Интервју со Ален Исламовиќ: „Бијело дугме“ полека заминува од сцената, а песните ќе останат по нас
Еден од највпечатливите поп-рок пејачи во поранешна Југославија, Ален Исламовиќ (68), ќе одржи солистички концерт во Скопје на 15 мај од 20 часот во Филхармонија, во организација на продукцијата „Евентум“.
Препорачано
По речиси 50 години на сцената, со богата и интензивна солистичка кариера и голема популарност со „Бијело дугме“ и „Дивље јагоде“, Исламовиќ вели дека останал истиот. Својата Маријана ја запознал кога таа имала 16 години, а тој 22. Денес имаат две ќерки и внуци, а она што го одмара покрај музиката е плантажата со лешници во родниот Бихаќ.
За семејството, за „Бијело дугме“, за неговиот живот дома и „на тркала“, Исламовиќ искрено зборува за „Слободен печат“.
Каков ќе биде скопскиот концерт во Филхармонија, каков репертоар ни подготвувате?
– Во Скопје ќе ги свириме песните од мојата кариера кои многу ми значат во животот. Колку што тие песни дадоа придонес за групите во кои бев, толку и ме изградија мене како вокал. Многу ми е важно да ги пеам овие песни, а публиката одлично ги знае.
Со оглед на интензивното темпо на турнејата со„Бијело дугме“ и соло настапите, пишувате ли нови авторски песни?
– Новиот албум е сè уште во фаза на снимање на инструментите. Аранжманите се веќе поставени и многу сум задоволен од тоа како звучат. Имам словенечко-американски продуцент, Мекмилан, кој точно знае што ми треба. Создаваме еден „нов Ален“ на темелите на кои сум најсилен, а тоа се рокот и попот. Сите музичари ќе бидат странци, бидејќи сакаме да постигнеме светска продукција — топла и цврста, со добри и здрави пораки во текстовите, а свирачки да биде на врвно ниво.

Колку славата ве промени како човек во приватниот живот, дали моравте свесно да ја „спуштате топката“ за да останете истиот?
– Како што го носи животот, така јавната личност треба и да се однесува. Останав ист, непроменет. Единствено што носиш на грбот се повеќе години, но годините не се товар ако го сакаш тоа што го работиш.
Кој беше најтешкиот момент во вашата кариера, дали некогаш сериозно сте размислувале да се откажете од музиката?
– Немало такви моменти за целосно запирање во музиката. Паузи имало, но да си заминам од сцената — сè уште не. Гласот добро ме служи, тоа ми е најважно, така што имам уште многу за пеење и уште многу нови пораки за испраќање.

Постои ли нешто што денес би го направиле поинаку кога ќе се навратите на периодот на најголемата популарност?
– Не би менувал ништо. Би го повторил сето ова исто, бидејќи моите патишта и мојот живот можев да ги кројам само јас и никој друг. Своите одлуки ги носев по чувство и во моментот кога требаше да бидат донесени. Јас се создавав себеси, никој друг не ме создаде и на тоа сум горд.
Има ли некоја нераскажана приказна од актуелната турнеја со која „Бијело дугме“ слави 50 години?
– „Бијело дугме“ сè раскажа и полека заминува од сцената, а песните ќе живеат и по нас.
Колку концерти отсвиривте во изминатите две години со „Дугме“, каде сè бевте и како и денес успевате да го издржите интензивното темпо на турнеи и настапи?
– Имавме околу 40 концерти. Мислам дека последниот ќе биде во Белградската арена во ноември. Тогаш го објавувам мојот солистички албум и ќе им се посветам на сопствените промоции и концерти.
Вашата плантажа со лешници во околината на Бихаќ стана речиси подеднакво позната како и вашата музика. Колку таа ве опушта и ве враќа во баланс?
– Да се занимаваш со земјоделство е одмор и бегство од оваа работа, бидејќи од природата треба да се собере нова енергија.

Вашата сопруга Маријана имала 16 години кога се запознавте. Денес имате две ќерки и внуци. Беше ли тешко да се одржи бракот и семејната стабилност?
Да го организираш семејството е вистинска умешност за човек кој е постојано „на тркала“ повеќе од 40 години. Успеавме да се зачуваме бидејќи верувавме еден во друг и како целина не дозволивме никаков „вирус“ да влезе во семејството.
Користите ли вештачка интелигенција и што мислите, постои ли кај луѓето и понатаму она вистинското, човечкото?
– Вештачка интелигенција не користам, ниту ја прашувам што мисли, бидејќи е студена и нема емоции какви што имаат мажот или жената. Тоа во моментов е играчка и за неуките текстописци и автори. Сите мислат дека можат да бидат композитори, а тоа веднаш се препознава. Изминатава година добив околу 1.000 такви песни кои немаат никаква смисла, а особено немаат емоција.
Но, што можеме, сме добиле играчка, па луѓето си играат композитори. Исто како кога ги добивме мобилните телефони и социјалните мрежи — сите станавме новинари, судиме, плукаме, критикуваме, делиме совети, ја расфрламе паметта, стануваме претседатели на држави, селектори на репрезентации и клубови. Се караме, војуваме по светот и повеќе мразиме отколку што сакаме. Тоа е реалноста на денешницата и на мобилните телефони кои му овозможуваат секому да има своја „телевизија“ и да каже по „некоја паметна“.


