да требаа костимографи во МТВ и следниот ден, кога се вратив од Белград, бев викната на работа. Во професионалниот ангажман, некако ги следев потребите на културната сцена и образованието на кадар, така ми се отвораа насоките што ги следев и бев искрено и одговорно насочена кон нив. Предавав на отсекот за дизајн на текстил и облека во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, на ФЛУ, ЕСРА, ФДУ и Текстилно-технолошкиот факултет, различни предмети тесно врзани со модниот дизајн и костимографијата.

Фото: Приватна архива

Какво е чувството, како професор, кога гледате дека Ваши ученици стануваат успешни уметници?

– Ми причинува голема радост кога ќе ми се јават поранешни ученици и студенти. Ме радува сечиј успех и посакувам сите да имаат подобри услови за работа, истрајност и сила да го издејствуваат тоа што го сакаат во животот. Мислам дека е огромна штета што немаме државен факултет за применета уметност (дизајн).

Кога не се занимавате со уметност, што Ве опушта или инспирира во секојдневието?

– Не знам поинаку да размислувам, за мене сѐ во животот е убавина и дизајн, дури и кога сум во природа или на море, така и настојувам да живеам. Универзумот е највисокиот дизајн, божественото, се трудам во сѐ да го видам и сметам дека тоа е најесенцијалната естетика што се прекршува во разни форми на нашето креативно делување и постоење.

Што би ѝ рекле на младата Лира – таа што штотуку дипломирала во Белград – со целото животно и професионално искуство што го имате денес?

– Не сакам да звучам песимистично, но мислам дека на мои години имам право да ги сменам насоките и приоритетите што веќе не ме задоволуваат. Сѐ што сум работела во животот било одговорно, професионално, искрено и сум настојувала да го извлечам максимумот. Знам едно, а тоа е дека никогаш не сум била сосема задоволна од сработеното, секогаш можело да биде подобро. Воспитана сум да бидам критична кон себе и избегнувам конвенционалност. Веќе немам потреба од гужви и посветена сум на индивидуална работа во ателје. Секако, благодарна сум на сѐ што сум научила низ професијата, на сите падови, подеми, комуникации… мислам дека тие ме оформиле и не би менувала ништо.

Постои ли некое парче облека или костим што го чувате како особено драг – не поради неговата визуелна вредност, туку поради емоцијата што ја носи?

– Да, имам некои емотивно вредни парчиња облека, накит, мебел, скулптури, цртежи во наследство и често размислувам што ли ќе му оставам на Сатја. Многу емотивно наследство може да направи и проблем.

На самиот врв на Крушево се издига Македониумот – симбол на македонската борба за слобода и самостојна држава, а дело на Вашиот татко. Какво значење има тоа дело за Вас, не само како негова ќерка, туку и како уметник што продолжува едно силно семејно наследство?

– Автори на Македониумот се Јордан и Искра Грабул. За жал, споменикот го дефинираше нивното творештво, иако имаат направено уште многу, многу други дела. Највисока почит кон нивното творештво, кое, впрочем, е и голем дел од нашите животи. Горд наследник сум на прекрасни, современи творци. Жалам што нашава држава нема сила, можности и(ли) знаење да го одржува Македониумот во добра состојба и да не го направи музеј во внатрешноста. На крајот на краиштата, сѐ е едно и сѐ се стопува во целината, видена низ нашиот однос кон материјалното наследство. Ангажирана сум на иницијатива за изнаоѓање долгорочно решение, која се надевам ќе резултира со концепт применлив на мноштвото споменични обележја низ Републиката.

За крај, лето е… Колку уживате во овој дел од годината и што е за Вас идеален одмор?

– Летото е прекрасен дел од годината. Го поминувам работно, во убави вибрации. Бидејќи сум веќе во можност да избирам кога сакам да патувам, го избирам септември за идеален одмор. Каде, допрва ќе видиме, можеби во Крушево.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот