Интервју со филмската продуцентка Павлина Проевска: Да се биде добар продуцент, потребни се истрајност и слепа верба

Павлина Проевска / Фотографија: Бранд Ферро

Филмската продуцентка Павлина Проевска најголем дел од својот живот го посветила на филмската дејност и преку филмовите што ги продуцира сака да остави траги за својата работа, но и за македонското културно наследство.

Портфолиото на Павлина Проевска содржи два долгометражни филма, два краткометражни, три документарни филмови од долг формат, неколку видеа и два музички албума. Како независен филмски продуцент работи од 1986 година, кога ја основала компанијата „Pavlina LTD“ со седиште во Њујорк, САД. Овие денови таа е присутна во Скопје со намера во дел од нејзините проекти да вклучи и македонски филмски професионалци.

Веќе еден месец сте присутна во Скопје. Со каква цел и обврски?

– Со фантастична група млади филмски професионалци работиме на финалната монтажа на документарен филм, како и изработка на дигитален мастер на филмот што од 35мм копија беше скениран во ха-де (HD) за да може да биде дистрибуиран на дигитални платформи кои не постоеле во времето кога беше направен. Процесот е познат како „REDUX“, што значи филмот не се преснимува, туку се преработува. Таа преработка подразбира нова монтажа, новa музиka и специјални ефекти кои ги работи ретко талентиран CGI (Computer-generated imagery) креатор од Скопје.

Како се појави интересот за снимање документарен филм за писателот Стојан Христов?

– За Стојан Христов првпат дознав читајќи еден текст насловен „Враќањето во Татковината“. Тоа беше точно пред 15 години. Неговиот животен пат е огледало на македонското осознавање. Во далечната 1911 година пристигнал во САД изјавувајќи дека е „Бугарин од Македонија“, онака како што му кажувале во црквата во неговото родно село, за 60 години подоцна, пред целата македонска јавност гордо да изјави дека најсреќниот момент во животот му бил кога дознал дека неговите книги ќе бидат преведени на „…македонски јазик, на мојот роден јазик, на јазикот на кој зборуваше мајка ми…“, со што го разјаснил неговото присвојување, кое, за жал, сѐ уште трае. Филмот „Мојот американски аџилак“ се обидува да го затвори тоа прашање. Документирањето на нашите македонски, животни приказни, каде било да се случувале во светот, треба да е врвен приоритет на филмската политика во Македонија.

Многу години работите и живеете далеку од Македонија и малкумина знаат за Вашата работа. Практично, колку години се занимавате со филмска продукција и колку проекти досега имате реализирано?

– Во далечната 1988 година го направив првиот долгометражен филм, со учество на легендарниот агент 007, Роџер Мур. Филмот беше завршен за два месеца, продаден за два дена, досега заработил два милиона американски долари, што е 20 пати повеќе од неговиот продукциски буџет.

Тогаш, дефинитивно ја напуштив работата во одделот на вечерни вести во американската ТВ мрежа Си-би-ес. Получасовниот формат на американските вечерни вести не дозволуваше должината на новинарските репортажи да биде повеќе од една ипол минута. Тоа ограничување не ми се допаѓаше, филмот ми дава многу поголема слобода и време да ја раскажам приказната која сакам да ја раскажам. Досега имам продуцирано или копродуцирано два долгометражни филма, два краткометражни, три документарни филмови од долг формат, неколку видеа и два музички албума.

Прв долгометражен филм во продукција на Павлина Проевска е „Волшебниот Снешко“, каде што гласот го позајмува легендарниот Роџер Мур

Бидејќи станува збор за вистинска индустрија, какви карактерни особини се потребни за човек да се одржи и истрае во професијата?

– Да се биде добар продуцент потребни се две работи – истрајност и слепа верба. Да се има големо сеопшто знаење и посебен талент за избор на вистински проект. Но, самиот долготраен успех во филмската индустрија, зборувам за независни продукции надвор од студио-системот на Холивуд, зависи од една премиса – продуцентот да ги пpименува најважните три услови што се потребни да се направи добар филм, а со тоа да постигне комерцијален успех. Бидејќи само комерцијалниот успех на продуцентот ќе му овозможи да се нарекува „независен“.

За жал, во Македонија не постои таква вистинска продукција за која говориме, зашто, колку што ми е познато, ниту еден досега произведен/продуциран македонски филм не постигнал комерцијален успех. Лажните маркетиншки промотивни вести со кои се замајува македонската јавност со некакви проекции и дистрибуции надвор од Македонија, се само добро извежбана самопромоција на самите филмски автори. Ако филмот е прифатен од некоја продажна филмска агенција која ќе се обиде да го продаде, тоа не значи и дека е „продаден“.

На сметка на непознавањето на тоа како функционира дистрибуцијата на филм во светот, на македонската јавност ѝ се продаваат небулози за продадени филмови и успешни дистрибуциски договори кои, всушност, се сведуваат на обид за продажба, а не реална продажба. Им препорачувам на агенциите кои ги распределуваат средствата да го поставуваат она фамозно прашање од филмот на Том Круз, кога го прашува својот агент: „Show me the money!“, односно „Покажи ми ги парите!“ Дури тогаш македонската јавност може да поверува во комерцијалниот успех на филмот. За жал, еден мал круг на извежбани македонски филмаџии го имаат капитализирано незнаењето за тоа како во светот функционира вистинската филмска индустрија и ја доведуваат јавноста во заблуда за нивните наводни успеси.

Ваквиот однос кон „вистинската“ (непостоечка) филмска индустрија во Македонија произлегува од ставот на најголем број македонски продуценти дека некој им должи пари за да направат филм, чекајќи со години да им се определат средства од филмскиот буџет. Ги губат најубавите работни години во чекање и заради таквиот однос кон својата професија, тие немаат потреба самите да се запрашаат дали филмот има реална можност да успее. А тоа прашање не само што не си го поставуваат продуцентите, туку не го поставуваат ни оние кои ги доделуваат (растураат) парите.

Условот за финансирање еден филм, треба да започне со одговор на три прашања: која е публиката за оваа приказна, кој е комерцијалниот концепт за проектот што ќе осигури комерцијален успех и, има ли овој филм национална вредност. Дефинитивно, да не се занемари третото прашање, бидејќи парите не се од Господ, туку од народот.

Професионална, отрезнета дискусија на оваа тема е единствениот начин со кој ќе се поттикне моралната и финансиска одговорност на продуцентите кои би сакале да бидат почитувани во професијата, а со тоа и успешни. При изборот на еден проект, продуцентот треба да одговори на погоре посочените прашања за, пред сѐ, самиот да биде убеден дека одбрал вистински проект. Се разбира дека доброто сценарио е главната премиса за еден проект. Но, ако се земе предвид дека при снимање околу 30 проценти од сценариото ќе биде изменето, бетонската основа на проектот е самиот концепт како таа приказна ќе се презентира во глобални рамки. Бидејќи и со најдобро сценарио, ако не е одговорено за кого се прави овој филм, тој нема да има никаква комерцијална иднина. Уметничкиот успех е субјективен, затоа тука говорам само за финансиските одговорности на еден продуцент, кој не посега по својот џеб за да го реализира филмот.

Филмот „Среќна пеколна ноќ“ е примен во Филмскиот архив на Конгресната библиотека во САД

Пред неколку месеци еден Ваш филм беше архивиран во Конгресната библиотека во Вашингтон. За кој филм станува збор и што тоа лично Ви значи?

– За мене ваквото признание го оправдува целиот мој продуцентски пат. Оваа чест ми е поважна од некоја си номинација. Филмот „Среќна пеколна ноќ“ е примен во Филмскиот архив на Конгресната библиотека во САД, бидејќи беше снимен на 35 мм и го работев во почетокот на југословенските војни, со што има историска вредност. Некогаш самото време додава вредност на еден филм, во овој случај двајца од актерите, тогаш на почетокот на своите кариери, Сем Роквел сега е номиниран за Оскар, а позната е и ТВ актерката Џорџа Фокс.

Затоа велам, тоа е повеќе ново оживување на филмот кој е во активна дигитална дистрибуција преку легендарниот дистрибутер „Samuel Goldwyn Films“. За филм со хорор крај, ова е, сепак, еден „happy ending“ со тоа што филмскиот негатив ќе биде сочуван со векови. Ме исполнува чувството дека оставам нешто свое што ќе биде сочувано многу, многу долго по мене. И на некој начин ја оправдува и вреднува професијата на која сум ѝ посветила 30 години.

Ме исполнува чувството дека оставам нешто свое што ќе биде сочувано многу, многу долго по мене

Вашите почетоци, сепак, се поврзани со новинарството и со работата на вечерните вести на Си-би-ес њуз. Што новинарската професија Ви значи и како се случи пресвртот кон филмската продукција?

– Работата во Си-би-ес ме инспирираше и ме подготви за продукциска работа на филм. Незаборавни мигови на работа имав кога ја следев средбата на Реган со Горбачов во Женева, Зимската и Летната олимпијада во 1984 година, средбите со политичари, како Бењамин Нетанјаху и синот на Индира Ганди во време кога бев назначен продуцент на Си-би-ес во Обединетите нации. Сето тоа ме подготви како да се однесувам во присуство на такви личности и да се здобијам со самоувереност и сознание дека не сум ништо помалку од тие луѓе.

Еден од најубавите совети во моите почетнички години во Си-би-ес ми го даде еден од тогашните неколку припадници на црната раса на менаџерските позиции во Си-би-ес, кој ми рече: „Никогаш немој да мислиш дека вредиш помалку, затоа што си поинаква, сметај дека си многу повеќе…“ Така почна моето градење на самодовербата. Само неколку години подоцна можев без комплекси да седнам со легендарниот Роџер Мур и да го снимам неговиот глас за мојот прв долгометражен филм „Волшебниот Снешко“.

Која е личната историја на Вашето заминување од Македонија и живот и работа во Њујорк, САД?

– По завршувањето на гимназијата, заминав во Белград на студии за француски и германски јазик. Многу брзо дојдов до заклучок дека она што ќе го студирам четири години во Белград, ќе можам многу побрзо да го научам во Париз, каде завршив студии за Јавни односи, а потоа заминав за САД со намера да го научам англискиот јазик, а потоа да се вратам во Југославија. Но, колку светот се отвораше пред мене толку поголема ми беше желбата за нови и нови знаења. Знаете, љубопитноста е заразна болест и во тој процес никнува и амбицијата.

Речиси 30 години раководите со Македонскиот совет за уметности во Њујорк. За каква организација станува збор и кои се нејзините активности?

– Советот е формиран во далечната 1994 година со цел за промоција на македонското културно наследство во САД и во светот. Во почетокот работевме на промотивни настани, промоции во ексклузивниот „Плаза Хотел“ во Њујорк, концерти во „Карнеги хол“, изложби… Но, видов дека такви настани не оставаат траен белег на македонската култура и дека физичкото македонско културно наследство во светот буквално е непостоечко. Заради тоа се префокусирав на проекти кои оставаат траен белег. Ќе издвојам два: во соработка со градоначалникот на градот Довер, во кој живеел Стојан Христов, се изгради негов споменик, кој сега е запишан како официјална туристичка атракција во државата Вермонт. На споменикот, освен на англиски, напишани се насловите на неговите книги и на македонски јазик.

Втор мегапроект беше создавањето трајна колекција од 30 македонски народни невестински носии, која ја подаривме на еден од трите најголеми етнографски музеи во САД, Меѓународниот музеј за фолклорна уметност (MOIFA) во градот Санта Фе во државата Њу Мексико, каде што оваа збирка ќе биде чувана стотици и стотици години… Особено е важно што за првпат во нашата етнографска историја колекцијата имаше и музејска проценка која достигна 800.000 американски долари! Малку наши етнографи знаат дека, на пример, Мариовската невестинска носија е проценета на 32.000 долари! Во рамките на проектот издадена е и монографија, а носиите беа изложени во музејот 11 месеци. Трајна документација и проекти кои оставаат неизбришливи македонски траги е заложбата на Македонскиот совет за уметности и мојата, како негов основач.

Документирањето на нашите македонски, животни приказни, каде било да се случувале во светот, треба да е врвен приоритет на филмската политика во Македонија / Фотографија: Приватна архива

Соработувате ли со македонските филмски продуценти и какви се перспективите на македонската филмска индустрија?

– Сегашната соработка со тимот за постпродукција ме восхити. Заминувам од Македонија презадоволна од резултатите и со вратена верба во перспективите на младите филмски работници во Македонија. За среќа, тие се сѐ уште недопрени од моралната обоеност, присутна кај повозрасните филмски работници. Мислам дека кај помладите генерации тлее она што мене ми давало сила да опстојам во овие води во Њујорк и на меѓународен план повеќе од 40 години. Мора да се биде упорен, да се верува. Не случајно на логото на мојата продуцентска куќа во Њујорк пишува: „Суштината на продуцентската работа подразбира издржливост, упорност и верба“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 182, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот