ИНТЕРВЈУ со Кристен Хафрнсон, главен и одговорен уредник на „Викиликс“: Новинарите му служат само на еден господар – јавноста
Пред 14 години кога ја видовме првата реакција на објавувањето на видеото „Колатерално убиство“, Џулијан знаеше дека ќе биде во центарот на вниманието и велеше „за ова ќе ме гонат до крајот на светот“. Секогаш е тешко да се каже „дали би го направил ова повторно“, но мислам дека би го направил поради неговата принципиелност, вели Кристен Хафрнсон, главен уредник на Викиликс, во интервју за „Слободен печат“.
Во Советот на Европа пред три дена беше усвоена Резолуција со која се потврдува дека Џулијан Асанж бил политички затвореник во Велика Британија и со која од САД се бара да го сменат Законот за шпионажа. Иако во дебатата учествуваа малку повеќе од една третина од сите пратеници во парламентарното собрание на Советот на Европа, неговиот тим и самиот Асанж се задоволни од добиената поддршка. Главниот уредник на Викиликс, Кристен Хафрнсон, за „Слободен печат“ вели дека таа била и подобра од нивните очекувања.
Препорачано
Според Вас, поентата на Резолуцијата е дека бил политички затвореник? Добивте поддршка од дел од земјите членки, но многу пратеници не беа присутни. Очекувавте такво нешто?
– Мислењето на ПССЕ е исклучително важно за да се признае она што го говоревме долго и да се покаже колкава беше нашата посветеност. Тоа е и сигнал кон другите новинари што се борат против големи сили во многу тешко опкружување. Ни треба храброст за да возвратиме и ова што се случи во Стразбур е дел од тоа возвраќање. Новинарите треба да направат чекор заедно, обединети за заеднички интерес. Поддршката овде беше дури и подобра отколку што очекував, а и Џулијан е среќен и задоволен од таа поддршка. Историски успех е што мнозинството го впери прстот кон Обединетото Кралство со зборовите „вие го држевте како политички затвореник“. И тоа од родното место на Европската конвенција за човекови права и од местото каде што е формиран Европскиот суд за човекови права. Тоа е признавање на неговата борба.
Но, факт е дека Асанж направи и многу штети во однос на државни тајни, безбедност и слично. И тој и Вие сте свесни за тоа.
– Тој откри многу и се претпоставува дека тоа е она што треба новинар да го прави. Тоа е суштината на новинарството и затоа сакавме „здрав“ процес, тоа е основа за сите вредности што ги изградивме во нашите општества и затоа ги нарекуваме демократии. Ако немаме робусна новинарска заедница со сите слободи и сигурност, ние немаме вистинска демократија. Токму тоа беше признаено овде во Стразбур. Беше признаено дека беше третиран нефер и ужасно затоа што ја правел вистинската работа. Во документот стои дека Џулијан призна дека е виновен заради новинарство. Тој добил информации, ги објавил информациите и тоа е од јавен интерес. Тоа е новинарство.

Дали сега има закани или притисок кон Асанж?
– Нема официјално закани. Не може да патува во Обединетото Кралство, но јас сум прилично сигурен дека во блиска иднина нема да сака да оди таму. Сепак, тој е слободен човек, може да патува и да прави што сака. Но, новинарството е под закана, а заканата за новинарството е потешка од кога било порано. И тоа е наш заеднички интерес, тоа е интерес кој Џулијан Асанж ќе го има на ум кога ќе одлучи да се врати.
Кога Џулијан Асанж сега би се вратил во тоа време од пред 14 години, мислите ли дека ќе го стори или заедно ќе го сторите истото?
– На Џулијан му беше поставено ова тешко прашање на сослушувањето. Тој е многу принципиелна личност. Можам да ви кажам дека пред 14 години кога ја видовме првата реакција на објавувањето на видеото „Колатерално убиство“, имаше силна реакција. Џулијан знаеше дека ќе биде во центарот на вниманието и велеше „за ова ќе ме гонат до крајот на светот“. Но, сѐ уште имаше храброст да продолжи бидејќи беше посветен на овие идеи. Секогаш е тешко да се каже „дали би го направил ова повторно“, но мислам дека би го направил поради неговата принципиелност.
Треба ли новинарите да мислат дека има црвена линија во новинарството преку чие поминување сте свесни дека може да направите штета со големи последици?
– Секој новинар треба да мисли на последиците од својата сторија. Ние сме професионалци. Знаеме дека имаме моќ да правиме нешто во интерес на јавноста. Тоа е суштината и основата на нашиот професионализам. Тоа се очекува од нас и не треба да се срамиме од тоа. Треба да бидеме претпазливи кога се објавуваат информациите, знаете, минимизирање на штетата секогаш било јадрото на вредностите на Викиликс и на она што Викиликс го направи. Тоа Џулијан го направи многу професионално, дури и попрофесионално од мејнстрим медиумите со кои работевме. Имаше многу професионален пристап пред да се објават материјалите. Но, во новинарскиот свет гледам тенденција луѓето да не сакаат да чепнат тема бидејќи може да вознемири некого, некаде. Тоа е кукавички, би рекол. Новинарот треба да се бори за признанието дека тие се професионалци што можат да одлучуваат. Често ме прашуваат новинари колеги (јас бев во мејнстрим медиум повеќе од 20 години пред да се приклучам на Викиликс): „Кој ви дава право да одлучувате што е јавен интерес“. Тоа е како да прашате хирург кој ви дава право да земете нож и да правите операција, обидувајќи се да спасите живот. Вие сте професионалец кој одлучува и не треба да се срамите од таа одговорност. Тоа е тешка одговорност, но ние сме професионалци што преземаат одговорност. Ако не сме, тогаш сме како хирурзи што се плашат од крв и се бескорисни за кој било пациент. Новинарството значи изложување на вистината на јавноста. Ние служиме само на еден господар – јавноста.
Како Вие сега ја гледате иднината на новинарството, бидејќи очигледно станува сѐ потешко и потешко?
– Среќен сум за ова прашање бидејќи многумина велат дека новинарството во основа е мртво. Не, има иднина за новинарството. Мора да бидеме на јасно дека има надеж. Одлуката во Советот на Европа треба да биде сигнал за новинарите да мислат на главните вредности каде и да се на конкурентниот пазар во различни земји. Може професионално да се здружиме преку границите и да ја обединиме нашата мисија, новинарската мисија. Се надевам дека Џулијан кога ќе се закрепне, ќе биде исклучително силен глас во таа дебата. Се надевам тоа ќе биде наскоро.
Подготвен ли е Асанж по некое време да открие нови информации?
– Видете, интернетот е добра работа, ги поврзува луѓето и на различни континенти. Викиликс опфаќа луѓе од целиот свет. На Асанж му треба повеќе време, му треба процес на закрепнување. Треба да разберете дека се работи за недели од неговото излегување од затворот Белморш. Не можам да зборувам за него, да му дадеме повеќе време. А Викиликс ќе продолжи во каква и да е форма, но врз начелата на кои е основан, новинарство, транспарентност и правда. Тоа единствено можам да го кажам.
Ова беше негово прво појавување во јавност по излегувањето од затвор. Очекувате ли да биде поканет на друго место, на пример во ЕУ, ОБСЕ…?
– За тоа останува да видиме. Но, исклучително важно беше што видовме овде во Советот на Европа дека беше признаено дека тој беше затворен во Британија во интерес на САД. Тоа беше значајно признание и силен сигнал. Се надевам дека ќе има покани кога ќе се чувствува подобро да се врати во Европа, да помине некое време овде и да продолжи делумно со својата работа одовде.


