Интервју со актерот, режисер и продуцент, Лазар Ристовски: Филмот го доживувам како вистина
Лауреат на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ е Лазар Ристовски, кој со особено задоволство дојде во Македонија да ја прими наградата што го носи името на големиот македонски актер Мето Јовановски.
Препорачано
Големиот актер, режисер и филмски продуцент Лазар Ристовски пред да замине во Дојран, каде на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ на 9 август ќе му биде врачена наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот, имаше средба со новинарите во Скопје.
На средбата тој гордо го истакна своето македонско потекло по татко, кој потекнува од Мариово, а објасни дека самиот е роден во Војводина. Лазар Ристовски речиси 50 години се занимава со актерство, играл во над 70 филмски остварувања, а самиот бил режисер и продуцент на повеќе од 20 филмови.
Во однос на својот ангажман во филмската уметност кажа дека го интересира процесот на работа и дека тој сегмент најмногу го исполнува и најмногу се вложува себеси. Периодот на премиери, црвени ќилими и прес-конференции го сфаќа само како обврска која треба да ја заврши, но со текот на годините сѐ помалку се интересира за тој вид себепромоција.

За актерството рече дека е многу тешка професија, бидејќи актерот треба длабоко да копа во себе за да успее да ја креира улогата што му е зададена. Особено задоволство му причинува што во Македонија дојде за да прими награда што го носи името на големиот македонски актер Мето Јовановски.
Какво лично чувство Ви донесе наградата што ја добивате од земјата од која имате потекло, иако не живеете во неа?
– Средбата со нешто ново секогаш е интересна и секогаш се отвора простор што е нов самиот по себе. Јас сум љубопитен човек и сакам да учествувам во нешто што е ново. Сакам да учествувам во играта. Добивањето на наградата „Мето Јовановски“ ми отвори можност да се сретнам со нови луѓе, да дојдам во Македонија, од каде што е моето потекло, а сето тоа во мене буди убави и возвишени чувства. Во таа смисла се чувствувам многу добро.
Спомнавте дека со Мето Јовановски никогаш не сте играле заедно во филм, но дека сте имале убава комуникација. Мето беше добар и продуховен човек како личност. На кој начин остваривте комуникација со него додека беше жив?
– Никогаш не сме играле заедно, но се сретнувавме на разни фестивали и имавме убава комуникација. Убаво рече Јани Бојаџи кога спомна дека Мето и јас како актери имаме многу сличности, во смисла дека тоа што беше Мето во Македонија, на некој начин јас сум во Србија. Мене многу ме радуваат тие споредби со Мето, бидејќи тој навистина беше посебен човек, поинаков од другите, а актерите многу често се стремат да бидат поинакви од другите. Некои се обидуваат тоа да го направат со сите сили, а на некои сето тоа им оди многу природно. Тој природно беше поинаков од другите.
На средбата со новинарите изјавивте дека за Вас филмот е вистина. Дали тоа е основната мотивација сѐ уште да се занимавате со филмската дејност, или можеби и понатаму копате во себе во потрага по нови внатрешни вистини?
– Моите први средби со филмот беа такви што додека гледам филм го доживувам како сето тоа во филмот навистина да се случува. Кога почнав да работам како актер и како режисер се обидував сето тоа да изгледа природно и да изгледа како да е самиот живот. Тоа ми беше мотив во мојата работа.
Во некои кинематографии во филмот се внесуваат и многу пропагандистички елементи. Како успевате да го одбраните филмот од таквите елементи во Вашите остварувања?
– Има кинематографии што такви елементи користат интензивно и ги користат во секој жанр, во секој вид филм. Ако сакаат да промовираат некое вооружување, тогаш го користат најновиот модел на хеликоптер во филмски сцени, на пример. Како анегдота се зборува дека ако Американците сакаат да направат добар филм, тогаш се во состојба да го убијат својот претседател само за да направат добар филм. Во таа смисла, спремни се на сѐ. Јас не гледам така на филмската уметност. Ниту големите уметници сигурно не гледаат на тој начин. Но, филмската уметност е многу погодна за пласирање на такви пропагандни идеи.
Не знам како е кај вас во Србија, но кај нас во Македонија голем дел од некогашните киносали се затворени, а голем дел од кината веќе не постојат. Бидејќи киното е основната клетка за прикажување на филмовите, каква иднина би можеле да имаат филмските остварувања ако нема киносали?
– Во еден период имаше затворање на киносалите во Србија, но потоа се појави нов момент со отворање синеплекси и мултиплекси, така што сега има многу киносали и речиси секој трговски центар има неколку киносали.
До кога ќе Ве гони филмската магија? Планирате ли да одите во пензија?
– Во пензија сум веќе шест-седум години и верувајте дека никогаш претходно не сум работел толку многу како што тоа е случај во овие години откако сум во пензија. Така што, „нема глумцу смрти до секире“!

Актерска професија – Тежок процес на копање во себе.
– Актерството е многу тешка професија, бидејќи наша алатка е нашето тело и нашата психа и разликата меѓу актерите се состои во тоа колку се храбри да копаат во себе и во својата психа. Оние што се храбри да копаат подлабоко, пожестоко – тие се поголеми актери. Тоа не значи дека тоа ќе се види на нивните лица, некој глуми лесно, без оглед колку копал во себе и што сѐ нашол. Кај некои актери тоа се гледа во смисла на напор и грч, има актери што се потат, има некои кои лесно минуваат низ тоа…
Јас сум некаде помеѓу – не се потев премногу, но доживував тежок процес. Во последно време малку глумам, но и немав некои понуди кои би ме мотивирале. Имав среќа да работам со некои што се светска елита и во театар и на филм, така што таквите актерски предизвици ги поминав, бидејќи актерот глуми најмногу за режисерот, тој му е огледало додека ја работи својата работа и во театар, додека траат пробите, актерот со едно око гледа како реагира режисерот – раскажа Ристовски.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 293, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.8.2025)


