проф. д-р Огнен Марина, архитект

Интервју со архитектот Огнен Марина: Исклучително важно е да ги разбереме процесите што го обликувале нашиот град

Книгата „The Skopje Project“ од авторот и уредник, проф. д-р Огнен Марина, професор и поранешен декан на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, публикува дел од минатото на Скопје, a дава визија и за неговиот понатамошен развој.

Публикацијата „The Skopje Project“, објавена на англиски јазик во издание на „Арс ламина“, е дело што ја отвора една од најзначајните урбани, архитектонски и политички приказни на Скопје: обновата на градот по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година.

Промоцијата на книгата се одржа пред 15-ина дена во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје, а промотори беа проф. д-р Алесандро Армандо од Политехничкиот факултет во Торино, со кого Огнен Марина соработува веќе 15 години, и проф. д-р Владимир Мартиновски, Декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Проф. д-р Огнен Марина, архитект, професор и истражувач на урбаните трансформации на Скопје, со ова дело ја продолжува својата долгогодишна научна и професионална посветеност на градот.

Промоцијата на Вашата публикација „The Skopje Project“, објавена на англиски јазик од „Арс ламина“, привлече сериозно внимание од стручната фела. За каков професионален и личен проект станува збор?

– Скопје со својата уникатна историја обликувана од честите разурнувања има специфичен развој, особено во последните 100 години, низ кој се случува модернизацијата, но и обновата на градот по земјотресот во 1963 година. Всушност, со постземјотресната обнова на градот и улогата на ОН во тој процес, Скопје се појавува на светската мапа како ниту еден друг град во регионот, па и во светот, кој се издвојува како по процесот низ кој е организирана обновата, така и со резултатот од таа обнова, односно архитектурата. Тоа е моментот кога Скопје станува пример на светската солидарност, но уште повеќе, место каде светското знаење ќе биде ставено во функција на изградба на еден град. Тоа е урбанистички, но и политички преседан кој до ден-денес ќе остане уникатен пример како архитектонските и урбанистичките идеи за градот можат да влијаат на развојот на општествата и човечките заедници.

Процесот низ кој се реализирал овој „светски проект“ како што го замислува Ернест Вајсман, човекот што стои зад идејата за Скопје како место на светската солидарност и соработката на светските експерти, е сам по себе огромен предизвик за научно и архитектонско истражување. Книгата „The Skopje Project“ е резултат на повеќегодишна истражувачка активност и интерес за процесите што ги обликуваат нашите градови и е меѓу ретките записи што нудат научен, но и документарен запис за оваа уникатност на Скопје.

Промоција на публикацијата „The Skopje Project“ во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје / Фотографија: Никола Грнчаров

Генезата на публикацијата лежи во меѓународната конференција „The Skopje Project“, одржана во 2023 година. Кој тогаш беше присутен во Скопје и со каков повод?

– Во јуни 2023 година, како декан на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, по повод 60 години од скопскиот земјотрес и 110 години од раѓањето на Кензо Танге, имав можност да ја организирам конференцијата „The Skopje Project“. Основната идеја на конференцијата беше, 60 години по земјотресот, во Скопје повторно да се соберат врвни светски архитекти, но и врвни научници и експерти. Така, на моја покана, во Скопје пристигнаа архитектот Су Фуџимото од Јапонија, кој е инаку и креатор на објектите на ЕКСПО 2025 кое се одржа во Осака, и Рејнер де Граф од светски познатото архитектонско студио ОМА од Холандија.

Покрај нив на конференцијата земаа учество и експерти за Кензо Танге од Универзитетот во Пенсилванија, за Бакема од ТУ Делфт, за Доксијадис од Атина и други. Нивната улога беше да го прикажат процесот, но и контекстот во кој работеле овие светски архитекти и влијанието на различните теоретски, но и политички концепти и идеи во креирањето на плановите за обнова на Скопје.

Зошто беше неопходно да се објави оваа публикација, и тоа на англиски јазик, две години отпосле?

– Досегашните научни истражувања за постземјотресната обнова на градот главно се фокусирани на одредени објекти или автори, со фокус на бруталистичката архитектура. Тоа е особено важен процес што е и релативно нов, односно ваквите истражувања добиваат на значење во последните 10-15 години. Сепак, документирањето на поединечните објекти и нивните автори не е доволно за разбирање на процесот кој ја создал таа архитектура, ниту, пак, за подлабоко разбирање на контекстот во кој работеле авторите, потеклото на нивните идеи, како и создавањето на самите дела.

Книгата „The Skopje Project“ го истражува и го осветлува токму тој контекст во кој архитектите делувале и ги става нивните идеи и дела во поширок контекст на светските урбанистички теории и архитектонски концепти. Лоцирањето на архитектонската продукција од постземјотресната обнова на Скопје во рамките на процесите и делата што ја обликувале светската архитектонска сцена само по себе укажува на потребата оваа книга да биде достапна и разбирлива за поголем број истражувачи и заинтересирани читачи, па оттука и одлуката таа да биде на англиски јазик. Со тоа се овозможува поширока афирмација на еден исклучително важен период за нашата понова историја, но и се утврдуваат научни знаења што можат да бидат основата на некои идни истражувања.

Со книгата „The Skopje Project“ се дава јасен идентитет на процесот на постземјотресна изградба на градот, која и ден-денес го дефинира развојот на градот, што овозможува и негова јасна афирмација и препознатливост во пошироката научна и архитектонска јавност.

Како е структурирана публикацијата, имајќи предвид дека покрај авторството самиот сте и уредник?

– Книгата има два дела. Првиот се состои од текстовите на истражувачите и започнува со мојот текст со ист наслов во кој се објаснува идејата за процесот на постземјотресната обнова како „The Skopje Project“. Потоа следат текстовите посветени на Ротивал, Доксијадис, Танге и Бакема, со акцент на нивните идеи за Скопје, теоретскиот контекст во кој ќе бидат формулирани тие идеи и особено политичкиот и општествениот контекст во кој тие делуваат.

Во книгата ќе можете да прочитате за бројните контроверзии, но и политички конфронтации што јасно ќе го одразуваат биполарниот политички контекст во 1963 година и улогата на Скопје како место на нивно креативно соочување. Истовремено, овој натпревар помеѓу различните општествени и политички концепти, ќе биде и натпревар помеѓу различни автори и нивните светогледи, искуства, влијание и умешност да бидат архитекти, но и искусни преговарачи и стратези. Авторските текстови во книгата, исто така, покажуваат и силни критички позиции кои се движат од разочараноста од степенот на реализација на проектот на Танге и многубројните недоследности во реализацијата, па сѐ до специфичностите на идеите на Бакема и пристапот на Доксијадис. Ова е одлична основа за полемички идни истражувања и дебата со некоја нова генерација на истражувачи.

Вториот дел е, всушност, селекција од исклучително богатата архива на фотографии од Киро Георгиевски, официјалниот фотограф на Советот на Град Скопје во времето на скопскиот земјотрес. Оваа важна архива се наоѓа во скопското одделение на Државниот архив на Северна Македонија, со чија огромна поддршка, за првпат е публикуван во овој формат. Во овој единствен документарен запис можете да ги видите првите моменти по земјотресот и разурнувањето на градот, но и многубројните посети на Скопје на светските политичари и претставници на кралските семејства.

Исто така, прикажан е и мал дел од работата на меѓународниот борд на експерти предводен од Ернест Вајсман, како и претставувањето на проектите од Кензо Танге и другите архитекти. Овој историски запис е објавен во неговата оригинална форма, без дополнителна обработка или, пак, толкување, со цел да биде јавно достапен и да провоцира нови истражувања.

Алесандро Армандо, Огнен Марина и Владимир Мартиновски

На некој начин, „The Skopje Project“ е историска студија за реконструкцијата на Скопје. Која е основната идеја што ја промовира книгата?

– Основната идеја на книгата е дека е исклучително важно да ги разбереме процесите што го обликувале нашиот град, исто како и контекстот во кој ќе се одвиваат тие процеси. Разбирањето на историјатот на урбанистичките идеи и архитектонските концепти што го обликувале градот е суштински за да разбереме зошто се појавиле тие решенија, како биле замислени и кои се нивните вредности што го дефинираат и вредносниот систем низ кој ние можеме да размислуваме и да ја градиме иднината на градот.

Како што е и наведено во книгата, Скопје ќе остане клучна и критична точка во историјата на 20 век, особено низ призмата на историјата на Обединетите нации и локалната заедница, но и потсетник на амбициите, желбите, очекувањата и реалноста на архитектурата и урбанизмот, како и на нивните теории и пристапи во замислувањето, проектирањето, планирањето и градењето на нашите градови.

Во архитектонска и урбанистичка смисла, како минатото може да влијае врз иднината на градот Скопје?

– Процесот на модернизацијата на градот, кој се одвивал во последните 100 години, суштински го определил развојот на Скопје, но ја дефинира рамката во која градот и денес, но и утре ќе се развива. Препознавањето и разбирањето на вредностите кои биле вградени во овој процес на обнова на градот е суштинско за разбирањето на идентитетот на градот. Тој урбан идентитет не е определен само од минатото и културното наследство, туку тој активно, во континуитет, се создава и денес. Ние и денес продолжуваме да го градиме градот, но главното прашање е кои се вредностите што ние денес ги создаваме со таа изградба.

Затоа разбирањето на процесите што ги создале тие вредности е суштинско, не само за образованието на идните архитекти, туку и за подобро разбирање на градот од неговите граѓани и, секако, за подобро планирање и обликување на современо Скопје. Само преку подобро разбирање на процесите, институциите и луѓето што ја водеа и ја обликуваа постземјотресната обнова можеме да започнеме да го расплетуваме ова сложено наследство на проектот за Скопје. Истовремено и веројатно на многу парадигматичен, но и длабоко парадоксален начин, Скопје ќе остане и еден од најсилните докази за слабостите на големите идеи, архитектонски концепти и социјални конструкти.

Промоцијата на публикацијата се одржа како дел од уште една голема меѓународна конференција „Shaping Skopje’s Future“, со која Скопје ја отвора својата нова европска развојна перспектива во пресрет на 2028 година, кога ќе биде Европска престолнина на културата (ЕПК). Какви можности отвора оваа титула?

– Титулата Европска престолнина на културата во 2028 година отвора извонредни можности за Скопје. Проектот насловен „Култура над поделби“ е обид културата да се конципира како јавна инфраструктура и средство за социјална кохезија во развојот на градот. Тоа е нова и драматична промена во пристапот кон културата како формативен и трансформативен принцип на градот, при што, проектот се обидува да понуди визија што не е само формална, туку отвора можност за создавање долгорочни придобивки во урбаниот развој, културата и живеењето на градот.

Главната разлика е во принципот, дека културата не се третира како скап украс на општеството, туку како долгорочна инвестиција во квалитетот на урбаното живеење, инклузивноста на општеството и европската интеграција. Планот за реализација на овој проект во себе содржи програмски дел кој ќе ги артикулира и поддржи бројните уметнички и културни проекти и настани, но и дел со проекти за урбана трансформација на градот, задвижувана од културата. Ова е сосем нов пристап во развојот на градот и во себе содржи исклучително важна енергија која произлегува од културната сцена во градот, но и од пошироката, европска димензија на развојот на културата и градот.

Ние и денес продолжуваме да го градиме градот, но главното прашање е кои се вредностите кои ние денес ги создаваме со таа изградба

Верувате ли дека Скопје ќе успее да се подготви за 2028 година?

– Да, верувам. Реализацијата на првиот повик за проекти за програмскиот дел од Скопје ЕПК 2028, кој беше со релативно скромен буџет во однос на планираните инвестиции во тој сегмент, донесе огромен број апликации во кои, покрај домашните автори и организации, доминираат апликации од автори од уметностите и креативните индустрии од Европската Унија. Тоа е сигурен показател за интересот, но и важноста на овој проект за Скопје. Истовремено, Град Скопје започна со подготовките за повеќе проекти за урбани трансформации, од стратешки документи, па сѐ до проектирање нова просторна, одржлива и инклузивна парадигма на градот.

Како лично ја гледате иднината на Скопје и по 2028 година, имајќи предвид дека на поединечни локации владее урбанистички хаос, а старите градби се заменуваат со повеќекатни згради?

– Во една од моите колумни во „Слободен печат“ напишав дека во овој момент, граѓаните на Скопје, за жал, повеќе се подготвени да поверуваат дека градот ќе пропадне, отколку дека може да се смени на подобро. Идејата на Скопје Европска престолнина на културата во 2028 година е да направи граѓаните на Скопје повторно, исто како и по земјотресот, да веруваат во подобра иднина на градот. Нашата обврска, како граѓани, а особено како архитекти, урбанисти и интелектуалци, е оваа верба да им ја вратиме на скопјани.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 331, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот