Интервју со Душица Шалева, модна креаторка на висока мода во Париз: Светските ѕвезди некогаш ѕвонат на полноќ за да им се направи стајлинг за утредента

Душица Шалева / Семјуел Арнолд / Фото: Profimedia

Македонската дизајнерка и стилистка Душица Шалева, која живее и твори во Париз, го носи на Балканот најголемиот натпревар за топ модели. Првиот кастинг е во Скопје, на 13 октомври. Шалева, која е креаторка на висока мода во Париз, соработува со познати светки имиња, од Европа и од светот.

Во пресрет на најголемиот европски манекенски натпревар на Балканот, „Топ модел Европа“, разговараме со Шалева во интервјуто за „Слободен печат“.

Во пресрет сме на најголемиот манекенски европски натпревар на Балканот, „Топ модел Европа“, зад кој стои Вашето име. Првиот кастинг ќе биде во Скопје. За што станува збор и колкав е предизвикот да се организира еден ваков натпревар?

– „Топ модел Европа“ е еден од најпрестижните меѓународни натпреварувања за модели во Европа. Селекциите се организираат во 15 земји, а целта на натпреварот е да се откријат идните модели и да се промовира меѓународна кариера. Првиот кастинг на Балканот ќе биде во Скопје, на 13 октомври, затоа што Скопје е мојот роден град, па во Белград, а за неколку месеци и во Загреб и во Софија.

Предизвикот е голем, прво ќе има финале на Балканот, па балканските финалисти ќе одат на европско финале во Париз и би сакала во 2025 година да победи на конкурсот некој од Балканот. Сакам да покажам во Европа дека и кај нас има прекрасни млади манекени со висок потенцијал.

Актерот Семјуел Арнолд од познатата серија на Нетфликс, „Емили во Париз“, е Ваш клиент. На премиерата на 4. сезона во Лос Анџелес носеше Ваша креација. Како дојде до оваа соработка?

– Семјуел Арнолд е многу добро и културно момче. Ме контактираше неговиот личен стилист, да креираме специјална креација за настанот. Му направив неколку комбинации, а тој се одлучи за црн комплет од сомот, уникатен дизајн направен по негова мера. Семјуел обожава уникатни парчиња, кои не може да се најдат во продавници.

Семјуел Арнолд во стајлинг на Душица Шалева / Фото: Jamie McCarthy / Getty images / Profimedia

Со кои познати имиња сте соработувате, кои од познатите светски имиња носат Ваши креации? Колкав е предизвикот да се биде дел од оваа приказна?

– Еден од првите и најверни спортисти е Џибрил Сисе, го облекувам Матијас Погба, Виктор Вембањама, Дијамант Блази, како и многу познати француски рапери, Сопрано, Напс, Ел Гранде Тото, Кристофер Ликата, танчар на емисијата „Танц со ѕвездите“, Брахим Заибат, Диди Џ и многу други… Предизвикот е што некогаш ѕвонат на полноќ за да им се направи стајлинг за утредента, а за тоа треба да се биде креативен и мотивиран.

Работевте и на кампањата во „Лувр“ за Олимписките игри во Париз?

– Да, еден од последните проекти ова лето беше кампањата на музејот „Лувр“ за Олимписките игри со познатиот брејк-денс играч Дени Дан, кој освои сребрен медал на Олимпијадата.

Живеете во Париз. Колку е Париз предизвик за еден моден креатор?

– Јас сум во Франција од 2009 година, завршив студии на „Есмод интернешнал фешн скул“. Париз е градот на модата, има доста можности за млади дизајнери, но и голема конкуренција, па треба многу труд, упорност и доверба во себе.

Фото: Приватна архива

Како е да се биде креатор на висока мода?

– Има и добри и лоши моменти, но треба секојдневна рефлексија и креативност кога работите уникатни парчиња.

Што е карактеристично за парижаните кога е во прашање уличната мода?

– Стилот е лежерен, модерно е да се носи „оверсајз“ јакни и бомбер со рамни чевли и широки панталони.

А, што е со модата кај нас, имаат ли Македонките чувство за мода и што им недостасува?

– Македонките се преубави девојки, според мене се доста елегантни и свечени. Можеби треба да комбинираат фустани со патики за да изгледаат уште помодерно. Би им препорачала почесто да се облекуваат кај млади дизајнери и ја поддржат македонската мода и да практикуваат квалитет, а не квантитет.

Фото: Приватна архива

Кога првпат откривте дека имате талент за модни креации и како почна Вашата модна приказна?

– Уште во детството ме привлекуваше уметноста. Почнав да цртам кога имав шест години, во основно училиште одев на часови по цртање и на ликовни колонии, а за моите кукли се обидував да направам нови дизајни со помош на мојата баба, која беше шивачка.

Кои се очекувањата од претстојниот натпревар?

– „Топ модел Европа“ е голем предизвик. Очекувањата се големи, бидејќи ја ставив мојата марка на пауза во Париз за оваа нова авантура за да можам да бидам тука и да организирам кастинзи низ цел Балкан. Се надевам дека нашите млади манекени ќе дојдат во голем број и ќе бидат мотивирани за сите етапи до европското финале. Јас верувам во овој проект, годишно конкурсот има 25.000 кандидати во Европа, па зошто не и кај нас.

Каков совет ќе им дадете на дамите во однос на изборот на облеката и која е, според Вас, идеална комбинација?

– Јас почесто облекувам мажи, но, според мене, идеална комбинација за девојка е комбинезон со штикли и бомбер или фустан со мокасини и „оверсајз тренч“. Обожавам спортско елегантни комбинации и мешање стилови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот