Интервју со Чарна Невзати, Мис на Македонија: Изборот Мис на светот во Индија ме направи посилна
Оваа година беше исполнета и богата за Чарна Невзати (20), апсолвентка на Правниот факултет во Скопје, која вели дека сосема спонтано била избрана да ја претставува Македонија на Мис на светот во Хајдерабад, Индија. Иако очекувала да влезе во првите 40, среќна е што ја имала можноста да ја претставува Македонија и што што ја видела магичната Индија. Чарна е ќерка на познатата кореографка и професорка на ФДУ Кренаре Невзати-Кери која сама ја одгледала и за неа вели дека ѝ е најголемиот херој. Невзати е зрела и амбициозна девојка. Таа е победник на Ораторската вечер на Правниот факултет, а нејзина цел е да стане успешен правник.
Препорачано
Ако треба да издвоиш најдобро и најлошо нешто од 2025 година, што би било тоа?
– Најдоброто беше можноста да ја претставувам Македонија на светска сцена. Најтешкото беше да бидам далеку од мојата земја, семејството и луѓето што ми значат, но токму тоа ме направи посилна.
Врати нè малку на почетоците од твојата кариера како модел, кога започна?
– Сѐ започна спонтано, без големи очекувања. Отсекогаш сакав да се фотографирам, но со моделингот официјално започнав пред речиси една година. Немав искуство со избори за убавина, туку учев чекор по чекор и растев со секоја нова можност.

По што најмногу ќе го паметиш патувањето во Индија на Мис на светот?
– Ќе го паметам по тоа што таму ја открив мојата сила, по огромната поддршка од мојата земја и по Индија – магична земја која е полна со култура, енергија и различни луѓе.
Колку ти се смени животот по изборот Мис на Македонија, ја чувствуваш ли популарноста?
– Животот се смени, но се трудам да останам иста. Популарноста ја доживувам како потсетник дека луѓето треба да ме запознаат мене, а не само титулата.
Дали имаш повеќе додворувачи по титулата?
– Има повеќе внимание, но вистинската вредност е во квалитетот, кој ќе остане и кој е вистинскиот, а не само во вниманието.

Мајка ти е познатата кореографка Кренаре Невзати-Кери, кој е највредниот совет што ти го дала?
– Ме научи да бидам силна, да имам став, да бидам независна и секогаш добра и емпатична кон луѓето, со цврсти вредности.
Порасната си со самохрана мајка, дали тоа те направи помудра и поцврста?
– Пораснав со многу љубов. Никогаш, ниту во една секунда, не сум почувствувала дека нешто ми недостасува. Таа е мојот херој и мојата најголема инспирација.
Како на почетокот реагираше мајка ти на идејата да се занимаваш со манекенство?
– Таа отсекогаш ми била поддршка, но и многу реална. Ми кажа дека верува во мене, но дека образованието секогаш треба да ми биде на прво место, нешто со што и јас целосно се согласувам.

Победник си на Ораторската вечер на Правниот факултет, што научи од тоа искуство?
– Научив дека зборот има моќ и одговорност, и уште повеќе се поврзав со правото и јавното говорење.
Има ли во денешно време во твојата генерација вистинско пријателство?
– Има, но е ретко. Вистинското пријателство бара искреност и лојалност, а тоа секој не е подготвен да го понуди.
Имаш ли цели за 2026 година и како се замислуваш во иднина?
– Мој фокус е да ги завршам правните студии, да започнам магистерски и да работам на теми што подигаат свест. Тоа е мојата насока, а како ќе се одвива, ќе видиме.


