Интервју со Цаци Паковска: Со „Дајте музика“ новата генерација доби свои херои помеѓу децата-актери

Фото: Бојан Стоилковски/Приватна архива

Кога ќе се спомене името Цаци Паковска, првата асоцијација секогаш е модата. Но, покрај модата, популарните „Дајте музика“ и „Тин камп“ се проекти зад кои стои токму Паковска, и кои не само што постигнаа огромен успех, туку создадоа и ѕвезди.

Како тргна оваа приказна? „Дајте музика“ дефинитивно е најгледаната детска серија на сите времиња…

– Идејата да се создаде детска емисија тргна од фактот дека години наназад, на нашите телевизии имаше недостиг од детска програма и воопшто од музика за деца. Моја желба беше да се создаде серија на македонски јазик, која ќе биде забавна, едукативна, а во исто време со многу музика. Уште при емитувањето на првите епизоди, „Дајте музика“ доживеа невиден бум. Новата генерација доби свои херои помеѓу децата-актери. Многу брзо децата од серијата станаа мега популарни, а нашите концерти неверојатно посетени. Самиот факт дека не постои дете во Македонија кое не ја гледало „Дајте музика“ или пак, не ги знае напамет нашите песни, говори за позитивното влијание на нашата серија. Тоа го потврдува и фактот што „Дајте музика“ е најгледата детска серија на сите времиња, а нашиот јутјуб-канал е прегледан повеќе од 76 милиони пати, што е неверојатна бројка со оглед на тоа дека се работи за содржина на македонски јазик.

Серијата „Тин камп“ – колку е предизвик да се работи со тинејџери, да се претстават нивните проблеми на ТВ? Тешко ли беше да се напише сценариото?

– Предизвикот да се создаде тинејџерската серија „Тин камп“ беше огромен! Оваа серија воопшто и немаше да постои, да не постоеше „Дајте музика“. Во изминатите 5 години, главните актери од серијалот пораснаа пред мои очи и ми прираснаа на срце. Овие деца се мојата најголема инспирација при пишувањето на сценаријата за двете серии. Природно беше дека децата кои веќе станаа тинејџери и не припаѓаа повеќе во „Старо маало“, публиката да има можност да го следи нивното созревање во периодот на адолесценија и да бидат примери на генерациите кои израснаа со нив. „Тинејџерски камп“ стана серија за целото семејство. Привлечноста на овие серии е поради тоа што тинејџерите и младите можат да се идентификуваат себеси со одредени карактери и да се чувствуваат претставени преку ликови на приказната.

Сите родители, вклучувајќи ме и мене, веруваме на искрениот одност на нашите деца, но сепак тинејџерското доба е време кога многу тајни се неоткриени и многу прашања остануваат без одговор, сето ова беше неисцрпна тема за серијалот и можност да им се покаже на младите дека не се сами во своите проблеми. Во „Тинејџерски камп“ беа прикажани реалните проблеми на младите. Целиот свој живот трагаме по вистинските одговори и се надевам дека преку овој серијал, нашата публика имаше можност полесно да го преброди овој период и да се пронајде во некој од нашите главни ликови.

Актерската екипа на „Тин камп“ / Фото: Приватна архива

Додека го пишуваш сценарио за „Дајте музика“, како успеваш да ги усогласиш вредностите од нашето време со оваа модерно време сега?

– Јас растев во 80‘те, во една држава која повеќе не постои. Но исто така и мојот тинејџерски период го поминав во време на големи промени и кризи, распадот на Југославија и создавањето на самостојна Македонија. Сепак едно е сигурно, имав безгрижно детство, поминато со децата на мојата улица. Се чувствував безбедна и самостојна и секако сето тоа направи да бидам она што денес сум. Токму моето детство и тинејџерскиот период се огромна инспирација за моите сценарија. Се обидувам на моето дете, но генерално и на сите деца од новата генерација, да им пренесам дека и во наше време постоела квалитетна музика, улични игри, маалски живот, вистински пријателства, прекрасни моменти, но и многу разочарувања. Но тоа е животот. Денешните деца имаат голем предизвик пред себе, а тоа е модерната технологија и паметните телефони. Мојата најголема желба беше да успееме со сериите позитивно да им влијаееме на новите генерации, но во исто време да не ја негираме новата технологија. Се обидуваме да им покажеме на новите генерации дека сѐ има своја предност и дека треба да научат да го искористат најдоброто.

Ако те вратам низ годините и ти си од оние кои уште од рана возраст се на телевизија. Низ какви спомени ти е „Пулсирање“?

– „Пулсирање“ беше единствената контактна емисија за забава, музика и култура. Тоа беше место во кое се раѓаа многу музички, театарски, филмски и уметнички ѕвезди. Горда сум што бев дел од еден таков култен проект од кој речиси сите водители станаа новинари, раководни лица во ТВ, луѓе кои се занимаваат со култура и уметност. Пулси квизот за мене е еден убав спомен, местото каде го учев занаетот, а пред сѐ, тоа е времето кога се вљубив во оваа професија. Македонската радио телевизија за мене стана втор дом. 30 години подоцна токму Националниот сервис е мојот ко-продуцент, телевизијата која ги поддржува двете серии и е дел од една историја, каде го промовираме македонскиот јазик и музика, но и преку забава ги едуцираме новите генерации.

Фото: Бојан Стоилковски

Сепак, твоето име секогаш ќе се врзува за модата и особено емисијата „Стилисимо“. Кога сфати дека имаш сетило за оваа работа?

– Работата како стилист и шминкер започна во 1996-та година кога мојот брат и Мартин Трпчевски беа автори на култната ТВ-емисија „Акција 99“. Во тоа време, токму моите креативни стајлинзи, честопати беа и инспирација за најавите на водителите. Да не заборавиме дека крајот на 90-тите беше златното доба во македонската ТВ и музичка продукција. Токму тогаш се појави една естетика под влијание на српските пејачки, но сето тоа беше разбирливо со оглед на тоа што никогаш претходно немавме толку многу музички ѕвезди и продукција на поп музика. Имав голема среќа што бев дел од многу ТВ-емисии, видеоспотови, реклами и серии и секако оставив свој печат на секои од нив. И до ден-денешен мојот стил остана препознатлив и горда сум што никогаш не потклекнав на моменталните трендови и естетика. Искрено, „Стилисимо“ засекогаш ќе биде дел од она што сум денес и она во кое јас верувам. Тоа не беше само модна емисија, туку емисија за еден поинаков животен стил и навистина бев изненадена дека при самата премиера на првата епизода, оваа емисија доживеа невиден успех.

Особено печат остави на стилот на Каролина Гочева. Како почна оваа соработка и дали и денес приватно се дружите?

– Минатата 2023 година беше 20-годишнина од соработката со Каролина. Навистина предолг период на соработка и на вистинско пријателство. И до ден-денес, таа е една од моите најблиски пријателки со кои споделуваме добро и лошо и сме си поддршка една на друга. Нашата долгогодишна соработка донесе многу успешни стајлинзи и горда сум што можев позитивно да влијаам на нејзиниот имиџ. Каролина е неверојатен човек и среќна сум што ја имам во моето опкружување.

Дали си строга мајка и што наследи Војдан од тебе? И тој е актер во „Дајте музика“, па колку е тешко во исто време да си и мајка и професионалец додека е снимањето?

– Можам да кажам дека Војдан е машка копија на мене. Горда сум дека заедно со неговиот татко растеме добро и паметно дете со кое можеш да се разбереш и да се договориш за сѐ. Војдан е неверојатно креативен, талентиран за музика и пеење, има уметничка душа и невидена смисла за хумор. Се обидувам да го најдам балансот со него. Строга сум во одредени моменти, но и попустлива тогаш кога сметам дека треба да биде упорен и да ја реалзира својата идеја и намера. Не постои рецепт за идеално родителство. Сите ние се обидуваме да го направиме најдоброто за нашите деца, понекогаш успеваме, но понекогаш и грешиме. Најважното нешто е да ги научиме нашите деца да бидат самостојни и да имаат самодоверба, но во исто време да бидат човечни и емпатични. Војдан е дел од „Дајте музика“ и дефинитивно не е воопшто привилигиран, туку напротив честопати е и „лекција“ за другите деца.

Одлично изгледаш, како ја одржуваш убавината, имаш ли време за вежбање и што мислиш за естетските корекции?

– Ти благодарам на комплиментот. Се обидувам да водам здрав живот и да бидам пример за моето дете, но и за децата од моето опкружување. Среќна сум што новите генерации се многу повеќе свесни за потребата од фитнес, здрава исхрана и спортување, за разлика од генерацијата во која јас растев.

Одлично се чувствувам на свои 46 години, редовно вежбам и здраво се хранам. Иако не сум од оние кои бројат калории и премногу внимаваат на сето тоа. Се обидувам да го најдам балансот и да бидам умерена во сѐ.

Што се однесува за естетките корекции, тоа е одлука на секој човек како сака да изгледа. Јас сум задоволна од она што сум и не би променила ништо кај себе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот