Интервју со Калиопи: Му верувам на бракот, но повеќе преферирам да сум вљубена

Фото: АниДими

Поп-дивата Калиопи на 19 октомври ќе одржи голем концерт во Скопје, во арената „Борис Трајковски“. Неодамна го промовираше својот нов албум, а кога е во прашање музиката, таа дефинитивно е една од омилените на македонската публика.

За музиката, за бракот и љубовта, каква е Калиопи приватно, што ја прави среќна, како реагира на лошите коментари и уште многу други муабети, со Калиопи разговараме во интервјуто за „Слободен печат“.

За Илинден имавте фантастичен концерт во Охрид за кој сè уште се зборува… Какви импресии носите од таа вечер, особено што концертот беше токму на Илинден?

– Сè уште сме под импресии од концертот во Охрид, деновите минуваат, но емоциите не стивнуваат… Величествено, емотивно, забавно, весело, топло, искрено, единствени во споделувањето. Ете, таква ноќ имавме во Античкиот театар во Охрид! Со самото тоа што концертот се одржа на ден Илинден, ноќта доби и празнична нота, славејќи го животот и нашата преубава Македонија.

Снимивте нов албум, задоволни ли сте како поминува кај публиката?

– Презадоволна и многу среќна. Ромео и овој пат се надмина себеси. Ние секогаш за сѐ одлучуваме заедно кога се во прашање песните. Секогаш е важно што вели срцето.
Публиката на прво слушање ги препозна песните и ги засака. Албумот е соткаен од големи песни, со големи пораки, верувам дека секоја од нив ќе си најде пат до нечие срце…

Фото: АниДими

Кога ќе си го вратите времето назад сите овие години, колку убави, па и неубави моменти имате врзани за она што го носи популарноста? Колку некогаш Ве погодуваат лошите коментари?

– Никогаш не сум ја третирала популарноста за повеќе значајна од уметноста. Веројатно од тие причини и сум се поштедила од непријатностите што една пренагласена популарност може да ги донесе со себе. Луѓето, медиумите повеќе ме третирале како уметник, се занимавале со есенцијата на моето битисување. Со други зборови, јас никогаш не сум се менувала за да им се допаднам на другите, не сум кокетирала со жанрови за да стекнам поголема популарност, туку секогаш сум била доследна на она во што верувам.
Никогаш не ме погодувале нечии заталкани негативни коментари, бидејќи разбирањето во мене е големо, а вербата уште поголема.

Тогаш, која е тајната што успевате сите овие години да останете омилена поп-дива на македонската публика?

– Мојата искреност, човечност и моите песни што живот значат.

Фото: АниДими

Ајде малку приватно. Каква е Калиопи зад сцената и освен музиката, има ли нешто што е карактеристично за Вас, а не го знаеме?

– Не сум воопшто поразлична од онаа што ја доживувате јавно. Она што јавноста не го гледа е кога легнувам и се будам, со кого го пијам првото утринско кафе, кога решавам проблеми, кога им се радувам на малечките нешта, на моите најблиски, колку добро готвам… Но, сето ова ниту јас не можам да го знам за оние што ме сакаат и ги слушаат моите песни. На исто сме!

Како и секоја жена, колку време поминувате во кујната и имате ли некој посебен рецепт што со мерак го подготвувате?

– Поради честите патувања и отсуства од дома, немам често можност да сум во кујна. Но, секоја можност ја користам да готвам, бидејќи во готвењето уживам исто како кога пеам. Широка е палетата на јадења за мераци!

Фото: АниДими

Како ја одржувате фигурата, имате ли мака со килограмите и успевате да останете во врвна форма?

– Голем гурман сум и многу сакам да јадам. За да останам во добра форма, пешачам, играм тенис и сум дисциплинирана во однос на храната.

Во едно интервју Васил Зафирчев ми рече: Со Калиопи сѐ уште го делиме и животот и секојдневието. Не е тајна и дека Ромео Грил е дел од Вашиот живот. Како успевавте да ја одржите врската со двајцата поранешни сопрузи?

– Сѐ е прашање на интелигенција, почит и љубов. Ние сме само луѓе што успеале да не дозволат лошите да ги надвладеат убавите чувства. Ние само продолживме да се сакаме како луѓе. И јас сум многу среќна што ги имам во мојов живот.

Фото: АниДими

Сепак, што е сега со љубовта? Дали сте вљубени и дали сѐ уште верувате во бракот?

– Зарем јас ви личам на некој што може без љубов? Па, јас сум опкружена со тооолку мноооогу љубов и сѐ што дишам и живеам е љубов! На бракот му верувам, но преферирам да сум вљубена.

Време е на одмори. Каде ќе летувате и што е за Вас идеален одмор?

– Оваа година е една од моите најактивни години, па затоа кај мене во моментов не постои време за одмор. Одмарам со мојата музика и концерти… тие се моментално мојата главна дестинација за одмор, барем засега. Доколку успеам да побегнам некаде на кратко помеѓу два концерта, ќе дознаете секако од моите фоторепортажи на социјалните мрежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот