Интервју со доктор Лилија Чолакова Дервишова: Ивермектин се дозира 0,2 мг на еден килограм телесна тежина кај пациенти со ковид-19

Стручниот колегиум за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и ковид-центрите во интернистичкиот блок, изготвија мислење за употребата на лекот ивермектин кај пациенти заразени со ковид-19. Протоколот преку Лекарската комора беше испратен до матичните лекари. Министерството за здравство апелира дека неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација. Доктор Лилија Чолакова Дервишова за „Слободен печат“ наведува дека матичните лекари побарале од Министерството за здравство да им се достават протоколи за три ситуации при издавање и лекување со ивермектин, бидејќи веднаш почнала побарувачката по овој лек.

Доктор Чолакова Дервишова, веќе е испратен протокол до матичните лекари за лекување со ивермектин. Што сè опфаќа протоколот? Во која доза и како треба да се користи ивермектин, односно колку треба да земе оној кој имал контакт со заболен, а колку заразен со ковид-19?

– Во нашата држава се воведе нов лек ивермектин – лек кој во светот покажа ефикасност во уништување на коронавирусот. Но, матичните лекари немаа протоколи за ова, па медиумски побаравме од Министерството за здравство итно да ни се достават протоколи за три ситуации, бидејќи пациентите почнаа веднаш да го бараат од нас, да им го препишеме на розов рецепт.
Потребно ни беше да имаме протокол како да го даваме, во која доза и колку дена кај пациенти кои се хронично болни и при најмал контакт со болен од ковид-19 – како да реагираме, втор момент – како да се постапува на почеток на болеста и трет случај – како да се постапува ако кај нас се појави, а веќе има компликации со бронхопневмонија.

Минатата недела добивме на мејл од Лекарската комора протоколи изготвени од Клиниката за пулмологија со алергологија. Во протоколот е јасно наведено дека кај пациенти кои се изложиле на контакт со пациент кој е болен од коронавирус, потребно е да се земе 12 милиграми ивермектин во една доза.

Во протоколот стои дека превентивно треба да се земат 12 милиграми неделно, односно 4 таблети доколку некој бил во контакт со заболен, но сè уште нема симптоми.

Кај пациентите кои веќе имаат симптоми, овој лек се дозира 0,2 мг на еден килограм телесна тежина. А, кај пациенти кои се болни, потребно е да се даде оваа доза со повторување после 24 часа.

Која е примарната употреба и дејство на ивермектинот, а какво дејство има на новиот коронавирус?

– Ивермектинот е антипаразитарен лек и тоа му е примарната употреба, но во бројни студии во светот покажал дека влијае на уништување на вирусот и го стопира неговото размножување во организмот. Ивермектинот покажал голема ефикасност во комбинација со вибрамицинот.

На кои пациенти може матичните лекари да им препишуваат ивермектин за употреба? Дали постои ризична група и меѓу заболените од ковид-19, кои, сепак, не смеат да го примаат лекот ивермектин?

– Матичниот доктор може да го препише лекот на приватен рецепт. Досега не се евидентирани некои посебни контраиндикации. Кај мали деца и кај трудници не се спроведени студии, но како и секој лек, кај трудниците до третиот месец од бременоста, не смее да се дава ивермектин.

Дали порасна заинтересираноста за овој лек? Дали рецепти зa ивермектин бараат и луѓе кои воопшто не биле заразени со ковид-19?

– Овие денови има побарувачка за овој лек, но не во голема мера. Јасно им објаснуваме на пациентите дека лекот ќе го препишуваме таму каде што има потреба и дека овој лек не е за секојдневна употреба. Лековите не се бонбони, секој лек лекува една здравјствена состојба, но може да има и несакани дејства за друг систем во организмот.

Во текот на пандемијата на ковид-19, кои се најголемите пречки за матичните лекари за непречено комуницирање, лекување и издавање рецепти и упати на пациентите?

– За целиот период со корона-кризата или во текот на оваа пандемија, матичните лекари превземаа голема обврска, и најголемиот број пациенти кои беа позитивни на ковид-19 се лекуваа преку нас. Закажувањата за тестирање за ПЦР оди, исто така, преку примарниот лекар, закажување за прием на инфективни одделенија, повикување брза помош, мерења на сатурации – целокупното менџирање за сместување на пациенти кои се во тешка состојба оди преку матичниот доктор. Анкетирањето на пациентите кои беа бројни и се лекуваа во домашни услови, исто така, одземаше по два часа секој ден да сме на телефон. Баравме од ФЗОМ да се направи ковид-упат и на едно место да можат болните од коронавирус да се испитаат. Да проверат крвна слика, РТГ, ЦРП, Д -димери, ЛДХ. Тоа го добивме од неодамна како опција. Потребата беше голема кај пациентите кои беа позитивни на ковид-19, а се наоѓаат во домашни услови, повремено да направат анализи. Само на тој начин, матичниот доктор ќе можеше правилно да ги води и навремено да реагира.

Целокупното здравство мора да се врати во нормална функција, бидејќи не е во прашање само корона како дијагноза, има и други патологии, како хипертензија, мозочни исхемии, инфаркти, малигнитети, автоимуни болести… Бројот на специјалистички термини треба да се зголеми и мора да работиме како држава на брза дијагноза за болести. Да се оди до дијагноза за 24 часа. Со немање термини преку Мој термин, се губи скапоцено време за многу дијагнози.

Мора сите заедно како лекарска фела, ФЗОМ, МЗ и Лекарската комора да направиме промени во режим на препишување на лекови, да се воведат нови лекови на рецепт и на товар на ФЗОМ, народот кој редовно плаќа здравствено осигурување, да може да има поквалитетно лекување. Да не купуваат голем број лекови на приватно, како што е сега случај – да нема клексан и да мора ксарелто да се купува на приватно. Да работиме на воведување телемедицина, примарното здравство да има повеќе време за учење нови методи за лекување и повеќе време за пациентот. Да направиме комплетно електронско здравство, без хартија, едноставно да одиме напред, да имаме задоволни пациенти и задоволни лекари.

Во протоколот стои дека превентивно треба да се земат 12 милиграми неделно, односно 4 таблети доколку некој бил во контакт со заболен, но сè уште нема симптоми. Кај пациентите кои веќе имаат симптоми, овој лек се дозира 0,2 мг на килограм телесна тежина. А, кај пациенти кои се болни потребно е да се даде оваа доза со повторување после 24 часа.

Јасно им објаснуваме на пациентите дека лекот ќе го препишуваме таму каде што има потреба и дека овој лек не е за секојдневна употреба. Лековите не се бонбони, секој лек лекува една здравјствена состојба, но може да има и несакани дејства за друг систем во организмот.“, вели докторката Лилија Чолакова Дервишова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот