Интервју со Јован Јованов: По разводот со Николина научивме да бидеме професионалци и родители
Јованов отворено зборува за музиката и за разводот со поранешната сопруга Николина, нивниот денешен однос, животот во Канада, спомените од „Магија“, семејството и состојбата на македонската музичка сцена денес.
Македонскиот пејач и композитор Јован Јованов по подолг период повторно доаѓа пред домашната публика со концертот „Сензација во бело“, на кој заедно со Елвир Мекиќ на 6 јуни ќе приредат вечер исполнета со емоции, хитови и носталгија.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“, Јованов отворено зборува за музиката и за разводот со поранешната сопруга Николина, нивниот денешен однос, животот во Канада, спомените од „Магија“, семејството и состојбата на македонската музичка сцена денес.

На 6 јуни е концертот „Сензација во бело“, на кој ќе настапите заедно со Елвир Мекиќ. Што значи овој настап за вас и каква енергија подготвувате за публиката во Скопје?
– Концертот за мене има посебна емоција, затоа што не е само концерт, туку враќање на едно време и една енергија што публиката ја носи со себе со години. Со Елвир Мекиќ подготвуваме вечер полна со хитови, многу емоции, но и вистинска концертна продукција. Сакам луѓето да си заминат со чувство дека барем на една вечер повторно ги проживеале најубавите моменти од младоста.
Интересен е концептот публиката да биде облечена во бело. Од каде оваа идеја и дали целиот настап носи некаква посебна симболика?
– Белата боја е доста препознатлива за мој стил од старите спотови и настапи. Идејата сите да бидат облечени во бело дојде спонтано, но веднаш почувствувавме дека има силна симболика. Белата боја асоцира на чиста енергија, заедништво и позитивна атмосфера. Сакавме целата арена визуелно да изгледа како едно семејство, како сите да сме дел од истата приказна. Ќе има многу светлосни ефекти и моментот дека целата публика ќе биде во бело ќе придонесе сѐ да изгледа помагично.

Вашето пријателство со Елвир Мекиќ трае со години, и покрај тоа што тој живее во Сараево. Како започна вашето дружење и што го одржува толку стабилен односот и покрај далечината?
– Со Елвир сме пријатели многу години и тоа пријателство почна преку музиката, но остана и надвор од неа. Иако живее во Сараево, ние сме постојано во контакт. Имаме искрен однос, без калкулации, и мислам дека толку тоа го одржува пријателството стабилно. Поминавме многу убави, но и тешки моменти заедно. Тешко да се најдат искрени пријатели, а кога ги имаш треба да ги чуваш засекогаш.
Кога ќе се навратиш на времето со групата „Магија“, што прво ти доаѓа на ум? Какви беа тие времиња и има ли шанса повторно да ве видиме заедно на сцена во тој стил?
– Кога ќе се спомне групата „Магија“, прво што ми доаѓа на ум е една неверојатна енергија и период кога музиката се живееше многу искрено. Тоа беа времиња без социјални мрежи, но со огромна емоција и публика која навистина живееше со песните. Искрено, убаво е понекогаш да се навратиме на тие моменти, а дали повторно би се случило нешто во тој стил – никогаш не велам никогаш. Јас се обидов и за овој концерт да ги соберам, но за жал, не успеав. Еден од членовите живее во Австралија и не е едноставно.
Повеќе од 10 години живееш во Канада. Како изгледа животот таму кога не си во студио?
– Животот во Канада е доста поорганизиран и мирен. Кога не сум во студио, најмногу време поминувам со ќерка ми. Искрено таму сум многу со смирен, а во Македонија 300 на саат.
Што најмногу ти недостасува од Македонија, иако животот таму можеби е поорганизиран и поразличен?
– Од Македонија најмногу ми недостасуваат луѓето, пријателите, другарите, роднините. Ми недостасуваат дружбите, кафето што трае со часови, но и самата емоција што ја има овде. Колку и да е животот во Канада среден и организиран, Македонија има душа што не може да се замени.
Колку години има твојата ќерка, го наследи ли талентот за музика? Знае ли дека има популарен татко и дали си строг родител?
– Ќерка ми расте многу брзо и наскоро ќе наврши 14 години. Има чувство за ритам и музика, но не верувам дека музиката би ѝ била професија, а јас никогаш не би сакал да ѝ го наметнувам тоа. Сепак е нејзин избор. Најважно ми е да биде среќна и исполнета. А дали сум строг? Не би рекол.

Не е тајна дека сте разделени со поранешната сопруга Николина. Во каков однос сте денес и како функционира заедничкото работење? Може ли пријателство и бизнис да опстанат по крај на бракот?
– Со Николина имаме коректен и зрел однос. Кога има дете, мора да постои почит и комуникација без разлика на сè. Заедничкото работење функционира затоа што и двајцата сме професионалци и знаеме да ги одделиме приватните работи од обврските. Мислам дека пријателство и бизнис можат да опстанат и по крај на бракот ако постои зрелост и заемна почит.
Колку често доаѓаш во Македонија и имаш ли омилени места каде што секогаш сакаш да се вратиш?
– Во Македонија доаѓам колку што можам почесто, особено кога имам музички проекти или настапи. Секогаш сакам да поминам време во Скопје, затоа што тука имам најмногу спомени.
И за крај, како ја гледаш македонската музичка сцена денес, дали се движи во вистинска насока и што ѝ недостасува за да биде поконкурентна?
– Македонската музичка сцена има талентирани луѓе и многу потенцијал, но мислам дека недостасуваат поголем број нови автори и продуценти. Како да имаме многу потенцијални пејачи, но помалку автори и продуценти да им направат песни.



