Интервју со Армин Лашет, лидерот на германскиот ЦДУ: Се согласува со Меркел, му се восхитува на Макрон, ја сака ЕУ, а со Зелените е подготвен за коалиција

epa09290057 German Chancellor Angela Merkel (R) and Christian Democratic Union (CDU) party chairman Armin Laschet are seen before the start of Christian Democratic Union (CDU) party congress in Berlin, Germany, 21 June 2021. EPA-EFE/FILIP SINGER / POOL

Многумина сметаат дека коронавирусот го смени светот неотповикливо и работите повеќе никогаш нема да бидат на исто. Армин Лашет не е еден од нив.

Како фаворит за победа на изборите во Бундестагот во септември и за наследник на Ангела Меркел како германски канцелар, тој сака да види брзо враќање на фискалната нормалност и крај на премногу наметливата држава што ги регулира сите аспекти од животот на луѓето.

„Фондот за обнова на ЕУ, финансиран со преземање на долговите од страна на Европската комисија, беше еднократен и не треба да се повторува“, вели Лашет за „Фајненшл тајмс“. Фискалните правила на ЕУ мора да се вратат во сила. И Германија мора да го поврати лимитот на сопствениот дефицит.

„Според правилата од Мастрихт, секоја земја е одговорна за своите долгови“, вели тој. „Основната идеја е да се избегне ситуација кога една земја е одговорна за долговите на друга. Овој принцип сè уште важи.“

Ова е заложба за враќање на статус кво во светот пред пандемијата, кој се чини изгубен за многумина. Лашет негира дека се обидува да го врати „духот на короната“ во шишето: политиката „не е шише во кое ги ставате или ги вадите работите по потреба“. Но, тој не гледа причина зошто животот не може да се врати во старата нормала. Тоа значи враќање на претпазливите, конзервативни политики што помогнаа да се воспостави Германија како водечка сила во Европа.

Кандидат за континуитет

Работата не е завршена, но Христијанско-демократската унија на Лашет сега е во пол-позиција да победи во септември и да ја задржи контролата врз најголемата европска економија. Ќе бидат тоа историски избори што ќе ја спуштат завесата на 16-годишното владеење на Меркел и потенцијално ќе започнат досега непрактикувана коалиција меѓу германскиот десен центар и Зелените.

Лашет, жовијален политичар од Рајнската област со репутација на проевропски либерал, не е вознемирен што го сметаат за кандидат на континуитетот – човекот кој најверојатно ќе го зачува наследството на Меркел.

Армин Лашет/ Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Средбата со него е во државната канцеларија на Северна Рајна-Вестфалија, широкиот регион со 18 милиони жители, што го водеше во последните четири години. По изборната победа на ЦДУ на почетокот на јуни во Саксонија-Анхалт, на другиот крај од државата, расположението во таборот на Лашет се поткрена – ЦДУ освои неочекувани 37 проценти од вкупните гласови. Наеднаш, се чини дека Лашет и неговата партија го зауздаа немилосрдниот подем на Зелените, кои освоија скромни 6 проценти од гласовите. Возбудата на Зелените предизвикана со номинирањето на 40-годишната пратеничка Аналена Баербок за свој кандидат за канцелар во април – жена со ѕвезден квалитет, без искуство во Владата – се чини дека сега е потрошена.

„Се разбира, има извесен ентузијазам на нејзиниот почеток… Се работи за млада и компетентна жена од Зелените која се стреми да стане канцелар“, вели Лашет.

Но, судејќи според најновите анкети, ЦДУ има 29,5 проценти поддршка, а Зелените 21,5 проценти, па Лашет вели дека „луѓето почнуваат суштински да размислуваат“ и да се определуваат за најкредибилната партија – особено за прашањата од економијата. Таа супстанца беше искористена минатиот понеделник кога ЦДУ, во Берлин, го презентираше својот изборен манифест на 139 страници.

Сепак, на рангирањето на популарноста на германските политичари, Лашет сè уште заостанува зад своите ривали. „Луѓето се чини дека го сакаат како лик – тој зрачи со добро расположение и пријатност“, вели Јирген Фалтер, политиколог на Универзитетот во Мајнц. „Но, не се сигурни дека е способен да носи тешки одлуки и да ги спроведува. Тој едноставно не зрачи со челичните лидерски квалитети на некој како Конрад Аденауер“, легендарниот германски повоен канцелар.

Борба за моќ

Дури и некои во неговата партија се сомневаат дека тој ги има вистинските квалитети за да управува со Германија. На натпреварот за лидер на ЦДУ, Лашет тесно го победи корпоративниот адвокат милионер Фридрих Мерц, посакуван на конзервативната ранг-листа. И во неговиот обид да ја води десноцентристичката партија на изборите во септември, мораше да се судри со Маркус Содер, премиерот на Баварија, кој за време на пандемијата израсна во најпопуларен германски кризен менаџер – веднаш зад Меркел.

Голем број пратеници демохристијани, десетици шефови на локални партии, па дури и некои регионални гувернери го поддржаа Баварецот, убедени дека десниот центар има поголеми шанси да победи со него како нивен кандидат. Борбата за моќ го изложи на длабоки раздори германското конзервативно движење, како и меѓу ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија ЦСУ.

Лашет инсистира дека конфликтот сега е завршен и дека тоа е една од причините зошто рејтингот на ЦДУ во анкетите почнува да се стабилизира. „ЦДУ и ЦСУ беа вовлечени во внатрешен конфликт, овие мали борби скоро секогаш се рефлектираат во анкетите“, вели тој. Тоа е сега зад нив. „Сега е прашање да се одлучи кој ќе ја извади Германија од пандемијата. Кој може да ги реши нашите економски проблеми? Кој може да усвои климатски политики што не ѝ штетат на конкурентноста на Германија? И мислам дека луѓето знаат дека ова се основните надлежности на ЦДУ.“

Тоа е тема на која Лашет постојано се навраќа. Ја прифати целта за постигнување јаглеродна неутралност до 2045 година, но се плаши од загрозување на статусот на Германија како индустриски двигател. „Дваесет проценти од работните места [тука] се во индустријата. Во челичната, хемиската, автомобилската индустрија. Тоа се важни економски сектори и клучни индустрии во нашата земја. Ние сакаме да останат такви и во идните 20 години.“

Кон европскиот устав

Токму во ваквите политички ставови Лашет е во најизразено сродство со Меркел. Како неа, тој се залага за попретпазлив пристап кон Кина, најголемиот трговски партнер на Германија, и е загрижен дека некои во САД се обидуваат да иницираат нова Студена војна со Пекинг. Како и Меркел, и тој го поддржува контроверзниот гасовод „Северен поток 2“ што ќе го прошири обемот на гасоводните цевки директно од Русија до Германија, преку Балтичкото Море, а за што некои од сојузниците на Берлин стравуваат дека ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот извоз на енергија.

Армин Лашет Фото: MICHAEL KAPPELER / AFP / Profimedia

Но, за Европа, неговиот тон е поентузијастичен од оној на Меркел. Тој навестува дека, како канцелар, повеќе ќе се заложи за поблиска европска интеграција – со зборови што силно ја будат про-ЕУ реториката на францускиот претседател Емануел Макрон, човек на кој отворено му се восхитува.

„Сѐ на сѐ, мислам дека ни треба сè поблизок сојуз“, вели Лашет за Унијата. „Ни треба повеќе квалификувано мнозинство, вклучително и во надворешната политика. Потребен ни е посилен економски комесар. Треба да тргнеме кон заедничка економска политика, не само кон заедничка монетарна политика. И кон европски устав.“

Неговата посветеност кон Европа е секому очигледна. Во неговата канцеларија е поставена елегантната рококо-маса на која Меркел и Макрон го потпишаа Договорот од Ахен во 2019 година, обврзувајќи ги своите две земји на подлабока соработка во надворешната, одбранбената и економската политика. Во еден агол стои статуа на Карло Велики, кралот на Франките и „таткото на Европа“. Братот на Лашет, Патрик, силен генеалог, тврди дека нивното семејство потекнува токму од него.

Значи, повеќе Европа – иако и неговиот ентузијазам има свои граници. Тој останува против прогласувањето заеднички долг на ЕУ. Корона-фондот за обнова беше „експресен одговор на пандемијата, уникатна ситуација.“ Тој се противи и на секој обид за релаксирање на „сопирачката за долгови“ на Германија, нејзината законски утврдена граница на буџетски дефицит. Кочницата „е во Уставот, треба да остане во Уставот и не треба да се омекнува.“

Домашен фокус

Сепак, тој е пофлексибилен во однос на прашањето за домашните реформи. Пандемијата ги откри вистинските недостатоци во Германија, кои Лашет вети дека ќе ги исправи: луѓето беа шокирани од болно бавниот почеток на кампањата за вакцинација, за тоа колку лошо бил подготвен образовниот систем за учење од дома и колку многу Германија заостанува во дигитализацијата. Агенциите за јавно здравје сè уште во голема мера едни со други комуницираат преку факс.

Затоа Лашет вети „деценија на модернизација“ за да ги реши тие проблеми, обврзувајќи се да создаде ново дигитално министерство, со големи инвестиции за да го подобри пристапот на руралните заедници до брз Интернет.

Негова е идејата за создавање „Германски фонд“ за мобилизирање пари од јавниот и приватниот сектор за инвестиции во инфраструктурата. Критичарите сметаат дека тоа е обид за умилкување на Зелените, кои сакаат да ги зголемат јавните инвестиции за 50 милијарди евра годишно.

„Отворен сум да размислувам за модели на соработка со приватен капитал. Но, се разбира, не можеме да дозволиме да се појави ситуација кога ја заобиколувате владината политика за менаџирање на долговите. Значи, сѐ мора да се направи според правилата за стабилност на државата.“

Иако е нејасно кој точно ќе управува со Германија по септември и во каква коалиција, Лашет изразува уверување дека и за други прашања ЦДУ и Зелените ќе можат да ги надминат своите разлики. Верно на нивното пацифистичко потекло, Зелените ја отфрлаат целта што Германија ја постигна во 2014 година за трошење на 2% од својот БДП за војската. Но, и тука е можен компромис – можеби ако се продолжи рокот за постигнување на целта.

„Ќе биде важно партиите од новата германска влада да се обврзат на оваа цел во договорот за коалиција“, вели тој. „Но, како ќе се постигне таа цел, тоа е прашање на преговори за буџетот.“

Дури и на темата за „Северен поток 2“, на кој Зелените цврсто се спротивставуваат, Лашет навестува приближување на ставовите – барем во една точка. Германија, вели тој, не може без гасоводот – бидејќи ги исклучува своите централи на јаглен и нуклеарните реактори, таа ќе стане сѐ повеќе зависна од увезен гас.

Зелена „Пица врска“

Сепак, тој признава дека може да се стори повеќе за да се заштити Украина од рускиот притисок. Германија мора, вели тој, да спречи „Северен поток 2“ да биде „користен како геополитички инструмент против Украина“, којашто гасоводот ја заобиколува.

„Вистинскиот проблем е прашањето на геополитичките интереси и стабилноста на Украина, како и на земјите членки на ЕУ на исток“, вели Лашет. „Интересите на Украина мора да бидат заштитени. Ако Русите не се држат до тоа, основата на договорот за ‘Северен поток 2’ ќе престане да постои.“

Иако остануваат длабоки несогласувања меѓу ЦДУ и Зелените – особено околу зголемувањето на даноците, што Зелените го сакаат, а ЦДУ го отфрла – минатото на Лашет сугерира дека тие недоразбирања можат да се премостат. Како млад пратеник во Бундестагот во 90-тите години тој беше дел од „Пица врската“, група млади политичари од Зелените и ЦДУ кои редовно се состануваа во пицерија во Бон, а тој остана близок со голем број нејзини членови, како што се Чем Оздемир, еден од најистакнатите политичари на Зелените.

„За ЦДУ, Зелените веќе не се плашилото што некогаш беа“, вели тој. Времињата се сменија, конзервативците веќе управуваат со еко-партии во двете западни држави, Баден-Виртемберг и Хесе. Коалициите се „можни и на федерално ниво и во Берлин“.

„Но, тие ќе бидат предизвик“, додава тој. „Погледнете ја надворешната политика, ‘Северен тек 2’, Кина, Русија, Турција – Зелените имаат еднострана и упростена позиција за повеќето од овие прашања. Но, не е невозможно да се собереме заедно“.

 Политика за преиспитување

Сепак, постои едно прашање каде што јазот помеѓу Лашет и Зелените ќе биде исклучително тешко да се надмине – а тоа е улогата на државата. Лашет е класичен либерал кој се бореше со масивните ограничувања на личната слобода наметнати во пандемијата. Како активен католик, за него особено беше проблем забраната за верски обреди при првиот карантин минатата година. Лашет се плаши дека некои од левата страна подготвуваат слични интервенционистички политики за справување со климатските промени.

„Методот за справување со короната не е општо применлив метод за спроведување напредни политики“, вели тој. Таквиот метод подразбира државата да им кажува на луѓето каква маска да носат, колку пати да се тестираат за коронавирус, кога може да се отворат продавниците и игралиштата. „Сè беше регулирано, а презедовме милијарди долгови за да ја платиме целата штета од пандемијата, со сите принудни регулативи.“

Последицата од „корона-методот“ е што „многу луѓе мислат дека тоа е начинот на кој можеме да ја водиме владата. Така да спроведуваме економска политика. Така да правиме климатска политика. А мојата порака беше – тој начин мора да го преиспитаме.“

Таа критика тој често ја искажуваше за време на пандемијата. Германските весници, пак, често го прикажуваа Лашет како колеблив и нерешителен, кој не сака да донесе тешки одлуки неопходни во криза. Од друга страна, на Содер се гледаше како на решителен водач кој дејствуваше брзо, за да се воведе карантин и полициски час.

Лашет ја отфрла ваквата карактеризација како медиумска возбуда. Главната разлика беше во тоа што „јас секогаш велев дека кога инциденцата [на нови инфекции] паѓа, на луѓето мора да им се вратат основните одземени права“, вели тој. „Потребно е повторно отворање.“

 Тој и Меркел

Но, овие ставови понекогаш го доведуваа во расправија со жената која пред пандемијата се сметаше за негова најблиска идеолошка сојузничка – Ангела Меркел. Минатата година таа ги критикуваше дебатните „оргии“ за отворањето на економијата, во она што многумина го толкуваа како „поздрав“ за Лашет. На почетокот годинава, Меркел отворено го критикуваше за неуспехот да се примени „сопирачката за итни случаи“, владина мерка за наметнување локални карантини штом новите корона-случаи ќе достигнат одреден праг.

Лашет признава дека неговиот „понијансиран“ став понекогаш бил помалку популарен од другите, построги пристапи, „а можеби и попредизвикувачки да се пренесе во јавноста, бидејќи многу луѓе [сакале] поедноставни правила и мерки“. Тој не се откажува: „Уставот важи и за време на пандемија.“

Тој е потполно свесен дека неговиот однос со Меркел ќе биде главната точка на дебата за време на изборната кампања. Иако многу се говори за сличностите – Лашет славно ја поддржа нејзината одлука да ги задржи границите на Германија отворени за време на бегалската криза – тој сака да ги истакне разликите со Меркел, особено неговите длабоки корени во политичките традиции на Западна Германија.

Неговиот роден град е Ахен, во срцето на Европа, сместен близу до границите со Франција и Белгија. „Јас сум католик, од западот на Германија. Јас сум Европеец уште од моето раѓање “, вели тој. Спротивно на тоа, Меркел „порасна и живееше во поранешна ГДР, близу полската граница, ќерка на протестантски пастор“.

„Овие биографски разлики ги обликуваа нашите личности, нашиот стил на политика“, вели тој. „Но, за основните прашања се согласувам со неа“.

Лашет за Меркел

Неговиот роден град е Ахен, во срцето на Европа, сместен близу до границите со Франција и Белгија. „Јас сум католик, од западот на Германија. Јас сум Европеец уште од моето раѓање “, вели тој. Спротивно на тоа, Меркел „порасна и живееше во поранешна ГДР, близу полската граница, ќерка на протестантски пастор“.

„Овие биографски разлики ги обликуваа нашите личности, нашиот стил на политика“, вели тој. „Но, за основните прашања се согласувам со неа“.

Лашет и Зелените

Иако остануваат длабоки несогласувања меѓу ЦДУ и Зелените – особено околу зголемувањето на даноците, што Зелените го сакаат, а ЦДУ го отфрла – минатото на Лашет сугерира дека тие недоразбирања можат да се премостат. Како млад пратеник во Бундестагот во 90-тите години тој беше дел од „Пица врската“, група млади политичари од Зелените и ЦДУ кои редовно се состануваа во пицерија во Бон, а тој остана близок со голем број нејзини членови, како што се Чем Оздемир, еден од најистакнатите политичари на Зелените.

Лашет и пандемијата

Лашет признава дека неговиот „понијансиран“ став понекогаш бил помалку популарен од другите, построги пристапи, „а можеби и попредизвикувачки да се пренесе во јавноста, бидејќи многу луѓе [сакале] поедноставни правила и мерки“. Тој не се откажува: „Уставот важи и за време на пандемија.“

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (26-27 јуни 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот